Чекор поблиску до одржливи прехранбени системи со помош на дигитални технологии
Среде ескалацијата на еколошките предизвици и растечкото глобално население, итноста за одржливи прехранбени системи никогаш не била поизразена. Земјоделските бизнинси постојано се соочуваат со комплексноста на обезбедувањето на доволно квалитетна и безбедна храна, намалување на негативното влијание врз животната средина, справување со вишокот на храна и.т.н.
Во вакви услови, концептот на одржливост се појавува како водечки принцип. Одржливите прехранбени системи се стремат да ги балансираат барањата на сегашноста без да ја загрозат способноста на идните генерации да ги задоволат сопствените потреби. Патот кон достигнување на одржливост опфаќа практики кои даваат приоритет на еколошкото производство, социјална еднаквост и економска одржливост, а чекор поблиску до оваа цел е усвојувањето на дигитални технологии во производството.
Согласно оваа тематика, на 14ти и 15ти ноември во Скопје се одржа настан, насловен „Дигитални технологии во одржливи прехранбени системи“, организиран од страна на АгФутура Технологии и Платформа за Зелен Развој. Настанот беше организиран во склоп на проектот CITIES2030, на кој што земаа учество реномирани експерти од областа. Експерти, фармери, агрономи, академици и креатори на политики дискутираа за моменталната состојба со која се соочуваат и какво влијание имаат дигиталните технологии на нашите прехранбени системи. Покрај ова, од големо значење е да се истакне дека се одржаа две сесии на тркалезни маси на теми:
- Подготвеност на земјоделско-прехранбениот систем да ја поддржи технолошката (дигиталната) транзиција за одржливост на Балканот;
- Трансформирање на прехранбените системи (ЕУ vs Балкан).
Одржани беа и пет технолошки сесии, презентирани од експерти од локално и глобално ниво, на теми кои појаснуваат како усвојувањето на дигитализацијата влијае на одржливоста на прехранбените системи и земјоделското производство, при што се споделија мноштво корисни информации и дискусии за подигање на свеста токму на оваа тематика.
Уникатноста на настанот придонесе до зголемување на посетеноста, интерес за учество и шанса за вмрежување, како и отворени можности за идни соработки. Дополнително беше одржана и егзибиција на технологии кои моментално се користат, како и синергија на европски проекти од различни компании.
Водечкиот проект на овој настан беше проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици со кои се соочуваме денес. Проектот CITES2030 ги обединува истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
Автор: Ангела Живачки
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.