Платформите за донација на храна – ефикасно решение за намалување на загубите на храна

Платформите за донација на храна – ефикасно решение за намалување на загубите на храна

 

 

Во земјите од Европската Унија околу 88 милиони тони храна завршуваат како отпад, односно целиот процес генерира загуба од околу 143 милијарди евра. Додека 20% од вкупно произведената храна се губи низ прехранбениот синџир или завршува како отпад, според резултатите од истражувањето на Евростат, 33 милиони луѓе не можат да си дозволат еден пристоен оброк секој втор ден.

Ова е поддржано и од истражување на ФАО спроведено на глобално ниво, при што е утврдено дека просечно една третина од целокупно произведената храна која е погодна за консумација се губи уште пред да дојде до крајниот потрошувач или завршува на отпад. Според Индексот на Загуба на Храна на ФАО (Food Loss Index) се проценува дека околу 14 % од вкупно произведената храна е загубена непосредно по бербата, далеку пред производот да стигне до малопродажба.

Според Индексот за отпад на храна на УНЕП за 2021 година, во 2019 година се генерирани 931 милиони тони отпадна храна – од кои 61% потекнуваат од домаќинствата, 26% од угостителските објекти и 13% од малопродажбата. Слично на тоа, во ЕУ, домаќинствата генерираат повеќе од половина од вкупниот отпад од храна (47 милиони тони), а останатиот отпадот од храна произлегува од домаќинствата, угостителските објекти и малопродажбата.

Прераспределбата на храна е процес со кој вишокот на храна што инаку би завршил како отпад, се става на располагање или дистрибуира како храна за ранливите категории на граѓани. Со намалување на загубите на храна и отпадот од храна се овозможува остварување и на целите за одржлив развој:

  • поддршка во борбата против климатските промени (само отпадот од храна генерира 8-10% од глобалните емисии на стакленички гасови);
  • заштеда на нутритивно богата храна за прераспределба на оние на кои им е потребна, притоа помагајќи да се искорени гладот и неухранетоста;
  • заштеда на пари за земјоделците, компаниите и домаќинствата.

За решавање на проблемот поврзан со вишокот на храна активни се повеќе иницијативи, а особено е значајно активно вклучување на претставниците од приватниот сектор во прераспредлбата преку донации на храна.

Во рамки на програмата на ЕУ за истражување и иновации „Хоризонт 2020“, активен е проектот Плутос, во кој континуирано се развиваат 11 пилот-проекти меѓу кои е пилотот предводен од FoodScaleHub Србија, а како партнер од С. Македонија е здружението Платформа за зелен развој.

Во рамките на овој проект, креирана е дигиталната платформа FoodSHare со цел полесно и побрзо поврзување на операторите за храна (земјоделците, индустриските произведувачи, дистрибутерите, малопродажните синџири) како донатори на вишок храна, со крајните корисници на донациите на храна односно народните кујни, хуманитарните организации и социјално загрозените категории на граѓани.

За повеќе информации посетете ја официјалната Веб страната на проектот Ploutos

Повеќе информации во врска со споменатата платформа може да добиете на овој ЛИНК.

Доколку сакате да бидете дел од FoodSHare заедницата која има економски, социјални и еколошки цели, регистрирајте се на следниот ЛИНК.

 

 

Категории: Вести