Состојбите со вишоците на храна во ЕУ и Република Северна Македонија

Состојбите со вишоците на храна во ЕУ и Република Северна Македонија

 

Потреба од системски и институционализиран пристап базиран на законски и дигитални решенија

Правото на храна претставува едно од основните човекови права дефинирано во рамки на меѓународната заедница со дополнителни гаранции за ранливите категории како што се жените, децата и лицата со попреченост. Правото на храна гарантира пристап до безбедна и здрава храна која треба да биде достапна со задоволителен квалитет и доволен квантитет за секој човек без дискриминација по основ на раса, боја на кожа, пол, јазик, возраст, религија, политичко или друго уверување, национално и социјално потекло или било кој друг основ.

Покрај сите напори за редуцирање на гладта во последните децении моментално едно од три лица има отежнат пристап до храна, a 815 милиони лица секојдневно страдаат од глад на светско ниво. Токму поради тие причини многу земји континуирано работат на стратегии и програми со кои би се овозможило остварување на ова право.

Според податоците на Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (FAO – Food and Agriculture organization of the United Nations), речиси една третина од произведената храна во светот се фрла. Вкупната количина на генерирани вишоци на храна претставува збир од загубите на храна кои настануваат при земјоделското производство, бербата и процесирањето на храната и храната фрлена како отпад од дејностите на дистрибуција и продажба, рестораните и слични комерцијални објекти и од домашната употреба.

Во ЕУ во 2021 година се увезени 138 милиони тони на земјоделски производи со вкупна цена од 150 милијарди евра. Од друга страна според извештајот “No Time to Waste” – UNICEF, се проценува дека во ЕУ се генерира вишок на храна од 153,5 милиони тони годишно и справувањето со истиот ги чини компаниите и домаќинствата во ЕУ 143 милијарди евра годишно и учествува со 6% во вкупните емисии на стакленички гасови во ЕУ. Се проценува дека дури 20% од произведената храна во ЕУ се фрла, додека пак намалувањето на вишокот на храна за 50% до 2030 година може да сочува 4,7 милиони хектари земјоделско земјиште.

Справување со негативните ефекти кои произлегуваат од справувањето со вишоците на храна се опфатени од веќе постоечки стратегии и акциски планови на ЕУ.  Тука мора да се спомне Зелениот Договор на Европската Унија – European Green Deal кој претставува стратегија на ЕУ за спречување/намалување на глобалното затоплување и деградацијата на животната средина.  Зелениот Договр треба да ја трансформира Европската економија во модерна, компетитивна и економија која ефикасно ќе ги користи природните ресурси. Опфаќа акциски планови во широк спектар на области : енергетика, транспорт, индустрија, земјоделство, животна средина, истражување и развој, економија и регионален развој.

Стратегијата од Фарма до Вилушка – Farm to Fork (F2) Strategy е суштинска стратегија на Зелениот Договор на Европската Унија која има за цел да ги трансформира системите за снабдување со храна во праведни, здрави и без негативни ефекти кон животната средина. Истата произлегува од потребата за комплетна реконсктрукција на постоечките системи за снабдување со храна кои моментално се виновни за третина од вкупните емисии на стакленички гасови, користат огромни количини на природни ресурси, предизвикуваат загуби во биодиверзитетот, имаат негативни здравствени ефекти (како резултат на несоодветен внес на нутриенти) и не овозможуваат праведна дистрибуција на профитот помеѓу сите чинители во ланците на снабдување со храна.

Република Северна Македонија е осма во светот по загуби на храна и отпад од храна и приближно 30% од произведената или увезената храна  не се конзумира, бидејќи се расипува по бербата, во текот на транспортот или се третира како фрлена храна од големите трговските ланци и потрошувачите. Вкупниот вишок на храна во Република Северна Македонија се проценува над 12 000 тони годишно која се фрла од домаќинствата, компаниите, рестораните, но и вишоците од земјоделското производство. Се проценува дека вредноста на фрлената храна изнесува помеѓу 8 и 11,6 милиони евра, а истовремено според Државниот завод за статистика во Република Северна Македонија 445,099 луѓе имаат проблеми со снабдувањето со храна и во просек имаат по еден оброк дневно.

Еден од наједноставните начини за справување со создадените вишоци на храна е нивната редистрибуција и донација со што истата не би завршила како отпад. Во овој момент во Република Северна Македонија формирана е работна група составена од претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина, Управа за јавни приходи, ЗЕЛС, Сојуз на стопански комори, Банка за Храна Македонија и Платформа за зелен развој, која се занимава со поставување на законската рамка за вишоците храна. Одржан е координативен состанок на работната група за финализирање на предлог законот за донирање на вишоци храна. Постигнат е консензус за надлежностите, системот и платформата за управување со вишокот на храна и нејзина донација до оние на кои им е најпотребна. Со ова законско решение ќе се воспостави институционализиран систем на донација на храна во државата, пристап до храна на сите ранливи категории граѓани, а истовремено ќе се овозможи и намалување на отпадот од храна и превенира фрлањето на вишокот храна.

Проектот Плутос кој се спроведува под покровителство на ЕУ – програмата за иновации, истражување и развој – Хоризонт 2020 и во чија реализација се вклучени 33 организации од 13 Европски земји има за цел спроведување на 11 Oдржливи иновативни пилоти во неколку региони во Европа. Секој пилот има фокус на одреден сегмент од ланецот на вредности во земјоделството, производството и дистрибуцијата на храна, но заедничката цел е промоција и унапредување на различните процеси преку собирање и обработка на големи количини на различни податоци.

Во нашата земја активностите од овој проект се фокусирани на имплементација и развој на дигитална платформа која има за цел поврзување на потенцијалните донатори на храна со хуманитарни организации кои вршат дирекна дистрибуција на донираната храна до соодветни целни групи. Дополнително во платформата се вклучени и волонтери како посебна група на чинители кои што се вклучуваат во процесот на донација како логистичка поддршка кога истото е потребно. Бенефитите од овој одржлив иновативен пилот се економски преку зголемување на ефикасноста на ланецот на снабдување со исхрана во земјоделско-прехрамбениот екосистем, општествен бенефит преку зголемување на бројот на донации на храна за ранливите категории од општеството и бенефити кон животната средина преку намалувањето на загадувањето кое потекнува од справувањето со вишоците на храна. Сите дополнителни информации околу платформата можете да ги најдете на следниот линк.

 

Автор: Илија Поп Стефанија

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.