Запознајте го штетникот кој сериозно може да го намали приносот во производството на малини

Запознајте го штетникот кој сериозно може да го намали приносот во производството на малини

 

Штетникот Малинова буба  е распространет во цела Европа, како и во поголемиот дел од Азија. Претставува еден од најзначајните штетници во производството на малина. Ги напаѓа плодовите, цветовите и цветните папки и може да причини големи штети во насадите со малина. За успешна превенција и сузбивање на било кој штетник е препорачливо подобро запознавање во смисла на едукација за изгледот, механизмот на правење на штети, период на појавување, како и биолошките, механичките и хемиските методи  за превенција и сузбивање.

Малиновата буба има овално тело со должина од 4 милиметри и темна боја. Телото е целосно покриено со голем број на влакненца кои имаат жолтеникава боја. Машките единки се малку помали за разлика од женските. Во стадиум на ларва има должина од 6 милиметри, а во стадиум на кукла е со должина од 4-5 милиметри.

возрасна малинова буба

возрасна малинова буба. Извор: Scottish Crop Research Institute

izgled na jajce larva i kukla

Извор: Scottish Crop Research Institute

Најактивни се при зголемување на температурите (над 15°C) во месецот април. Првин се наоѓаат на цветовите од јаболко, вишна, цреша и слива. При повисоки температури, инсектот се префрлува кон малиновите насади и ги прави првите штети. Возрасните единки се хранат со цветовите и пупките на малината и при размножување јајцата ги снесуваат во пупките. Исто така, од кога ќе се развијат ларвите и тие започнуваат со исхрана на неоформените плодови. Таквите плодови подоцна не продолжуваат со развој, остануваат ситни и се сушат.

штети од инсект и ларва

Извор: Scottish Crop Research Institute

Периодот на интервенција против овој штетник треба да се поклопува со периодот на извршување на прихрана на малиновиот насад. Дополнителна мерка за превенција од сериозен напад од овој инсект претставува константен мониторинг во текот на пролетта со помош на феромонски мамки. За време на постудени периоди потребно е да се изврши обработка на почвата со што возрасните единки кои презимуваат се изложуваат на надворешните услови, како и на сите оние животни и птици кои што се хранат со инсекти. Постои и механичка превенција, која се состои од рачно собирање на возрасните единки   кои подоцна се спалуваат.

Хемиските методи за сузбивање се препорачуваат да бидат извршени пред полагање на јајцата во цветните пупки. Задолжително е консултирање со агроном во врска со избирање на вистинската активна материја или препарат кој ќе даде најголем ефект.

Постојат и биолошки методи, односно користење на предатори инсекти. Предатори инсекти на малиновата буба се : Anthocoris nemorum, Chrysoperla harrisii, Tetrastichus halidayi.

Доколку сакате да  дознаете повеќе за другите видови на штетници во производството на малини, прочитајте го овој текст: Штетници во производство на малини.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури