Јошев: Лозарите се пред катастрофа, не се откажуваме од повисоки откупни цени

Јошев: Лозарите се пред катастрофа, не се откажуваме од повисоки откупни цени

 

Лозарите на утрешната средба во Министерството за земјоделство ќе излезат со конкретни барања за повисоки откупни цени на гројзето и почитување на договореното од страна на винариите. Во спротивно нема да молчат, па можни се нови протести и блокади.

МојаФарма одблиску го следи развојот на настаните и разговараше со повеќе лозари. Дане Јошев од Здружението Тиквешки лозоро-овоштари вели дека се обединети во барањата и бараат цени кои ќе ги покријат трошоците на лозарите, инаку ќе дојде до катастрофа во Тиквешијата. Се помалку млади се бават со лозарство и размислуваат да ги раскопаат насадите.

„Нашите барања си остануваат истите. Производната цена грозјето е 13 денари. Бараме за Смедеревката да се признава шеќерна вредност од 16 до 17 единици и на Вранецот од 18 до 19 шеќерни единици. Цената што ја баравме ние беше 16 со 18 денари, ама таа цена остана само како барање од нас лозарите. Друга цена формираше министерот пред една недела со винариите. И таа цена ја објави без наше присуство. Тие се договориле со винариите дека цената за Вранецот ќе биде 13 денари, а за Смедеревката 11 денари. Цела недела винариите откупуваат грозје со многу пониски цени. Само винаријата Тиквеш го почитуваше договореното“, вели Јошев од Тиквешки лозаро-овоштари за МојаФарма.

Лозарите се незадоволни што без нивно присуство се постигнуваат договори со винариите кои за нив се неповолни и затоа многу работи ќе зависат од утрешната средба во министерството.

На вчерашната средба меѓу министерот и винариите заклучиле цената да биде 12 денари за Вранецот, а првата цена не ја почитувале, со 10 денари за Смедеревка. На почек на исплата до 6 месеци, до 30-ти април. Сега ние не се сложуваме со тоа, бидејќи со 12 денари Вранецот, плус по 2 денари субвенции и по 10 денари за Смедеревката и за другото високосортно грозје е пониско и од ланските цени. Лани цената беше 11 денари плус 2 денари субвенции и уште 2 денари од КОВИД мерките, вкупно 15 денари за Вранецот, и 13 за Смедеревката. Сега излегува дека плаќаат многу поевтино. Ние утре ќе бараме државата да ни даде надомест од 3 наместо 2 денари, за не бидеме целосно уништени“, потенцира Јошев.

МојаФарма ги праша лозарите што ако не им ги исполнат барањата, дали ќе продолжат со протести и блокади.

„Ние веќе еве една година сме здружени сите земјоделци, од цела Македонија. Ќе завземеме заеднички став после средбата, и доколку не ни се исполнат барањата, ќе бараме средба со сите здруженија од цела Македонија (оризари, млекари, тутунари) и така ќе завземеме заеднички став. Ако не ги исполнат нашите барања секако дека нема да молчиме, нашиот глас ќе се чуе силно“, заклучува Јошев.

Министерот Хоџа тврди дека макотрпно работеле на наоѓање на решение и договор со винариите со кои цената на вранецот и смедеревката се качени за 2 денари, а се размислува и за дополнителна поддршка.

„Како и што ветивме дополнителните 2 денари за предадено грозје ќе важат и за ова реколта, со тоа што разгледуваме можност за дополнителна подршка која заедно со здруженијата на лозарите ќе треба да ги дискутираме на следниот состанок што ќе се одржи во петок во МЗШВ. Изразувам длабоко разбирање за вашата макотрпна работа и секако дека било која цена да се нуди за откуп на вашето грозје никогаш нема да биде праведна кога се споредува со трудот што го вложувате“, порача министерот Хоџа.

Во 2020 година државата интервенирала со 20 милиони евра субвенции во лозарството.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.