Многу настани на денот на задругарството, а задругари се помалку

Многу настани на денот на задругарството, а задругари се помалку

 

Меѓународниот ден на задругарството викендов беше одбележан со повеќе настани низ целата земја на кои се истакна важноста на задругарството како форма на организирање и окрупнување на земјоделците. Меѓународниот фокус годинава е насловен „Заедно до подобра обнова“ со цел да се испланираат активностите за закрепнување од последиците кои ги предизвика пандемијата со КОВИД-19.

Земјоделството и секторот на производство на храна за време на пандемијата покажаа зошто е неопходно да постои соработка и непрекинатост во вредносните синџири. Зголемената побарувачка на храна за време на карантинот и месеците поминати со рестриктивни мерки овозможија полесно пребродување на кризата, бидејќи немаше недостаток на храна и намирници за населението.

Глобално земено задругарството се повеќе се развива во светот. Во Европската Унија има над 20 илјади задруги, со над 6 милиони членови и годишен обрт од над 350 милијарди евра. Сепак, овие бројки не се рефлектираат и во Македонија бидејќи и натаму земјоделските задруги се соочуваат со повеќе пречки, особено во пристапот до финансии, можности за заедничко аплицирање за субвенции, располагање со земјиште и инвестиции во енергетски проекти кои ќе овозможат поголема независност и раст на здружените земјоделци.

Преспа Јаболко

Во опкружување на јаболковиот насад на Земјоделската задруга Преспа Епл, во село Асамати, Ресен, министерот Хоџа заедно со претседателот на Мрежата на земјоделски задруги, Менде Ивановски им порача на присутните задругари преку личен пример да ја шират веста за моделот на задругарството кој носи многу придобивки.

„Ние навистина заедно ќе обновиме и изградиме подобро! Уверен сум дека ќе видиме многу успешни приказни за тоа како кооперативното движење може да им помогне на заедниците, да станат посилни во постпандемискиот свет. Овој ден, нека биде повод да се прошири веста за тоа како задругарскиот модел насочен кон човекот, поддржан од кооперативните вредности на самопомош и солидарност, може да ја намали нееднаквоста и да создаде заеднички просперитет“ изјави Хоџа. Тој додаде дека земјоделците се повеќе ги препознаваат придобивките од здружувањето. За тоа зборува бројката од  63 задруги, запишани во Регистарот за задруги на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

задругарство задруга

Во организација на CARE Германија/Луксембург и Македонската развојна фондација за претпријатија преку проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги” финансиран од страна на Европската Унија на 3 јули и во Велес свечено се одбележа Меѓународниот ден на задруги. Со поздравни говори пред присутните гости се обратија заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, Константинос Супилас претставник на Европската Делегација, Драган Периќ претставник на CARE Германија/Луксембург, Сузана Димитриевска претседателката на МАЗЗ и Лазар Недановски извршниот директор на МРФП.

ЕУ преспа настан

„Во последната година бевме сведоци како функционираше моделот за соработка и добро состојба на луѓето и почитување на планетата, потенцирајќи го задружното движење. Оваа година заедно ќе помогнеме да се намалат штетите што ги нанесе ковид кризата и уверена сум дека ќе видиме многу  позитивни примери затоа како задружното движење може да им помогне на заедниците да станат посилни во пост-пандемискиот свет. МАЗЗ работи на сет на услуги кои што ќе им ги понуди задругарите и заеднички ќе придонесе за зголемување на нивната економската добивка се со цел намалување на штетите од КОВИД-19. Почитувајќи ги 7-те меѓународни задружни принципи, етичките вредности на општествената одговорност и грижата за заедницата ќе покажеме солидарност во сите сфери се со цел намалување на нееднаквоста и содавање на заеднички просперитет и одговори на непосредните влијанија на КОВИД-19, особено на најзагрозените групи како што се малите фармери, жените, младитеи етничките малцинства“ истакна претседателката на МААЗ Сузана Димитриевска.

„Навистина, ако сите заедно сфатиме дека силата е во здружувањето, тогаш и обновата ќе биде полесна за сите и многу подобра отколку секој сам да се бори проитив предизвиците. Клучот за опстанок на малите фарми, клучот за опстанок и ревитализација на селата, клучот за просперитет на земјоделството е во здружувањето на земјоделците и основањето на задруги. Тоа е навистина единствениот пат кој води напред. Пат кој овозможува сигурност, солидарност, стабилност, конкурентност, а тоа води кон пазарна и економска моќ“ посочи заменик министерот за земјоделство Димковски.

настан задругарство

Активностите за поддршка на здружувањето на земјоделците во земјоделски задруги се содржани во мерката „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење земјоделска дејност“ од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021, во која се предвидени финансиски средства за поддршка за инвестиции за следните намени: помош за основање и функционирање на земјоделски задруги; инвестиции за набавка на земјоделска механизација во висина до 90% од вкупната вредност на инвестицијата и организирање на информативни и промотивни активности за земјоделски производи.

Сепак, и натаму треба да се работи на промовирање на концептот на задругарство како и да се воведат соодветни законски измени кои ќе им дадат поголеми шанси на самите задруги за подобрување на нивните операции и конурентност на пазарот.

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.