Земјоделски производи од Македонија на украинските пазари ќе се извезуваат без царина

Земјоделски производи од Македонија на украинските пазари ќе се извезуваат без царина

 

 

Со многу конструктивни предлози од двете страни, кои ја одразуваат заедничката желба да се зајакне и продлабочи билатералната економска соработка меѓу Република С. Македонија и Република Украина заврши Третата седница на меѓувладината комисија по Договорот за македонската влада и украинската влада за трговска и економска соработка со која преседаваа министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за економски развој, трговија и земјоделство на Украина, Тарас Качка во улога на домаќин.

Изразувајќи го задоволството што по 12 години од одржување на Втората седница на оваа меѓувладина комисија министерот Бектеши рече традиционалното пријателство меѓу двете земји претставува предуслов и стабилна основа за соработката да продолжи со позитивен тренд во периодот што претстои во сите области од заеднички интерес, а посебно на економски план.

– Во последните две години односно пред пандемијата, успеавме за граѓаните на двете земји да им овозможиме безвизен режим за краткорочен престој од 90 дена, директен авио лет Киев-Скопје и обратно, како и збратимување на седум општини од Северна Македонија и Украина. Со ова се интензивира севкупната соработка, преку олеснување на деловните врски и контакти меѓу двете земји, како и развој на туризмот. Двете земји имаат исти приоритети, а тоа се евро-атлантските структури, при што од секаков вид на взаемна поддршка на патот кон придружување во евроатланските организации е добредојдена. Тоа се потврдува и со Планот за политички консултации што двете Министерства за надворешни работи го потпишаа пред пандемијата. Оваа година, двете земји во рамки на билатералните односи, успеаа да договорат нова либерализација согласно Договорот за слободна трговија. Се надевам во најскоро време ќе се потпише таа либерализација, бидејќи е значаен поттик за компаниите да можат да извезуваат голем број на производи кои се домашно производство, без царина или со намалена царина, истакна Бектеши.

Бекташи и Качка

Министерот информираше дека С. Македонија веќе почна промотивна кампања за извозниот потенцијал на македонски производи и дека Украина е голем пазар за македонското вино и земјоделски производи, и во таа насока предложи за можност за промоција, учество на саеми и бизнис форуми.

Заменик министерот Качка ги презентираше макроекономските показатели на земјата како и економските и трговските податоци помеѓу С. Македонија и Украина. Напомена дека обемот на трговска размена е под силно влијание на пандемијата и глобалната економија.

– Според статичките податоци билатералната трговија помеѓу С. Македонија и Украина во 2020 година е со пад од 35 отсто и изнесува вкупно 99,8 милиони евра во однос на 2019 година кога изнесувала 135,8 милиони евра, додека во првите четири месеци од 2021 година изнесува 51 милион евра, информираат од Министерството за економија.

По потпишување на Протоколот на меѓувладината комисија од страна на министерот Бектеши и заменик министерот Качка, беше потпишана Спогодна за млади и спорт помеѓу Агенцијата за млади и спорт на Северна Македонија и Министерството за млади и спорт на Украина, а беше потпишана и Спогодба за соработка во областа на карантин и заштита на растенијата.

-Договорот за македонската влада и украинската влада за трговска и економска соработка е потпишан во 1998 година, наведуваат во соопштението од Министерството за економија .

 

Категории: Агро Политика, Вести