Што е електроспроводливост и како влијае на почвената активност и културите што се одгледуваат

Што е електроспроводливост и како влијае на почвената активност и културите што се одгледуваат

 

Електроспроводливост на почвата (ЕЦ) е мерка со која се одредува количината на соли во почвата (засоленост на почвата). Единица мерка на електроспроводливоста е сименс и се прикажува како dS/m, односно децисименс на метар. ЕЦ претставува важен индикатор за здравјето и квалитетот на почвата. Електроспроводливоста влијае на приносот, при одредување на типот на културата која би требало да се одгледува, достапноста на хранливите материи како и на самата активност на почвените микроорганизми кои ги диктираат клучните процеси во почвата, емисијата на стакленички гасови како што се азотните оксиди, метан и јаглероден диоксид. Вишокот на соли го попречува растот на растенијата преку нарушување на   рамнотежата помеѓу водата и почвата. Почвите што содржат вишок соли се јавуваат природно во аридни и полуаридни клими. Нивото на соли може да се зголеми како резултат на начинот на производство, наводнувањете и управување со почвата. Иако ЕЦ не обезбедува директно мерење на специфични јони или соединенија на соли, директно е поврзана со јонските концентрации на нитрати, калиуми, натриуми, хлориди, сулфати и амонијак. Исто така за одредени почви кои што имаат помало ниво на соли, односно се незасолени почви, одредувањето на ЕЦ може да биде погоден и економичен начин да се процени количината на азот кој е достапен за раст на растенијата.

Фактори кои влијаат на ЕЦ се почвените минерали, климата и текстурата на почвата. Солите потекнуваат од распаѓање на минерали и камења во почвата. На места каде што има поголеми количини на паднат дожд, водорастворливите соли од минералите се испираат во подолните слоеви и како крајна дестинација се длабоките подземни текови на вода. На места каде што имаме помали количини на паднат дожд, солите немаат можност да продрат до подводните текови и се акумулираат близу до почвената површина, резултирајќи со повисока ЕЦ на самата почва. Бидејќи солите се движат со помош на водата, сите земјоделски површини што имаат депресии обично имаат и повисока ЕЦ за разлика од другите области во истата земјоделска површина. Исто така, компактноста на почвата игра голема улога во акумулација на солите на почвената површина. Многу често поради интензивното производство и фреквентно поминување на тешка земјоделска механизација се создава компактен слој во почвата кој не дозволува испирање на солите во подземните води и директно води кон поголема засоленост на почвата.

Начинот на производството, наводнувањето, ѓубрењето и управувањето со почвата влијаат на почвената електроспроводливост. На места каде што има површина под систем за наводнување потребно е и мерење на самата засоленост на водата за да се избегне непотребно акумулирање на солите во зоната на коренот. Исто така, при наводнување потребно е понекогаш да се аплицира и поголема количина на вода отколку што се реалните потреби на растението за да може вишокот на соли да се транспортира во подолните слоеви од почвата.

Управувањето со почвата кое што води до ниско ниво на органска материја, намалена инфилтрација и дренажа или пак зголемена компактност ја зголемува ЕЦ и ја намалува способноста на самата почва да се справи со поголемо ниво на соли. Од исклучителна важност во аридни места е мониторингот на ЕЦ при ѓубрење со азотни ѓубрива без разлика дали се од природно или вештачко потекло. Азотните ѓубрива на места кои што се склони кон поголема засоленост може драстично да го забрзаат процесот на салинизација.

Покрај непосредното управување со почвата и мерење на ЕЦ за да се утврди здравјето на почвата и можноста дали една култура може да вирее на таква површина, во последната деценија со помош на специјални уреди се мери нивото на ЕЦ на една цела земјоделска површина и преку софтвери за прецизно земјоделство се изготвуваат мапи за варијабилна апликација на ѓубрива. Со создавањето на ЕЦ мапите и комбинација со мапи од други извори, како што се мапите на принос, се создава една комплетна слика за целосната ситуација на земјоделската површина која што е предмет на испитување, овозможувајќи им на земјоделците правилно да донесат одлука за разни агротехнички операции како и помош при донесување на одлуки поврзано со финансии и намалување на оперативните трошоци.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Култури