Зошто треба да се фрлаат семенски бомби за брзо зазеленување и пошумување?

Зошто треба да се фрлаат семенски бомби за брзо зазеленување и пошумување?

Пошумувањето со помош на таканаречените „seedbomb” или глинени топки кои што содржат најразлични семиња станува сè поактуелно. Оваа метода се користела многу одамна, но популарноста ја достигнува преку предавањата на светски познатиот еколог, агроном и пермакултурист, Масанобу Фукуока. 

Масанобу Фукуока го објаснува процесот на создавање на топки со семе

Со помош на оваа техника се имитира природното распространување на семето, на начин на кој што би го распространиле дивите животни преку нивниот измет. 

Засејувањето на различни видови на растенија го поттикнува развојот на биодиверзитетот и овозможува развој на голем број на инсекти, микроорганизми и габи. Исто така, ова е добар начин за намалување на штетните влијанија од климатските промени. Како успешна приказна е градот Њујорк чиишто површини во 70-тите биле интензивно засејувани со помош на глинените семенски топки од страна на екоактивистите. Биле засејувани пропаднати населби, поранешни индустриски комплекси кои што за одреден период се претворале во градини. 

Ова е одлична идеја и за град како Скопје кој што постепено, но сигурно ги губи своите зелени површини. Со малку труд, резултатите можат да бидат навистина неверојатни, при што сите ќе имаат бенефит од новоздадените “диви” градини. 

За создавање на популарните глинени топки се потребни:

  • Семе од ароматични, медицински или медоносни растенија
  • Компост
  • Глина во прав
  • Вода
  • Сад за мешање
  • Чашка за мерење на количина

Во садот за мешање се става 1 чаша семе, 5 чаши компост и 2-3 чаши глина во прав. Со постепено додавање на вода содржината се меша сè додека не се створи прилично хомогена смеса од која може да се формираат топчиња. 

Потоа со помош на дланките се формираат правилни топчиња кои подоцна треба да се остават на сонце за да се исушат. По сушењето топките се складираат во соодветна кеса или кутија сè до моментот на нивно расфрлање. 

Важно е да се напомене дека со помош на глината и компостот, расфрланите топки при дождливо време создаваат идеална средина за никнење на семето. Глината, како што е познато, задржува големи количини на влага додека пак компостот овозможува доволно хранливи материи за почетен раст на растението. Со ова значително се зголемува процентот на никнати растенија, како и веројатноста за нивен опстанок.

Во прилог можете да го видите развојот на растенијата кои што биле посеани со помош на глинените топки.

 

 

 

Категории: Култури