Зимско производство на зелена салата во затворен простор

Зимско производство на зелена салата во затворен простор

 

 

Зелената салата е еден од најпопуларните зеленчуци кога станува збор за здрава исхрана. Од друга страна, нејзината популарност е исто така огромна и кај земјоделците, пред сè поради брзото достигнување на економската вредност, релативната леснотија за одгледување и скромните потреби за раст и развој. Содржи над 90% на вода, а остатокот од процентите ги сочинуваат шеќерите, сировата целулоза, протеините и минерали. Морфолошките карактеристики на зелената салата се следни: вретенест корен кој има странични жили од прв и друг ред (достигнува длабочина од 35-40 цм) и надземниот дел е главица која што е составена од повеќе редови на зелјести листови (розета). Во зависност од сортата тие можат да бидат со изразена или неизразена нерватура и назабени или овални листови.

Има релативно кратка вегетација (околу 2 месеца) во зависност од условите во кои вирее. Поради скромните потреби за светлина и топлина, зелената салата е идеална за одгледување во затворен простор во ладните периоди од годината. За време на ладните периоди, раното или доцното производство, одгледувањето на зелената салата може да се врши во скоро сите производствени системи од затворен тип – од обични тунели па се до високо софистицирани хидропонски системи. Една од главните потреби во затворениот простор се системите за греење кои што мора да ја одржуваат температурата од 12 до 20 степени целзиусови во текот на денот.

Препорачливо е да се користи пелетирано семе кое што има висок процент на униформност при никнење и добра развиеност, што подоцна при процесот на пресадување значително ќе ја олесни работата и ќе обезбеди повисока економска вредност при бербата. Сеидбата може да се изврши во специјални контејнери кои што се поделени во помали делови. Тие можат да бидат од пластика, стиропор или пак други материјали. Откако семето ќе се распореди во отворите потребно е да се прекрие со слој почва или најлон се до фазата на никнување. Од критично значење е високата температура која што треба да изнесува околу 20 степени целзиусови со цел да се поттикне правилно, униформно и брзо никнење.

Сеидбата се врши во втората половина од октомври, додека пак создадениот расад е спремен за пресадување по 20 дена. Во овој период температурата треба да се одржува во границите од 10 до 15 степени целзиусови.

Доколку сакате да го подобрите вашето производство, односно да ги контролирате условите во затворениот простор, препорачливо е да користите дополнителни извори на јаглероден диоксид. Доколку во затворениот простор има поголемо ниво на јаглероден диоксид и оптимална температура автоматски се подобрува и фотосинтетската активност на растенијата. Тоа може да се постигне со имплементација на современи технологии, но исто така и со едноставни практични методи. За тоа како влијае јаглеродниот диоксид и кои методи да ги имплементирате, прочитајте ја следнава статија – Влијанието на јаглерод диоксидот во затворено производство.

Бербата се одвива рачно или со помош на механизација. При бербата внимателно се сече главата од растението и тоа од првиот лист од розетата. При складирање, за да се овозможи долготрајност на готовиот производ, треба да се обезбедат одредени услови и тоа константа температура од 1 до 2 степени целзиусови и просечна релативна влажност на воздухот од 95%.

 

Категории: Култури