Како се создаваа македонските сорти на ориз во Кочани?

Како се создаваа македонските сорти на ориз во Кочани?

 

Долгата историја на македонското оризопроизводство придонела кон создавање на македонски сорти на ориз кои што идеално одговараат на условите во Македонија.

Како најзаслужни во оваа област се селекционерите од Институтот за ориз во Кочани. Во минатото во кочанските полиња се одгледувале локални сорти (старо семе, прга, чифличка) или сорти донесени од Италија (бертоне и маратели).

Успешната работа на Институтот во минатото резултирала со создавање на неколку сорти и голем број на генотипови. Исто така, собрани се и над 30 сорти и хибридни потомства на ориз складирани во специјални генетски банки за да се зачува нивниот генетски потенцијал. 

Најголем придонес кон унапредување на производството на ориз и воспоставување на научните стандарди на селекционерството во Македонија во минатиот век дал проф. д-р Лазар Бабамов. Тој е пионер на поставувањето на макро и микро опити со кои се издвоени првите сорти ориз во Кочанско. Бабамов ги создал првите селектирани сорти ориз кои дале одличен квалитет и високи приноси.

Создадени и признаени сорти во Македонија се: Бр.51, Бр.69, кочански, осоговка, бисер-2, ранка, нада-115, прима риска и монтеса. 

Бр.51 е средно доцна сорта која е отпорна на полегнување и има средна отпорност на болести. Должината на вегетација изнесува 150 дена со висина на стебло од околу 90 центиметри и должина на метличка од 20 центиметри. Генетскиот потенцијал на оризова арпа е над 5 тона на хектар, додека во реални услови достигнува 3,5 тона на хектар.

Рандманот на бр.51 изнесува 50-55% со добар квалитет на зрна. Создадена е од страна на селекционерот Бабамов и признаена во 1976 година.

Бр.69 е  исто така сорта создадена од страна на Бабамов во 1976 година. Сортата претставува вкрстување на сортите маратели и неро виалоне.

Слично како и бр.51, оваа сорта има средно доцна вегетација (150 дена), средно отпорна на болести и полегнување. Апсолутната маса на зрната изнесува 30-33 грама, додека пак хектолитарската изнесува 46-53 килограми. 

Осоговка е сорта регистрирана во 1984 година и настанала со вкрстување на две италијански сорти, маратели и балдо. Има средно рана должина на вегетација (144 дена). За разлика од претходните две сорти, осоговката е пониска и има помала должина на метлицата. Како најзначајна карактеристика е доброто братимење и отпорноста на осипување. Просечниот принос може да достигне до 9 тони на хектар со рандман од 60%. Создадена е во Институтот за ориз во Кочани од страна на селекционерот Бисерка Наумова.

сорти на ориз

Кочански е сорта со средно рана должина на вегетација (143 дена). Има апсолутна маса на зрно од 41 грам, додека пак хектолитарската маса изнесува 55 килограми. Создадена е со вкрстување на италијанските сорти корбента и балдо. Кочанската сорта има слаба отпорност на полегнување, но со извонредна отпорност кон болести. Приносот достигнува над 8 тони на хектар со рандман од 62%. Создадена е од страна на селекционерот Бисерка Наумова во Институтот за ориз во Кочани.

сорти на ориз

Бисер-2 е сорта призната во 1990 година со вкрстување на маратели и балдо. Отпорна е на ронење на зрно и средно отпорна на полегнување. Има генетски потенција за принос на оризова арпа од над 10 тона на хектар со рандман од 60%. Претставува линија од сортата осоговка.

Ранка е доста рана сорта на ориз која е добиена со вкрстување на прекочисимо и П.Г. Погодна е за одгледување како втора култура со висок генетски потенцијал. Има апсолутна маса на зрна од 31 грам со рандман од 62% проценти. 

сорти на ориз

Нада-115 е крстоска од гритна и искра. Средно рана сорта со еден од највисоките генетски потенцијали (над 11 тона на хектар). Рандманот изнесува скоро 62% проценти и должина на вегетација од 144 дена. 

Прима риска е од поновата генерација на сорти на ориз создадени од страна на Институтот за ориз. Средно доцна сорта (148 дена), со голема отпорност на полегнување и добра отпорност на болести. Идеална е за интензивно производство со генетски потенција од над 12 тони на хектар и производствен потенцијал од 9 тони на хектар. Создадена е од страна на група селекционери: д-р Верица Илиева, д-р Цветанка Најчевска, д-р Добре Андов и д-р Даница Андреевска.

Монтеса е сорта регистрирана во 2004 година со средно доцна должина на вегетација од 148 дена. Создадена е со вкрсутување на лемонт и Ц-201. Рандманот може да изнесува од 60% до 63% и има добра отпорност на болести и средна отпорност на полегнување. Семето содржи 7,2% протеини со апсолутна маса од 30-35 грама и хектолитарска тежина од 57-60 килограми. За создавање на оваа сорта заслужни се д-р Верица Илиева, д-р Цветанка Најчевска, д-р Добре Андов и д-р Даница Андреевска.

сорти на ориз

Извор на информации и слики:  – Атанасова, И., Ајтовска, Љ., Петров-Фафа, В., Андреевска, Д., Андов, Д., Илиева, В. (2015), Кочанскиот ориз, Кочани

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури