Како што беше најавено – Протести и блокади на кочанските оризопроизводители

Како што беше најавено – Протести и блокади на кочанските оризопроизводители

 

Тимот на Моја Фарма активно ги следи случувањата со кочанските оризопроизводители. Како што беше најавено во една од нашите претходни објави – годинешната откупна цена на оризот ги разлути производителите на ориз. Револтирани се од ниската откупна цена за килограм оризова арпа. Велат не може една вреќа оризова арпа да се продава како една вреќа ѓубре. Бараат загарантирана откупна цена од 25 до 50 денари, во спротивно се заканија дека ќе излезат на масовни протести и блокади.

Високите цени на репроматеријалите, а ниската откупна цена на оризот и арпата повторно на протест ќе ги извади земјоделците од Kочанско. Велат пред стартот на жетвата најмалку една четвртина од ланската реколта стои непродадена во амбарите.

Со нова жетва не почнуваат, во вторник ќе го блокираат патот Штип – Кочани се додека не им се остварат барањата.

Барањата се дефинирање на производна цена на оризот и забрана за увоз на неквалитетен ориз, за да се заштити домашното производство. Од Иницијативниот одбор сметаат дека цената на оризовата арпа не смее да биде под 25 денари. Ги обвинуваат откупувачите за манипулирање, а државата за негрижа бидејќи сега за килограм арпа се плаќа од 15-18 денари, а цената оди надолу секогаш кога ќе добијат државни субвенции.

Ова е петти протест што досега го организираат оризопроизводителите во последниве две години. Барањата на сите се практично исти.

 

Категории: Вести