Дивите свињи во повеќе села во Кичевско направија вистински пустош на пченката и на дел од површините засадени со компир

Дивите свињи во повеќе села во Кичевско направија вистински пустош на пченката и на дел од површините засадени со компир

 

Поради недостигот на храна во природата и нивна зголемена бројност,  дивите свињи се почесто може да сретнат во населените места. Оваа пролет направија огромни штети во повеќе села во Кичевско, особено кај посевите со пченка, како и на дел од површините засадени со компир.

– Пченката што пролетва ја засеавме за прехрана на нашиот добиток, предвреме ја собраа дивите свињи и уште не созреана веќе ја уништија 50 проценти. И наместо есенва да ги добиеме планираните количества на пченка во зрно, приносите ќе бидат далеку помали, вели земјоделец од село Лисичани.

Иста или слична е состојбата и во останатите села во овој регион Дворци, Ижишта, Пласница, Светорача , Речани и др.

– Порано дивата свиња беше плашливо животно и не помислуваше да се доближи до некоја селска населба. Но денес дефицитот на храна во природата ги присили да влегуваат и во самите села и да влезат во пченките што се во непосредна близина на селските куќи. Сме се обидувале на повеќе начини да ги одвикнеме од оваа агресија, но сите наши обиди не дадоа резултат, вели Тоде Николоски жител на село Светорача, на кого дивите свињи му ги уништиле пченките буквално во самиот двор.

Ловџиите имаат одговор зошто дивите свињи станаа толку бестрашни и не бираат начин да дојдат до храна.

– Бидејќи имавме екстремно топло лето што предизвика желадот да се исуши а тоа придонесе храната за дивите свињи драстично да се намали а познато е дека желадот е главната храна на дивите свињи. Ништо помал проблем не е енормната нивна бројност во природата, што придонесува и потребите на храна во целост да се зголемат и проблемот го решаваат со влегување во пченките и компирите кои селаните ги засеале за соптвени потреби, вели искусниот ловџија, Даме Петрески.

 

Категории: Вести