Лисната болва на луковите култури драстично ја намалува пазарната вредност на произведената храна

Лисната болва на луковите култури драстично ја намалува пазарната вредност на произведената храна

 

При одгледување на млад кромид спиралното увртување на најстариот лист претставува симптом на напад од лисната болва на луковите култури. Овој карактеристичен симптом настанува поради различниот пораст на здравото ткиво и ткивото оштетено од убодот од усниот апарат и самата исхрана на штетникот. Подоцна, во текот на летото кај веќе развиените растенија ваквите симптоми не се забележуваат. На развиените растенија, особено кај празот, се појавуваат карактеристични некрозни лезии со жолта боја по должината на растението.

Лисната болва со латинскиот назив Bactericera tremblayi е полифагна врста. Ги напаѓа луковите култури (лук, кромид и праз), зелјестите растенија, пиперката и морковот.

Има голем број на генерации (5-7) и презимува во стадиум на имаго во растителните остатоци. Во рана пролет имагото се активира и се храни од соковите на растенијата. При процесот на исхрана тие испуштаат лепливи сокови, идеални за развој на габите чадливки со што листовите добиваат црна боја. Изгледот на растенијата кои што биле под напад на лисната болва не е добар и најчесто им се намалува економската вредност.

По основата и на должината на листот женските единки на карактеристичен начин ги полагаат јајцата, односно јајцата не ја допираат површината на листот туку се подигнати со помош на тенко стапче. Јајцата се овални и жолтеникави, прицврстени на листот со помош на дршка која што е двапати подолга од должината на јајцето. Бројот на положените јајца во просек изнесува 200 и нивниот развоен стадиум трае од 6-12 дена. Целиот развоен циклус на една генерација во лето трае 20-30 дена, а во пролет и во есен од 40 до 70 дена. Поради оваа карактеристика на полето се наоѓаат сите развојни стадиуми.

Лисна болва лукови култури полагање јајца

Карактеристично полагање на јајцата

Како превентивна мерка секогаш треба да биде плодоредот. Дополнително, сите растенија кои што се нападнати од страна на инсектот се отстрануваат поединечно, а се отстрануваат и сите растителни остатоци и се препорачува обработка на почвата веднаш по вадење на кромидот.

Младиот кромид влегува во исхрана на човекот за многу кратко време од неговиот развиток и не се препорачува користење на инсектициди, освен во случај на голем напад. Доколку бројноста на положените јајца е преголем и може да го загрози целокупното производство времето на аплицирање на инсектицидот треба да се совпаѓа со периодот кога има најголем процент на испилени ларви. Исто така, апликација на инсектициди ја намалува и популацијата на другите инсекти кои се природни предатори. Златооки, предаторски стеници и бубамари се природни непријатели на луковите болви и се препорачуваат при имплементација на биолошки мерки за сузбивање.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури