Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Министерство за внатрешни работи, на 18 декември 2021 година, спроведе контрола на прометот на живи животни на добиточниот пазар во Струмица и во Куманово.
Со контролите беше констатирано дека има продажба на животни од видот свињи кои се неидентификувани (без ушни маркици) и без соодветни документи.
Одземени и уништени се вкупно 29 свињи кои потекнуваат од четири различни одгледувалишта. Против сопствениците на животните изречени се глоби согласно Законот за ветеринарно здравство и Законот за прекршоци.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување на засилените контроли на добиточните пазари за време на работното време на пазарите, со цел спречување на промет на животни кои немаат соодветна документација, како една од мерките за спречување на појава на Африканска чума кај свињите, болест која не е присутна во нашата земја, а која може да предизвика огромни економски штети во свињарското производство.