Анализа: Македонските земјоделци или ќе се дигитализираат или ќе бидеме зависни од увозот на храна

Анализа: Македонските земјоделци или ќе се дигитализираат или ќе бидеме зависни од увозот на храна

Увозот на храна во Македонија е двојно поголем од извозот на земјоделски и прехранбени производи. Тоа се должи на бавниот раст на земјоделството и прехранбената индустрија која е помалку конкурентна на пазарот. Единствениот начин за брз скок е преку дигитализација на секторот што ќе овозможи поефикасно искористување на ресурсите.

Според истражувањата на Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики главниот проблем во примената на новите технологии е недоволната информираност и едукација во земјоделството.

Исто така само 3% од работната сила ангажирана во земјоделството е со соодветно високо образование. Младата популација се иселува, а со тоа се зголемува и просечната старост на еден земјоделец.

По три децении на независност мора да се размислува за сериозни промени кои ќе овозможат дигитализација на македонското земјоделство. Пандемијата со КОВИД-19 ја наметна потребата од промена на моделите на функционирање и одредени сектори брзо се справија со пречките.

Дигитална револуција во земјоделството

Популацијата која е во постојан раст има се поголеми потреби за храна, а притоа има пад на земјоделското производство заради тоа што професијата е неатрактивна и кај младите е низок интересот да живеат во руралните средини работејќи тешка физичка работа.

Како да се произведе неколкукратно повеќе храна за да се исполнат потребите на населението во урбаните средини чиј број постојано се зголемува? Како да се произведе храна кога климатските услови се влошуваат и природните ресурси во одредени региони се доста ограничени? Како да се намали сиромаштија и недостигот од храна?

„Како и за сите прашања кои си ги поставува човештвото денес, одговорот се бара, а неретко и наоѓа во технологија и надежта која се потпира врз нејзиниот исклучително брз развој. Индустриските револуции во минатото се одвивале во долги временски периоди и биле предизвикани од нов изум или нов начин на производство којшто претставувал радикална промена во процесот на создавање вредности. Денес, дигитализацијата на производството и услужната дејност ја создаваат т.н. Индустрија 4.0 која ги поврзува информатичката технологија и автоматизацијата со цел да се постигне поголема ефикасност и пораст на продуктивноста во производствените процеси. Со овие процеси опфатено е и земјоделството, кое се чини дека на светско ниво забрзано ќе ги следи чекорите на новото време, кратко нарекувајќи ја дигиталната револуција во земјоделството – Земјоделство 4.0“, смета Трајковски.

Не е доволно само да се купи дрон

Земјоделство 4.0, не значи само проста примена на технологијата, туку подразбира рационално користење на достапните дигитални алатки и машини за да се зголеми и унапреди производството со користење помалку ресурси, создавање помалку отпад и намалување на загадувањето на животната средина.

Фармите од иднината ќе работат на целосно различен начин од она што ние сме навикнати да го гледаме, односно во земјоделството од иднината ќе се користат софистицирани технологии како сензори за температура и влажност, роботи и машини за берба на плодови, беспилотни летала, само-управувачки машини (трактори), вертикални фарми за производство на храна и GPS технологијата.

Ова во суштина се само мал дел од иновациите кои не очекуваат во блиска иднина. Сите машини ќе бидат поврзани, па фармерот полесно ќе управува со нив истовремено собирајќи релевантни податоци со кои ќе може да направи проценка за подобрување на резултатите од производството. Тие проценки се однесуваат за квалитетот на земјата, влажноста, прилагодувањето кон временските услови, присуството на инсекти итн.

„Со примена на новите технологии, земјоделецот ќе има можност и за рационално користење на достапните природни ресурси, односно водата, но и ѓубривата и пестицидите кои наместо да ги употребуваат врз целиот посед, ќе ги користат потребните минимални количини и ќе се насочат кон специфични области каде има потреба од нив. Во суштина идејата е да се пренесе производството од моменталната состојба кон создавање услови за користење помалку ресурси, но подобро и покорисно, притоа грижејќи се за околината“, смета Трајковски.

Едукација и информираност на земјоделците

Фокусирани на низа други проблеми со кои се соочуваме во сите дејности, не секогаш го следиме чекорот со светските случувања.

„Тоа не значи дека очекувањата од нашите земјоделци се тие да бидат пионери во примена на нови технологии за производство. Проблем и вистинско ограничување за развој на земјоделството претставува тоа што тие на ниту еден начин не се информирани за овие прашања. Во услови на недостиг на соодветна државна стратегија која ќе ја земе предвид Индустријата 4.0 како реалност во новата декада, не е за изненадување и фактот дека ќе не чека уште многу работа на патот кон модернизирање и дигитализирање на македонското земјоделство после пандемијата“, заклучува Трајковски.

Х.С.

Категории: Агро Бизнис