Француски „Акуо Енерџи“ ќе гради соларен парк за 94.000 домаќинства кај Штип, вреден 270 милиони евра
Следната година на потегот од Штип до Свети Николе ќе се гради соларен парк што ќе ги задоволува потребите за струја на 94.000 домаќинства. Инвестицијата, која со одлука на Владата е прогласена за стратешка, е проценета на околу 270 милиони евра. Оваа најголема француска инвестиција во државава во последните 15 години. Ќе ја реализира француската компанија „Акуо Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје. За нејзина реализација се подготвува закон кој очекува да биде донесен во првиот квартал наредната година.
– С. Македонија ќе добие соларен парк кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет на производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен за македонската економија. Местоположбата, согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето, како и оддалеченоста од преносната мрежа, има одлични услови за изградба на фотонапонска електрена, рече денеска премиерот Зоран Заев на промоцијата на инвестицијата.
Тој најави дека првите количини електрична на енергија ќе протечат во 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производството на електрична енергија е проценето на околу 650 гигават часови на годишно ниво, што претставува 16 проценти од годишното производство на струја од АД ЕСМ.
Претседателот на француската компанија „Акуо Енерџи“ Ерик Ското истакна дека Владата воведувајќи систем на стратешка инвестиција донела храбра одлука и создала услови за забрзан процес кон енергетска независност.
– Акио е среќен што се здоби со статусот на стратешка инвестиција. Тој статус е одраз на одличните француско-македонски односи. Гарантирам дека Акио ќе биде на висина на задачата во служба на вашите граѓани. Уште од денеска моите екипи ќе работат неуморно со вашата администрација и со вашите граѓани за да се изгради француско-македонскиот проект, рече Ското.
Францускиот амбасадор во државава Сирил Бомгартнер истакна дека инвестицијата има големо стратешко значење бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на С. Македонија, истовремено помагајќи и на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
– Освен тоа, оваа инвестиција испраќа сигнал за пријателство до Северна Македонија и сигнал за доверба во нејзината европска иднина. Се разбира, модалитетите за нејзиното спроведување треба да бидат утврдени со посебен закон. Овој сигнал не е изолиран. Големата француска агенција активно се мобилизира во земјата, рече амбасадорот Бомгартнер. По потпишувањето на Рамковниот договор оваа зима во Париз од страна на францускиот и на македонскиот министер за надворешни работи Агенцијата имала најмалку пет посети со цел да се идентификуваат корисни проекти што треба да се реализираат во земјата.
– Нашата заедничка цел сега е да ги дефинираме, а веќе од следната година и да започнеме со реализицаија на првите проекти, рече Бомгартнер, посочувајќи и дека десетина француски компании моментно работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.
Според Заев, инвестицијата е директна придобивка од реформите во енергетскиот сектор.-Акио енерџи со изградба на соларниот парк Стипион, како и германската Випиди која вложува во новиот ветерен парк „Вирови“ ќе дадат нов стимул на нашата економија со ангажирање на домашна работна сила, млади кадри кои својата иднина ја гледаат во вакви современи компании, рече Заев.
Во моментот во фаза на градба се фотонапонски електрани преку принципот на поддршка со премиум тарифи со инсталиран капацитет од 60 мегавати, а дел од нив се пуштени и во употреба. Изградена е првата и најголема фотонапонска електрана од страна на ЕСМ со инсталиран капацитет од 10 мегавати и наредната година ќе почнат со изградба двете електрани од по 50 мегавати во Осломеј или вкупно 170 мегавати што е за 10 пати повеќе од 17-те мегавати коишто се изградени во претходните 26 години.
Во фаза на изработка, информираше Заев, се и технички студии за изградба на нови 10 мегавати фотонапонска електрана во РЕК Осломеј, како и на нови 160 мегавати фотонапонски електрани во РЕК Битола, проекти финансирани од ЕБОР и Германската развојна банка КфВ. Владата издаде и овластување за изградба на три ветерни парка со вкупен капацитет од 110 мегавати и со постојниот ветерен парк „Богданци“ бројката ќе се заокружи на 150 мегавати. На тендерот за премиуми што беше објавен оваа година, втор по ред, пријавени се инвеститори со вкупен инсталиран капацитет од 207 мегавати иако беа понудени само 80 мегавати. Ова е показателот дека работите се движат во вистинска насока.
– Енергетската инфраструктура не се гради преку ноќ. Потребна е добра подготовка и добри проекти, обезбедување на поволни кредити и избор на добри фирми со цел успешна реализација. Доколку овие заложби и вложувања се случиле многу порано наместо да се инвестира во непродуктивни проекти денешната енергетска криза немаше да биде со ваков интензитет, рече Заев.
Извор: МИА