Космички енергии, влијанија на планети и земјоделството – Што претставува биодинамично производство?

Космички енергии, влијанија на планети и земјоделството – Што претставува биодинамично производство?

Биодинамичното земјоделство е форма на алтернативно земјоделство која има голема сличност со органското, чијшто концепт и верувања вклучува различни езотерични концепти извлечени од идеите на Рудолф Штајнер (1861–1925). Рудолф Штајнер е австриски филозоф, книжевен научник, просветен деец, уметник, драмски писател, и езотеричар. Тој е основач на антропозофијата, валдорфското образование, биодинамичкото земјоделство, како и на антропозофската медицина.

Првото претставување на овој тип на земјоделско производство започнува во 1924 година со серија од осум предавања за земјоделство одржани од страна на филозофот Рудолф Штајнер во Кобервиц. Овие предавања се првата позната презентација за органско земјоделство одржана по барање на одреден број земјоделци коишто забележале деградирање на почвата и влошување на здравјето и квалитетот на земјоделските култури и добитокот како резултат на употребата на хемиски супстанци.  Штајнер, по предавањето, нагласил дека методите што тој ги предложил треба да се тестираат експериментално. За таа цел, е основана истражувачка група, „Земјоделски експериментален круг на антропозофски фармери и градинари“.

Помеѓу 1924 и 1939 година, оваа истражувачка група привлекла околу 800 членови од целиот свет, вклучувајќи ги Европа, Америка и Австралија. Друга експериментална група, „Асоцијација за истражување на антропозофското земјоделство“ во режија на германскиот агроном Ерхард Барч, е формирана за да се тестираат ефектите на биодинамичките методи врз животот и здравјето на почвата, растенијата и животните. Резултатите од истражувањата биле објавени во месечното списание Деметер, кое подоцна преминало во сертификационо тело кое служи за доказ дека производителот користи биодинамични методи во своето производство. Од 2020 година, биодинамичките техники се користени на 251.842 хектари во 55 земји, предводени од Германија, Австралија и Франција.

Биодинамично земјоделство
Дел од цртежите за време на предавањата, каде им се објаснува на земјоделците за влијание на космичките сили врз почвата и растенијата

Биодинамичното земјоделство претставува едно од првите движења за модерно органско земјоделство. Овој тип на производство се фокусира кон одржување и зголемувања на плодноста на почвата, растот на растенијата и грижата за добитокот како еколошки меѓусебно поврзани единици, нагласувајќи ги духовните и мистичните перспективи.

Биодинамиката, како и другите органски пристапи – ја нагласува употребата на органско ѓубриво и компостирање и ја исклучува употребата на синтетички (вештачки) ѓубрива, пестициди и хербициди.

Методите кои се уникатни за биодинамичкиот пристап се: третирање на животните, културите и почвата како единствен систем, акцентирање на локалното производство и локалните системи за дистрибуција, одгледување на традиционални култури и развој на нови локални раси и сорти. Некои од методите користат астролошки календар за сеење и садење. Биодинамичното земјоделство користи различни билни и минерални препарати и адитиви кои се аплицираат во самото производство или компостирањето коишто се подготвуваат со помош на методи кои се повеќе слични на симпатична магија отколку на агрономија, како што е закопување мелен кварц набиен во рог на крава, постапка која што овозможува собирање на позитивни „космички сили во почвата“.

Ова производство употребува практики на управување кои се наменети за „обновување, одржување и подобрување на еколошката хармонија“. Централните карактеристики вклучуваат диверзификација на културите, избегнување на хемиски третмани на почвата и внесување на инпути надвор од фармата, децентрализирано производство и дистрибуција и разгледување на небесните и копнените влијанија врз биолошките организми. Главната цел е секогаш да се поттикнуваат здрави услови за живот (плодноста на почвата, здравјето на растенијата и животните и квалитетот на производите). Биодинамиката ги отфрла практиките за управување со фармата кои ја оштетуваат животната средина, почвата, растенијата, животните или здравјето на луѓето, односно фармата е замислена како “организам, самостоен ентитет со своја индивидуалност.”

Како една од најпрепознатливите работи коишто луѓето првин ги препознаваат во биодинамиката се деветте препарати (500-508), претставени од страна на Штајнер за време на предавањата во 1924 година.

Препарат 500 – Шталско ѓубриво во рог од крава

Овој препарат се создава со помош на свежо шталско ѓубриво (не прегорено) кое што се става во рог од млечна крава. Наполнетиот рог се копа на длабочина од  еден метар до метар и половина во есенскиот период (септември-ноември) и се остава се до пролетта (март). Според Штајнер, во зимскиот период почвата дише и космичките сили коишто дејствуваат на почвата се најактивни. Целта на ставањето на ѓубривото во кравји рог е да се создаде ферментација од фекални во корисни бактерии под дејство на космички сили коишто се акумулираат и рефлектираат во внатрешноста од рогот. По откопувањето, содржината се меша во одредена количина на вода, која подоцна се аплицира на површината од почвата. Докажано е дека овој препарат ја подобрува и зголемува органската материја во почвата. Според одредено истражување, претставена е тоталната популација на микроби коишто се создаваат во рогот.

Подготовка на препаратот 500

Препарат 501 – Дробен кварц во рог од крава

Силикатниот минерал, кварц, треба да биде со добар квалитет, односно да биде чист, проѕирен и добро формиран. Таквиот кварц се ситни до одредена големина кој подоцна се става во внатрешноста од рогот. Подготовката е слична на онаа на препаратот 500, но периодот на закопување е април или мај, а се откопува во септември. Овој период е карактеризиран со голема активност на светлосната космичка енергија која делува на почвата. Аплицирањето на овој препарат ја подобрува фотосинтезата на листот и е комплементарен на активноста на препаратот 500,  кој  делува  најмногу  во  зона  на  коренот. Исто така, ги

Препарат 501
Готов препарат 501

зајакнува растенијата против габи, гниења и ‘рѓи. Утврдено е дека го подобрува квалитетот на растението во однос на вкусот, хранливата вредност и рокот на траење. Дополнително, откриено е дека го зголемува нивото на Брикс единиците кај сите овошја.

Препарат 502 – Ајдучка трева

Препаратот 502 се создава од цветови од ајдучка трева. Цветовите треба да бидат ставени во мочен меур од елен. Препаратот се подготвува кога има најголемо влијание од страна на планетата Венера и истиот треба да отстои една година. Наполнетиот меур треба да се остави да виси на суво и безбедно место до септември, се со цел да се акумулира космичка енергија, а потоа од септември до март, наредната година, да биде закопан во глинен сад кој е исполнет со хумусна почва. Препаратот содржи сулфур, калиум карбонат (поташа) и разни микронутриенти. Исто така, 501 дава виталност на органското ѓубриво да привлече и други супстанци потребни за подобрување на органските процеси во истото.

Препарат 502
Препарат 502 спремен за складирање

Препарат 503 – Камилица

Овој специфичен препарат се подготвува со помош на цветови од камилица коишто мора да бидат набрани кога цветните ливчиња се во хоризонтална положба (наутро околу 10 часот). Цветчињата се полнат во црево од крава (тенкото црево) и така наполнетите “колбаси” се складираат во глинен сад којшто се остава во почвата  од октомври до март. Препаратот 503 се поврзува со космичките сили на планетата Меркур и обезбедува материи како што се сулфур, калиум, калциум и азот.

Препарат 503
Подготовка на 503

Препарат 504 – Коприва

Листовите од копривата можат да бидат набрани во мај или септември и се оставаат да се сушат. Подоцна со листовите од коприва се полни глинен сад кој се складира во земјата во периодот кога планетата Марс има најголемо влијание. Препаратот треба да отстои во период од една година и е спремен за користење во есенскиот период. Содржи големи количини на железо, сулфур, калиум и калциум.

Препарат 504
Припрема на ливчиња од коприва за подготовка на 504

Препарат 505 – Дабова кора

Дабовата кора треба да биде ставена во череп од некое домашно животно. Препаратот исто така се става во почва под влијание на месечината и помага во трансформација и подобро апсорбирање на калциум во органските ѓубрива, почвата и растенијата.

Препарат 505
Наполнет череп со дабова кора

Препарат 506 – Глуварче

Се подготвува со помош на исушени глуварчиња и внатрешната стомачна обвивка (мезентериум) од крава. Во глинен сад се става направениот препарат и хумусна почва  и треба да отстои од септември до март. Овој препарат помага во стимулација на силициумот и калиумот во почвата под влијание на планетата Јупитер. Оваа стимулација на силициумот помага во фокусирање на космичките сили во почвата која што служи за производство.

Готов препарат 506

Готов препарат 507

Препарат 507 – Валеријана

Растението Валеријана има поврзаност со светлината и топлината при што ги внесува овие својства во природниот систем на почвата и компостот. Го стимулира развојот на микробите и го прави фосфорот достапен. Ова е особено важно за северната хемисфера, каде што се користи за подигање на температурите на почвата за земјоделство (директно применето може да резултира со зголемување на температурата на почвата за 1-2 степени). Овој препарат е поврзан со влијанието на планетата Сатурн. Препаратот се подготвува со толчење на свежото растение и создадената паста се раствора со одредена количина на дестилирана вода.

Препарат 508 – Коњско опавче

Подготовката се користи за контрола или ограничување на растот на габите, особено пепелницата и пламеницата. 508 е превентивен и лековит препарат за одржување на здравјето на посевите. Препаратот е богат со силицум кој придонесува кон привлекување на светлосната енергија. Се прави со помош на свежо растение од кое се создава чај или ферментиран раствор, кој подоцна директно се аплицира врз почвата.

Сите биодинамични препарати спремни за употреба
Сите биодинамични препарати спремни за употреба

Со помош на видеото прикачено подолу, ќе имате можност подетално да се запознаете со апстрактната тема Биодинамично Земјоделство:

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури