Дали лозарите ќе бидат оштетени со ниските откупни цени – НФФ бара плански откуп и законски измени

Дали лозарите ќе бидат оштетени со ниските откупни цени – НФФ бара плански откуп и законски измени

 

И оваа година откупот на грозје започна  неплански и сето тоа ќе биде на товар на лозарите. Цената за откуп на најзастапените сорти на грозје „смедеревката“ и „вранец“ со години е многу пониска во однос на производната цена на грозјето. Ваквиот тренд негативно влијае и на развојот на лозарството и на самиот квалитет на произведеното вино. Тука се наметнува и потребата за либерализација на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем, смета Националната федерација на фармери.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , виното е втор најзначаен извозен производ од земјоделско-прехранбениот сектор со 11 отсто учество во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи. Во периодот 2014 – 2019 се извезувале по околу 100 милиони литри вино од кои се остварени околу 50 милиони eвра приход годишно. Република Северна Македонија има вкупно 180.000 земјоделски стопанства од кои околу 48.000 поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70 проценти се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства (чија површина се движи од еден до четири хектари).

-Токму овој податок покажува дека индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи на нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување вистински договорни односи меѓу винариите и лозарите, укажува НФФ.

Според НФФ, освен откупните цени, проблем во лозарството се и климатските промени, како и застарените системи за наводнување на насадите.

Федерацијата ја нагласува потребата од воспоставување партнерски односи меѓу лозарите и винариите. Воедно бара стартот на бербата и скалата на шеќерните единици да ја одредуваат релевантни научни институции за да нема манипулација околу цените и шеќерните единици. Ова барање, како што информира, е доставено до Министерството за земјоделство.

-Со години наназад „смедеревката“ се откупува за максимум 11 денари, додека винската сорта „вранец“ до 13 денари. Секоја година правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден за килограм. Oвие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции. Затоа сметаме дека со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, потенцира претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Откупот на грозјето почнува и повторно е неплански, со голем број манипулации кои се на штета на лозарите, оценува Националната федерација на фармери (ННФ) и уште еднаш апелира дека цената на „смедеревката“ треба да биде околку 16 денари за килограм, а на „вранецот“ 17 денари.

Анализата на НФФ „Земјоделството и Корона кризата“ покажува дека со години наназад е препознатлив трендот на должење и неисплата на винарии кон лозари.

-Но, најбитно во целата приказна е тоа што лозарството е повторно неорганизирано, дури стихијно. Она што значително се смени е дека пораснаа цените на македонските вина (несомнено се зголеми и квалитетот), но во малопродажба вината се сé поскапи, а лозарите се посиромашни. Од фер економија и задоволство на сите во вредносниот синџир, преминавме на високи трошоци за маркетинг и креирање приказни од кои никако производителите на грозје да дојдат до корист. Со години наназад, оваа особено важна гранка, која иако има огромни можности, останува неорганизирана и во производството и во извозот, се наведува во анализата.

Во неа се додава и дека од едната страна се земјоделците кои инвестираат во нови површини, но нивниот труд не е вреднуван, а од другата винариите – убедени дека се значајно име на глобалниот пазар (иако најголем дел од нашето вино се уште завршува на екс југословенските простори) и не наоѓаат модалитет како да одговорат на потребите на лозарите со цел сите да го добијат својот дел од колачот.

-Во такви услови, а посебно сега со настаната криза, потребно е да се либерализира пристапот на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем, е еден од заклучоците на анализата.

Федерацијата бара измени на Законот за земјоделство и рурален развој и на Законот за вино со воведување банкарска гаранција, како што е уреден откупот на тутунот, Инспекторатот за земјоделство да врши зачестени контроли за време на откупот, Министерството за земјоделство да овозможи услови за свикување на потсекторската група за вино и грозје која функционира во негови рамки, но и посебно внимание да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура – патишта, наводнување, одводнување и справување со климатските промени кои посебно влијаат на квалитетот на сите земјоделски производи.