Двојно зголемување на трошоците во земјоделството

Двојно зголемување на трошоците во земјоделството

 

 

Растот на трошоците во земјоделството ги зголемува и влезните цени во прехранбената индустрија. Иако некои од експертите сметаат дека поскапувањето на храната не би требало да нѐ плаши, како земја со предиспозиции за производство на квалитетни продукти, сепак, инволвираните укажуваат дека драстично зголемените трошоци може да предизвикаат прекин во производството на храна, било да се основни земјоделски продукти или, пак, нивни преработки.

Економскиот професор Ванчо Узунов посочува дека Македонија, како земја со поволни услови за производство на храна, не би требало да се плаши од растот на цените.

– „Ние стравуваме од растот на цените, бидејќи увезуваме храна, а можеме да ја произведеме, ние сме погодна земја за производство на храна. Податоците покажуваат дека имаме поголем увоз на храна отколку извоз, што е сигнал за лошата специјализација или лошата конкурентност на нашата економија. Земјоделството потфрлува во сегментот производство на храна, со децении. На оваа гранка кај нас се гледа како на начин за преживување и со неа се занимаваат претежно повозрасни луѓе што сѐ уште живеат во рурални средини. Наместо модерно фармерско земјоделство каде што ќе бидат насочени најдобрите образовани ресурси и да извезуваме и свежа храна и преработки на земјоделски производи, па со растот на цените да се радуваме на поголем прилив, ние сме во лоша позиција“ – вели Узунов и додава оти треба да се бараат начини да ги искористиме потенцијалите.

Но од друга страна, претставниците на земјоделскиот сектор укажаа дека поради растот на енергентите и растот на цените на репроматеријалите има значително зголемување на трошоците. Потенцираат дека трошоците се значително зголемени, а производите ги продаваат по исти цени, што ги прави нерентабилни.

– Како последица од овој проблем може да дојде до намалување на производство на храна, бидејќи земјоделците нема да можат да работат со загуба – потенцира Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ). Во изјава за Нова Македонија.

 

Извор:  Нова Македонија

Категории: Вести