Дали Европа конечно ќе ја реформира Заедничката земјоделска политика?

Дали Европа конечно ќе ја реформира Заедничката земјоделска политика?

Основната политика на ЕУ за субвенции во земјоделството по многу години конечно ќе претпре големи реформи кои може целосно да го променат секторот во наредните години.

Постигнат е првичен договор за реформите на Заедничката земјоделска политика на ЕУ откако по долги преговори најден е заеднички јазик помеѓу европските креатори на политики. Со начелните измени на ЗЗП кои веќе се „пеглаат“ ќе се опфати периодот од 2023-2027 година.

Иако има позитивни реакции по стекнатата согласност помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет, сепак долгите и макотрпни преговори од ноември минатата година оставаат простор за можни изненадувања.

Направениот компромис сепак, може да биде доволен за реформи во повеќе области кои ги регулира ЗЗП како што се: еко-шемите, усогласеност со Зелениот договор на ЕУ, подобрување на благосостојбата и социјалните права на работниците, добросостојба на животните и животната средина, заштита на биодиверзитетот и имплементација на водечката европска стратегија „Од фарма до вилушка“.

„За некои точки, можеби посакувавме поинаков исход, но, генерално, мислам дека можеме да бидеме задоволни со постигнатиот договор“, изјави комесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски.

Сите страни сметаат дека компромисот е добар, иако не е совршен. Главната расправа се водеше околу спроведувањето на новиот инструмент еко-шеми кој ги подигнува стандардите кои земјоделците мора да ги исполнат за да добијат финансиска поддршка, како и роковите кои им се ставени на располагање за целосно усогласување со регулативата.

Договорено е да постои период од две години на „учење“ со покриеност од 20% од страна на инструментите за поддршка на ЗЗП и 25% за целиот период на имплементација на условите од еко-шемите.

„Прагот“ овозможува трошење на неискористени средства помеѓу 20% и 25% од еко-шемите, иако вкупниот износ на неискористени средства под основниот минумум треба да се компензира до крајот на програмскиот период преку некои механизми за компензација.

„Проширените еко-шеми ќе понудат зголемена заштита на животната средина и природата во рамки на ЗЗП што е „економски, социјално, еколошко поправедно“, изјави известувачот на парламентот за стратешки планови, Питер Јар.

Критики за еко-шемите стигнаа од европратеникот од Зелените, Мартин Хоуслинг: „Досега, не знаеме точно какви ќе бидат овие еко-шеми затоа што не се дефинирани“, рече тој, додавајќи дека бидејќи зависат од земјите-членки за нивно спроведување тие ќе бидат многу слаби.

Најголеми напори за доаѓање до точка на договор беа вложени за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ, кое завршува на 30 јуни, со надеж дека е постигнат напредок во поглед на посеопфатна имплементација на Европскиот зелен договор и стратегиите кои произлегуваат од овој договор.