Додека некои фрлаат храна, многумина гладуваат – Да ја зачуваме храната

Додека некои фрлаат храна, многумина гладуваат – Да ја зачуваме храната

 

Со зголемувањето на бројот на население, расте и побарувачката односно потребата за храна. На 16 октомври секоја година се одбележува Светскиот ден на храната. На овој ден, повеќе од 150 земји се обединуваат за да ја подигнат свеста за прашањата околу сиромаштијата и гладот. Зголеменото внимание на медиумите во последните години, за потенцирање на еколошките, економските и социјалните прашања поврзани со фрлањето на вишок храна, ја зголемува јавната свест за загубата на храна. Оваa состојба ги интензивира напорите на сите инволвирани страни за подобро искористување на безбедната и достапна храна за конзумирање која инаку би завршила како отпад.

По повод одбележувањето на овој ден, разговаравме со претставник на организацијата „Платформа за зелен развој“ (ПЗР). Платформа за Зелен Развој е невладина организација фокусирана на воведување на концептот на зелен развој во земјоделството, образованието и иновациите. Едно од полињата кои се во фокусот на делување на организацијата е проблемот со вишокот на храна, поточно загубата на храна и отпадот од храна.

 

Моја Фарма: Каква е состојбата со фрлање храна во нашата земја?

  ПЗР: Негативниот тренд на фрлање храна е застапен и во нашата земја. Во С. Македонија годишно се фрлаат над 10 000 тони храна. Оваа практика на фрлање на храна повлекува еколошки, социјални и економски проблеми. Од еколошки аспект, вишокот на храна што завршува на депониите во процес на индустриско уништување испушта голема количина метан, еден од најштетните гасови што предизвикува ефект на стаклена градина. Од економски аспект, компаниите имаат големи трошоци за уништување на вишокот на храна. Од социјален аспект, илјадници граѓани се сметаат за социјално загрозени, а единствениот топол оброк во денот го добиваат од народни кујни или со помош на добротворни организации и институции.

Моја Фарма: Со оглед на актуелноста на проблемот на глобално ниво, понуди на иновативни решенија се бараат и во рамки на проекти финансирани од различни програми на ЕУ, како поддршка на ЕУ стратегиите Green Deal, Farm to Fork… Какво е искуството на вашата организација?

  ПЗР: Платформа за Зелен Развој е невладина организација фокусирана на воведување на концептот на зелен развој во земјоделството, руралниот развој и животната средина. Нашиот тим има повеќегодишно искуство и експертиза во управување со проекти од областа на иновации, истражување и образование, финансирани од различни програми (H2020, Еrasmus +, UN-FAO, Visegrad funds). Здружението Платформа за зелен развој е партнер од С. Македонија во проектот Плутос финансиран од ЕУ, програмата Х2020, а клучна цел на овој проект е токму креирање одржливи системи на храна базирани на податоци.

Моја Фарма: Како вие го третирате проблемот со вишокот на храна во рамки на проектот? Дали се предлага примена на дигиталните технологии во креирање и понуда на решение за проблемот со вишокот и отпадот од храна во регионот?

  ПЗР: Еден од проблемите кој се третира во проектот се однесува на одговорното управување со вишокот храна како тема на „балканскиот“ пилот, кој се спроведува во Србија и С. Македонија.  Здружението Платформа за зелен развој е проектен партнер одговорен за имплементација на платформата FoodSHare на територијата на Република С. Македонија. Имено, платформата FoodSHare е лансирана во март 2020 како дел од проектот чија крајна цел е да ги унапреди различните процеси во синџирот на земјоделско-прехранбената индустрија. Со креирањето на дигиталната платформа FoodSHare целта е да се овозможува пренасочување на вишокот храна од операторите со храна до социјално ранливите групи граѓани.

Моја Фарма: Како функционира платформата?

  ПЗР: Оваа платформа е развиена со цел да ги автоматизира и дигитализира процесите на прераспределба на храната и со тоа да ги поттикне производителите и дистрибутерите да го пренасочат својот вишок на храна кон оние групи граѓани на кои им е најпотребна. Донаторите имаат можност да го понудат својот вишок храна на голем број хуманитарни организации во секое време преку креиран профил на FoodSHare платформата, додека примателите на донации можат да аплицираат за преземање на понудените количини. Наша цел е преку платформата „FoodSHare“ да обезбедиме одржлива инфраструктура која овозможува безбедна прераспределба на неискористената храна.

Моја Фарма: За кого е наменета платформата?

  ПЗР: Платформата Foodshare е наменета за правни лица и претставува безбеден и погоден начин индустријата со храна да се поврзе со добротворни организации, локалната заедница и социјални групи од прва линија со цел насочување на донациите од вишок храна.

Моја Фарма: Кој може да се регистрира како донатор, а кој како примател на храна на платформата?

  ПЗР: Донатори на храна можат да бидат производители на храна, фарми, дистрибутери, трговски ланци и други компании кои произведуваат, дистрибуираат или продаваат храна. Приматели на донации на храна можат да бидат народни кујни, банки за храна, фондации и други организации кои се занимаваат со хуманитарна работа. Овие организации потоа ќе ја дистрибуираат донираната храна до членовите, локалната заедница и другите ранливи категории на граѓани.

Моја Фарма: Каква храна може да се донира?

  ПЗР: Може да се донираат секаков вид на производи како што се млечни производи, месо, пијалоци, конзервирана храна со рок на траење и погодна за консумирање.

Моја Фарма: Која храна се смета за вишок храна која може да се донира преку платформата?

  ПЗР: Вишок храна е храната што е погодна за конзумирање, но не е погодна за продажба од различни причини, како што се погрешно обележување, краток рок на траење, прекумерно производство/прекумерна залиха, или поради погрешна големина односно форма или изглед.

Моја Фарма: Кој е бенефитот за компаниите кои донираат храна?

  ПЗР: Со донирање на вишок храна, компаниите помагаат на локалната заедница и нејзините најранливи членови, ја зголемуваат општествената одговорност и ја заштитуваат животната средина со намалување на количината на штетни гасови кои се емитуваат при уништување на храната.

Моја Фарма: Дали користењето на платформата е поврзано со плаќање на одредена цена за регистрација?

  ПЗР: FoodSHare е едноставно дигитално решение за оптимизација на вишоците на храна со економски, социјални и еколошки бенефити. Користењето на сите функционалности на платформата FoodSHare е потполно бесплатно за сите потенцијални донатори и потенцијални приматели. Платформата до сега има над 100 регистрирани корисници од С. Македонија и Србија, донатори и приматели. Поддржана е од Банка за храна Македонија, Македонска асоцијација на земјоделски задруги, Горска Вода, СОС Детско село, Здружението Една Може и многу други.

 

Регистрирајте се на FoodSHare: https://foodshare.foodscalehub.com/mk

Повеќе информации на: https://www.facebook.com/GGPlatform

 

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости