Во земјоделските области во неколку села ширум Македонија, денеска ќе почнат градежните работи финансирани од ЕУ насочени кон изградба на мали системи за наводнување.
Како што најавија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, почетокот на градежните работи ќе го одбележат заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
ЕУ ја поддржува изградбата на три нови системи за наводнување од мал обем во Конопница (близу Крива Паланка), Пишица (близу Штип) и Теарце (близу Тетово) со 2,5 милиони евра. Само системот Конопница опфаќа гравитациска цевководна мрежа од 4,4 километри со вкупна површина од 42 хектари обработливо земјоделско земјиште кое се протега по течението на реката Криво Мосте. Над 100 земјоделци ќе имаат корист од овој еколошки систем за наводнување.
Ваквите системи за наводнување придонесуваат за здрава почва, што дополнително овозможува здрава храна по пристапна цена. Овој пристап „Од Фарма до вилушка“ е во срцето на Европскиот зелен договор, чија цел е да ги направи прехранбените системи правични, здрави и еколошки.