Моменталната глобална криза бара да ги пренасочиме синџирите за набавка на храна

Моменталната глобална криза бара да ги пренасочиме синџирите за набавка на храна

 

 

Националната конвенција за Европската Унија во Македонија вчера во Клубот на пратеници ја одржа десеттата сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Земјоделско-прехранбените пазари и обезбедувањето со храна во контекст на тековната глобална криза“, во организација на Европското движење.

Дијалогот во кој учествуваа сите засегнати страни, почнувајќи од креаторите на политиките, поточно претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Министерството за економија, од Министерството за надворешни работи, но и претставници на повеќе здруженија и задруги на земјоделци и преработувачи, претставници на стопански комори, платежната агенција и други граѓански организации, како и академските кругови, го отвори националната координаторка и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска.

„Темата на вчерашната сесија е поврзана со последиците од актуелната криза која многу брзо предизвика големи турбуленции на пазарите за снабдување со земјоделски прехранбени производи. Во моментов на висока земјоделска сезона во која завлегуваме го воочуваме проблемот – недостига семенски материјал, недостигаат ѓубрива, горива, пестициди и други суровини чија цена континуирано се зголемува. Ваквата реалност ја наметнува потребата од донесување мерки од ургентен карактер за надминување на последиците од оваа криза. ЕУ упатува на ургентно креирање политики за да се решат овие проблеми, но не е помала ни загриженоста на македонските земјоделци дополнително и поради губењето на земјоделските пазари“, рече во воведното излагање Ѓуровска отворајќи ја дискусијата со прашањата како да се стимулираат земјоделците да произведуваат храна во услови кога не се знае каде ќе ги пласираат своите производи, дали ќе се успее на време да се спроведат стимулативни мерки и дали ЕУ со своите мерки ќе ги опфати земјите-кандидатки за членство.

 

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој исто така имаше воведно обраќање во темата, се согласи дека има потреба од мерки што ќе му помогнат на земјоделството и со тоа и на државата.

„Предизвиците можат да бидат големи и далекусежни. Затоа сме максимално фокусирани да обезбедиме сé што е потребно за стабилизирање на производството и непреченото засејување реколти за идната година. Наша задача е да бидеме подготвени и да понудиме решенија за сите проблеми. Критичната состојба во светското земјоделство значи внимателна подготовка на долгорочна стратегија. Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема да оставиме. Одиме стабилно и со план, во постапка на носење мерки кои ги бараат или предлагаат земјоделците“, изјави министерот Николовски изразувајќи подготвеност да ги прифати препораките, сугестиите, идеите и концептите што ќе произлезат од дебатата со цел да се дојде до одржливо производство и да се подготви план за дејствување.

„Подготвен е Национален план за производство на храна, чија цел е одржливо и зголемено производство на стратешките земјоделски култури. Во Планот е содржана Програмата за интервентниот фонд, со која засега се планирани 400 милиони денари за интервентни мерки за поддршка на земјоделците – за помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на храна на основните земјоделско – прехранбени производи“, рече Николовски.

Тој се осврна на интервентните, среднорочните и долгорочните мерки, посочувајќи дека вкупно 210 милиони денари се за финансиска поддршка во полјоделското производство, односно за интервентна субвенција за покривање на трошоците за набавка на вештачко ѓубриво, односно 4.000 денари по хектар дополнителна субвенција за вештачко ѓубриво добиваат производителите на пченка и пченица и 2.500 денари по хектар производителите на јачмен и сончоглед. Вкупно 190 милиони денари преку интервентниот фонд се за финансиска поддршка во сточарското производство, а има и нови мерки за поддршка на сточарите. Обезбедена е интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми. Се воведува и нова интервентна субвенција во висина од 60 денари по несилка, која се наоѓа на одгледувалиштето и е на возраст за производство на конзумни јајца.

 

 

Според него, ниту една обработлива површина не смее и нема да остане незасадена, особено не во вакви кризни времиња. Храна и житни култури мора да има. Затоа, во владина постапка влегува објавата на нов јавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, односно наменски оглас за земјиште наменето за производство на пченица, пченка, јачмен, сончоглед и добиточна храна, информира Николовски.

И шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, смета дека пандемијата претходно, а сега и кризата што ја наметна руско-украинскиот конфликт покажаа дека системот за производство на храна мора да се трансформира во одржлив, но треба да се сменат и навиките на купување – храната да не се фрла и правилно да се складира.

„Добро е да видиме кои биле проблемите и пред кризата, која ја покажа ранливоста на нашите системи за храна. Во пандемијата, синџирот имаше проблем со работници, карантини на вработени, промени во побарувањата, навиките, транспортот, логистиката. Производителите мораа да ги прилагодат своите навики кон санитарните и мерките за хигиена. Но, по завршувањето на пандемијата, сега се соочуваме со поголем предизвик – војната во Украина. Имаме големи скратувања, цените раснат зашто се купува храна од паника“, Худолин.

Тој посебно укажа на фрлањето храна во светски рамки, а на земјава ѝ порача да се прилагоди на скратените набавки што ги наметна кризата, како и да направи подобри системи – профитабилни за земјоделците и корисни за граѓаните.

Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, пак, се осврна на т.н. економска дипломатија. Тој ја пофали земјава дека одлично го сфатила значењето на овој концепт.

„Концептот на економска дипломатија, воведен во последната декада, Македонија многу добро го разбра и почна многу иницијативи и проекти во овој правец. Во време на криза оваа дисциплина добива ново ниво на значење. Економската дипломатија мора да го пренасочи фокусот и преку пренасочување на синџирите за набавка на храна да му помогне на земјоделскиот сектор да ја преживее кризата, земјоделците да продолжат со своите мисии и да обезбедуваат основни производи за живот“, рече амбасадорот Маркуш.

 

 

Во контекст да се поттикне намалувањето на загубите на храна во целиот синџир беше и една од препораките на вчерашната дебата, како и да се активира локалната самоуправа, односно општините во системот на храна и да се дополни листата на производи што се чуваат во стокови резерви, како на пример ориз.

Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, пак, смета дека државата ќе треба посериозно да интервенира за да се замени сегашниот увоз кој е сериозен, со домашно производство.

„Руско-украинскиот конфликт нема да има некоја посериозна улога, но ќе влијае индиректно, врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи. Во овој момент, нема простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред сé на пченицата и на сончогледовото масло за јадење. За на среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза“, рече професорот Димитриевски.

Директорот на Одделот за земјоделство и услуги во Словачката земјоделска и прехранбена комора, Јан Баршавари, направи паралела на потенцијалниот недостиг на некои производи во Словачка и посочи дека таму се произведува, на пример, само 5 отсто масло за јадење и покрај тоа што имаат доволно сончоглед. Од друга страна Словачка е извозник на житни култури, но високите цени на житарките би можеле да доведат до поголем извоз од вообичаено и на тој начин постои ризик земјоделците да го извезат сето производство и нема да остане доволно за словачките мелничари и пекари. Според него, глобалната криза изврши големо влијание и врз производството на месо, што особено го чувствуваат фармерите кои немаат доволно земјоделско земјиште за да произведуваат храна за нивните животни и мора да ја купуваат.

Затоа, рече тој, „донесени се мерки на национално ниво и државата помага преку пилот-проектот за поддршка со таканаречената зелена енергија за земјоделците и млекопроизводителите, а во тек се и дискусии за создавање на т.н. ризичен фонд“.

Што се однесува до мерките од Европската Унија, тој ги посочи трите клучни точки, а тоа се глобална безбедност на храната, хуманитарна помош на ЕУ од 93 милиони евра за Украина и Молдавија (вклучувајќи храна и влезни резерви) и предлог-програма за поддршка на ЕУ за итни случаи во корист на Украина (330 милиони евра).

Овие и другите дополнителни мерки, засилени и преку притисокот на фармерите, дава надеж дека ќе се дојде до создавање на одржливи системи за производство и снабдување со храна на европското тло, беше заклучено на вчерашната дебата посветена на обезбедување храна во контекст на актуелната криза.

 

Категории: Вести, Слајдер