(Видео) Одгледување на чили пиперчиња – како да направите мини чили фарма во вашиот двор?

(Видео) Одгледување на чили пиперчиња – како да направите мини чили фарма во вашиот двор?

 

Пикантно лутиот вкус на чили пиперчињата совршено добро се вклопува како зачин во многу јадења ширум светот. Се користат во азиската кујна, исто така во Европа, па сè дури до Америка. Достапни се на локалните пазари и во големите супермаркети. Но, што сè ни е потребно за да подигнеме насад од оваа култура?

Oд видот на чили пиперчето кое ќе решите да го засадите, ќе зависат и понатамошните чекори и агротехнички мерки при одгледувањето. Има повеќе видови на чили пиперчиња и секој вид има посебни побарувања но, суштината при сеидбата и одгледувањето во принцип е иста.

Подготовка на почвата

Прв и основен предуслов за сеидба е добро подготвената почва. Почвата треба да се обработи, да се направат редови (широки до 1 m, високи 20-30 cm), а измеѓу секој ред да се остават бразди кои понатаму ќе помогнат во иригација на растенијата и за дренажа.

Производство на расад

Откако сме ги извадиле семчињата од чили пиперките и сме ги подготвиле за садење, земаме посебни садови за подготовка на расад. Секоја посебна вдлабнатина на садот се полни со квалитетна земја, потоа се навлажнува. Откако ќе се направи ова се прават дупчиња каде што ќе се засади семката. Во едно дупче оди по една семка. Имајте предвид дека дупчињата треба да се површински, максимум дупло поголеми од големината на семката. Откако ќе ја засадиме семката, затрупуваме со земја и уште еднаш прскаме со вода. Потоа садовите ги префрламе во простории со соодветни услови. За да произведеме добар расад, потребна ни е просторија со добра вентилација и константна влага. По 10 дена, доколку е потребно натопете го расадот со благ раствор од ѓубрива.

Пресадување

Откако расадот е спремен (25-28 дена) извадете го и одделете го секое коренче посебно како би го подготвиле за пресадување. Направете дупки во почвата и (доколку е потребно) ставете инсектицид во секое дупче. Не го засадувајте расадот ниту многу длабоко, ниту премногу плитко. Оставете растојание од 50 cm помеѓу секое стебленце. Откако ќе завршите со пресадувањето, полејте го со вода секое стебло.

Ѓубрење и заштита

Нанесувајте ѓубрива редовно, на секои 10-14 дена. Најдобро е ѓубривото да се аплицира на 10-20 cm оддалеченост од стебленцето, во дупче длабоко од 2,5 до 3 cm. Не претерувајте со количината на ѓубриво. Секогаш следете ги упатствата за дозирање од производителот!

Набљудувајте го посевот редовно. Отстранете го секое болно стебленце за да не дозволите да се рашири некоја зараза. Исто така плевењето треба да е редовно, така што нема да им се даде шанса на плевелите да одземат од потребните нутриенти на насадот со пиперчиња.

Наводнувањето, исто така треба да се запазува редовно.

 

Берба

Препорачливо е плодот да се собира рано наутро или доцна попладне. Собраните пиперчиња е најдобро да се складираат во темна просторија со добра вентилација.

Во следното видео можете да го видите целиот процес:

 

 

Фото: Pixabay

Категории: Вести, Производство