Ајвар подготвен на македонски традиционален начин

Ајвар подготвен на македонски традиционален начин

Септември и октомври се месеци кога почнува подготвувањето на зимницата, а ајварот е една од најомилените зимници во сечиј дом. Тој најчесто се приготвува од црвени пиперки, но и во комбинација со модри патлиџани или моркови.

Во продолжение неколку најчесто употребувани рецепти македонски ајвар.

Малиџано од црвени пиперки

Потребни состојки:

  • 10 kg црвени пиперки
  • 3 големи патлиџани
  • 700 ml масло
  • 1 голема лажица шеќер
  • Сол (по вкус)

Начин на подготовка:

Пиперките и модрите патлиџани добро измијте ги, избришете ги и ставете ги да се печат. Испечените пиперки и патлиџани ставете ги во пластични кеси за полесно да се лупат. Откако ќе ги излупите, ставете ги во решеткаст сад неколку часа или може да останат преку ноќ за да убаво се исцедат, за да се добие повкусен и посув ајвар кој ќе трае подолго и ќе го задржи својот вкус. Потоа ставете ги пиперките и патлиџаните во апарат за мелење месо и добиената смеса ставете ја во големо тенџере.

Мешајте ја смесата и постепено додавајте маслото. На околу дваесетина минути пред крајот од варењето, додајте ја и солта и шеќерот. Доколку сакате да знаете дали ајварот е готов, поминете со лажица по дното – ако таа остава зад себе трага во која можете да го видите самото дно. Половина час пред крајот на пржењето, ставете ги теглите и капачињата во рерна загревајте ги постепено до 100 степени Целзиусови., а потоа тргнете го ајварот од оган и почнете да ги полните. Откако ќе ги наполните теглите добро затворете ги со капак. Завиткајте ја секоја тегла посебно со хартија. Вака нека стојат еден ден, потоа однесете ги на ладно и темно место.

ajvar

Домашен ајвар приготвен само од ајварка

Потребни состојки:

  • 10 kg црвен пипер
  • 600 ml масло
  • 2 лажици вински оцет
  • Сол (по вкус)

Ако сакате зачинет лут ајвар, додадете 300 гр лута пиперка на 10 кг пиперки.

Начин на подготовка:

Пиперките добро измијте ги, избришете ги и ставете ги да се печат. Испечете ги од сите страни и ставете ги во пластични кеси за полесно да се лупат. Излупете ги пиперките и добро исчистете го семето. Оставете ги во фрижидер во решеткаст сад неколку часа убаво да се изцедат. Потоа мелете ги пиперките со рачна машина. Најпрво се ставаат маслото, киселината, шеќерот и солта се мешаат и малку загреваат, додека шеќерот не добие румена боја и потоа се додаваат пиперките и се мешаат додека смесата не се соедини.

Ајварот треба да се пржи 2 до 3 часа на средна температура. Ајварот е подготвен кога ќе ја поминете лажицата на средина и добро ќе го видите дното на тенџерето. Половина час пред крајот на пржењето, ставете ги теглите и капачињата во рерна загревајте ги постепено до 100 степени Целзиусови. Откако ќе ги наполните теглите добро затворете ги со капак. Завиткајте ја секоја тегла посебно со хартија. Вака нека стојат еден ден, потоа однесете ги на ладно и темно место.

Ајвар од црвени пиперки, морков, модар патлиџан и сенф

  • 10 kg црвени пиперки
  • 3 модри патлиџани
  • 1 kg морков
  • 600 ml масло
  • една до две лажици сенф
  • 2 лажици шеќер
  • Сол по вкус

ајвар

Начин на подготовка:

Пиперките и модрите патлиџани се мијат, печат и лупат и се оставаат преку ноќ убаво да се исцедат. Морковот се вари додека убаво омекне. Сите состојки се мелат со рачна машина. Маслото се истура во лонец и се загрева, па се додава смелениот зеленчук. Ајварот се пржи со постојано мешање додека лажицата не почне да прави „пат“. Од како ќе се испржи врел се собира во врели тегли. Завиткајте ја секоја тегла посебно со хартија. Нека стојат завиткани еден ден, потоа однесете ги на ладно и темно место.

Ајварот највкусен е намачкан на толпо лепче со парче сирење, но идеален е како додаток во салати. Во продолжение наш предлог за вкусна салата со црвен ајвар.

Потребни состојки:

  • 300 гр. урда (несолена),
  • 70 гр. путер,
  • 50 гр. потпечен сусам,
  • 50 гр. сецкани ореви и
  • 2 лажици црвен ајвар

Путерот е мати убаво со миксер и во него се додаваат урдата, сусамот, оревите и ајварот и се меша додека не се добие хомогена смеса. Оваа смеса се прави во топчиња и се послужува.

 

 

 

Категории: Здрава храна