Интервју со м-р Благоја Муканов: Достапност до квалитетни и навремени податоци за пазарите, производството, технологијата и финансиите во земјоделството е клучен фактор за развој на секторот

Интервју со м-р Благоја Муканов: Достапност до квалитетни и навремени податоци за пазарите, производството, технологијата и финансиите во земјоделството е  клучен фактор за развој на секторот

 

Земјоделскиот сектор во Р. Македонија е исправен пред многу предизвици и потребно е долгогодишно следење и работа во секторот за да се направи системска проценка на состојбата, трендовите и правците на развој. На земјоделците им е неопходен сеопфатен пристап до точни и навремени информации со кредибилност. Затоа разговараме со м-р Благоја Муканов, основач на информативниот и едукативен портал Моја Фарма, за потребата од лансирање на ваков вид на дигитална платформа која ќе ги опфати сите релевантни информации во делот на земјоделството и индустријата на храна на едно место. Муканов има долгогодишно академско и апликативно искуство и експертиза во агро-прехранбениот сектор. Тој смета дека развојот на земјоделскиот сектор мора да се потпре на дигиталните технологии и решенија, како и следење на податоците и нивна анализа за состојбата на пазарите, цените, трошоците за земјоделските инпути од кои ќе може да се креираат земјоделски политики и соодветни детектирања на потребите за поддршка на земјоделците.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Точна и навремена информација е клучна за развој на секој бизнис, вклучувајќи го и земјоделството. Иако живееме во ера на инстант информации преку социјалните мрежи, дали земјоделците имаат доволно пристап до соодветни и квалитетни извори на информации и како тоа може да се промени?

Муканов: Недостапноста на точни и навремени информации е еден од клучните предизвици за македонското земјоделство, како и генерално за глобалното земјоделство. Кога зборувам за информации пред сè мислам на пазарни информации за цени на земјоделски производи и инпути, информации поврзани со најнови технологии и нивна примена кои му овозможуваат на земјоделецот да ги намали трошоците и да произведе повеќе и поквалитетно, како и информации за извори на финансирање на агро-бизнисот. Да резимирам, клучот во информирањето е кредибилност на информацијата, сеопфатноста, интегрирано на едно место со можност за лесна достапност и прилагодено на карактерот на корисникот и неговите навики. Најразвиените земјоделски системи во светот, како оној во САД или Холандија, го достигнале тој степен на развој во голема мера како резултат на достапноста на квалитетни информации поврзани со земјоделското производство и пазарите на земјоделските производи и инпути. На пример, министерството за земјоделство на САД може да обезбеди информации за производство и пазарни цени на најразлични култури за 100 години наназад. Таквата достапност е предуслов за донесување на добри бизнис одлуки и исто така им овозможува на државите да креираат многу појасни и фокусирани политики за поддршка. Квалитетни и достапни информации не го хранат само инвестицискиот циклус во секторот и процесот на креирање на политики, тие имаат и значајна улога во научно апликативниот процес. Тој е клучен за прилагодување на современите научни сознанија на условите кои постојат во нашата земја, како и во процесот на продуцирање на нови агрономски кадри кои се дефицитарни на пазарот на труд.

Во денешни услови, за еден земјоделец да обезбеди релевантни и навремени информации клучна улога играат дигиталните технологии. Тие овозможуваат интегрирање на сите категории на корисни информации за фармерот на едно место и нивно дистрибуирање на едноставен начин. Ме радува фактот што полека свесноста за потребата од информирање на земјоделците преку користење на дигитални медиуми и социјални мрежи почнува да се развива и во Македонија. Гледам дека сè почесто земјоделците ги користат овие медиуми за да се информираат за новитети, метеорологија, пазари и слично. Овој тренд ќе продолжи во иднина со сѐ поголем интензитет.

Моја Фарма: Што треба да опфати едукацијата на земјоделците која мора да биде постојана и да ги следи сите модерни трендови? Можеби како никогаш досега постои огромен интерес за учење, следење на совети и стручни анализи кои секој земјоделец може лесно да ги примени во секојдневието. Какви се вашите заложби за подобрување на едукацијата на земјоделците?

Муканов: Едукацијата претставува еден тип на на процес на информирање. За жал долго време состојбата во едукацијата земјоделството е на многу ниско ниво. Формалното образование од областа на земјоделските науки се соочува со значајни потешкотии со финансии, кадри како и опрема за поддршка на процесот на едукација. Ваквите состојби оневозможуваат кадрите во академските институции да ги следат најновите трендови и што е многу поважно истите да ги прилагодат на потребите на македонското земјоделство. Дополнително, ваквата  состојба во формалното образование оневозможува продуцирање на дефицитарни кадри како што се агрономите. Често пати земјоделците во директни или индиректни контакти истакнуваат колку им недостасува соодветен стручен совет во технологијата на производство, особено во делот на исхраната на растенијата и заштитата. Поради ваквата ситуација, земјоделците се доведени во состојба самите да бидат агрономи и да учат за технологија преку експериментирање во сопственото производство или преку размена на искуства со своите колеги. Ова е многу долг и скап процес кој се одразува како на нивниот приход, така и на генералните резултати во земјоделството. Дополнително, едукацијата е клучна пред сè за безбедноста на храната и заштитата на земјоделската околина. Особено е важно да се знае дека главните фактори кои влијаат на количеството на штетни хемиски елементи кај земјоделските производи се непознавањето и недоволната информираност во делот на заштитата и исхраната на растенијата. Токму оваа состојба влијае на сериозно загрозување на здравјето на луѓето кои ги консумираат овие призводи, здравјето на самите земјоделци и финално загрозување на конкурентската предност на нашите земјоделски производи на пазарите во земјата и надвор. За решавање на овој проблем, покрај формалниот систем на едукација, од особено значење е зајакнување на неформалните системи на едукација и информирање на земјоделците, како на пример системот кој го оддржува националната Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, позната како АПРЗ. Би сакал да напоменам дека, и покрај огромниот потенцијал на оваа институција, гледајќи пред сѐ од аспект на кадар и развиена мрежа на канцеларии, истата е во голема мера маргинализирана од страна на политиките на државата.

Овде би сакал да напоменам дека и покрај многубројните негативни ефекти од Ковид-19 кризата, истата создаде и позитивни трендови во доменот на информирање и едукација. Имено, луѓето од сите професии, вклучувајќи ги и земјоделците, почнаа повеќе да користат дигитални алатки за да се информираат, па и да се едуцираат. Можам да заклучам дека, како резултат на претходно наведените предизвици кои пред сѐ се базираат на недостигот на финансии и гломазност на системите, соодветно решение би било развој на лесно достапни платформи за едукација и информирање на земјоделците кои ќе се прилагодат по содржина и функционалност на менталитетот и навиките на земјоделците. Добро развиените платформи од овој тип може да придонесат за значајни позитивни резултати во земјоделството.

Моја Фарма: Дигиталните алатки и новите технологии сѐ повеќе наоѓаат примена и во земјоделството, особено во динамични и непредвидливи услови. Се зголемува ли интересот кај земјоделците од Р. Македонија за дигитални и ИКТ решенија кои може да им бидат од голема корист, да ја зголемат нивната конкурентност и ефикасност и како овие информации планирате да ги направите лесно достапни?

Муканов: Врз основа на моите истражувања во оваа област кои ги започнав уште од 2012 година можам да кажам дека секторот покажува некои обиди но, ни од одблизу тоа не може да се смета за тренд. Она што со сигурност можам да го потврдам е дека денешниот земјоделец во најголема мера поседува паметен мобилен телефон и истиот го користи пред сѐ за брза комуникација со добавувачи и купувачи и за прибавување на основни параметри за донесување на одлуки, како на пример метеоролошки податоци, цени и слично. Користењето на комплексни дигитални алатки од типот на софтвери, сензори, дронови и слично е инцидентна појава и тоа пред сѐ кај големите корпоративни фарми чиј обем на производство може да ја оправда инвестицијата во ваков тип на технологија. Но, да не звучам премногу песимистично треба да се земе предвид и фактот дека оваа состојба не важи само за нашата држава, туку и за регионот па и пошироко. За земјоделски системи каков што е македонскиот, кој се карактеризира со голем број на мали капацитети на производство, дигитализацијата може многу да помогне во сите сфери на делување и тоа во технологија на производство, пазарното работење, планирање и слично. Засега најчести примери на дигитално поддржано земјоделство се сретнуваат пред сѐ во полјоделството, овоштарството, лозарството и тоа е резултат на големината на капацитетите на производство, пазарната позиционираност на овие сектори како и поголемата свесност на менаџерскиот кадар за овој тип на технологии. Дигитални технологии кои се користат во моментот ги вклучуваат метеоролошките станици, дроновите и ГПС системите. Како технологии кои можат да најдат многу корисна примена во иднина би ги истакнал пред сѐ технологиите на прецизно земјоделство во делот на сеењето, исхраната и заштита на растенијата, управување со механизација и жетвата. Овие технологии може да ги намалат трошоците на производство во поледелство дури до 15 %.

 

Моја Фарма: Во земјоделството се генерираат мноштво на информации кои треба системски да се следат и преку Заводот за статистика и надлежните институции. Како би ги оцениле статистичките податоци во изминатите години, дали се тие достапни и обработени на соодветен начин за земјоделците, креаторите на политики, инвеститорите да може да се информираат за движењата, трендовите и цените, подобро да се подготват за позиционирање на пазарот и полесно да носат одлуки при вложување на средства?

Муканов: Во Р. Македонија па и во земјите во регионот не постојат добро поставени и организирани системи на бази на податоци од областа на земјоделството. Ова било многу поразлично во претходниот плански систем каде се вршела евиденција на најразлични информации од областа на земјоделското производство, пазарите и слично. Денес достапните податоци преку Државниот завод за статистика и Министерството за земјоделство се најчесто неконзистентни, недоволно детални и во многу случаи збунувачки. Дополнително, особено податоците во делот на примарното земјоделско производство за сите потсектори од овие државни институции се однесуваат најчесто на неколку референтни  производи. Пококретно, во градинарството опфатени се култури како компир, кромид, домат, пиперка иако спектарот на производи во реалноста е многу поширок со години наназад. Краставицата на пример, е култура која е многу развиена, со големо годишно производство, која има сериозна економска тежина но, истата не се евидентира од страна на Заводот за статистика. Вакви примери има многу! Дополнителен проблем е начинот на кој се евидентираат податоците кој не го препознава сезонскиот карактер кај културите како и различните подвидови. Да ја земеме за пример пиперката, која кај нас се произведува како зелена блага пиперка, зелена лута пиперка и црвена пиперка или уште попозната како „ајварка“. Овие три видови на пиперки се различни под-култури од аспект на технологии на производство, трошоци на производство како, и начини на нивно пласирање и пазарни цени. Невозможно е да се направат корисни бизнис анализи или анализи за креирање на корисни политики ако нивните специфики не се земат предвид. Во овој контекст, министерството и другите релевантни иституции под негова капа, како што е на пример АПРЗ, во соработка со академскиот сектор потребно е да работат на систем на редовна евиденција на овие релевантни податоци. Многу битен фактор за реализација на ваков проект е постоењето на значајни извори на финансирање од ЕУ или локални развојни проекти кои поддржуваат вакави процеси кои држвата може да ги искористи.

Моја Фарма: Сметате ли дека е неопходно подигнување на нивото на професионалноста во зејмоделството, со примена на попрецизни начини за споделување на знаења, искуства и најдобри практики? Од неодамна на дигиталниот простор се појави нов веб портал за информации и едукација во делот на земјоделството и индустријата на храна „Моја Фарма“. Кои се вашите основни заложби како основач?

Муканов: Со досегашното искуство како директор на АгФутура и реализираните проекти, природно дојде идејата за создавање на еден едукативно-информативен портал кој има за цел да ги интегрира сите релевантни информации во делот на земјоделството и индустријата на храна на едно место. Впрочем тоа е и паролата на „МојаФарма.мк“. Основната заложба е преку платформата да ги таргетираме сите интересни групи во секторот, а не само земјоделците. Тоа е она што му фали на секторот, сѐ на едно место за сите инволвирани страни во земјоделскиот сектор и индустријата на храна. Креирање на индустриско специфична информативно-едукативна платформа е секогаш долг и макотрпен процес затоа што е потребно време да се разбере кој е најсоодветниот пристап за да се освои публиката. За правата публика да го препознае квалитетот и корисноста на информацијата пласирана преку платформа како што е Моја фарма потребно е време и стекнување на лојалност кај читателите. За жал кај нас но, и општо земено, најчитани вести се оние кои се поврзани со политика и сензација и поради тоа потребно е време и упорност за стручните медиуми да се етаблираат на пазарот на дигитални медиуми. Дополнително, сметам дека оваа платформа има огромен потенцијал поради тоа што става голем акцент на едукација, советување како и на детални анализи за состојбите во секторот. Овие неколку категории според содржината и формата на презентирање се добро прилагодени на реалните потреби на читателите и корисниците на платформата. Моја фарма покажува токму ваков пристап во работата и искрено се надевам дека ќе успееме да се етаблираме како релевантен медиум кој ќе работи во интерес на земјоделците и развој на секторот.

Моја Фарма: Реформите во земјоделството треба да бидат усогласени и со европските регулативи бидејќи се надеваме дека еден ден ќе станеме и членка на ЕУ. Секако, во меѓувреме треба да работиме и на подобрување на домашните состојби. Според вас, кои реформи ни се неопходни и колку е важно да се унапредува регулативата?

Муканов: Клучно во дефинирање на реформите кои подоцна треба да се преточат во регулатива и програми за поддршка е да се има јасна слика за моменталната состојба во секторот. За мала држава како што е нашата, со сериозни финансиски и политички предизвици потребен е добар план и стратегија. Без да бидам сфатен погрешно, од независноста на државата до денес ваков пристап кон решавање на проблемите во земјоделството не можам да препознаам. Клучот на еден ваков системски и прагматички пристап е да се утврдат структурните реформи во земјоделството кои ќе продуцираат најголем мултипликативен ефект во сите сфери на делување во секторот. Од истражувањата направени до сега би можел да истакнам дека реформи во земјишната политика, политиката за поддршка на младите земјоделци со силен систем на едукација, политика на поддршка на капитални инвестиции во земјоделството и реформите во системот на советување како и сериозна политика на поддршка на средното и високото образование во делот на земјоделството, се клучни структурни реформи кои треба да бидат приоритет на оваа држава.

Преку земјишната политика потребно е државата да им помогне на земјоделците да го окрупнат својот капацитет со цел да постигнат економија на обем и да станат ценовно поконкурентни на пазарот. Во овој дел,  би сакал да истакнам дека моменталниот предлог-закон за продажба на државно земјоделско земјиште не оди во прилог на горе наведеното. Сметам дека овој закон може сериозно да го наруши целиот сектор на храна и сериозно да ја загрози позицијата на малите производители кои продуцираат најголем дел од примарната храна во државата. Во овој контекст државата треба повеќе да се фокусира на тоа како да ги зајакне техничките капацитети за подобро менаџирање на земјишниот капацитет, а доколку се одлучи за продажба тоа треба да биде стрикно насочено кон окрупнување на капацитетите на малите производители во стриктно ограничени земјоделски региони каде постои можности за ваква реформа.

Понатаму, во контекст на клучните реформи, поддршка на младите е клуч за опстанокот на земјоделството од две причини. Прво, поради фактот што младите сѐ помалку гледаат перспектива во секторот така што денес  нема веќе кој да ги наследува веќе воспоставените бизниси, а второ и поради фактот што младите се оние кои имаат многу голема моќ да прифаќаат новитети што е клучот за развој во земјоделството.

Моменталниот буџет за финансирање во земјоделството е сосема доволен за нашиот обем на производство, но она што е потребно да се направи е прераспределување на овој буџет од субвенции кон поддршка на капитални инвестиции, како што се опрема, механизација, пост-бербени капацитети и слично. Само на овој начин може да се модернизира нашето земјоделство.

И на крај, но не и помалку важно во однос на другите сфери на интервенција, се реформите во системот на советување и тоа како на државниот систем, така и на приватниот систем на советување. Потребно е сериозно зајакнување на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството затоа што таа е органот кој има директен контакт со земјоделците и е клучот во одржување на верската помеѓу нив и државата. Дополнително, во овој правец не смее да се изостави и академскиот сектор кој е главен во процесот на создавање стручни и советодавни кадри. Државата мора да најде сооведно место на овој сектор во сите политики на поддршка особено преку издвојување на соодветен процент средства од програмата за финансиска поддршка во земјоделството во правец на поддршка на научно-истражувачките, како и научно апликативните процеси во овој сектор.

Моја Фарма: Европската земјоделска политика сѐ повеќе се потпира на принципите на оддржливост, заштита на животната средина, промовирање на органското производство и локалните култури и зголемување на отпорноста од климатските промени и прилагодување. Колку овие европски определби преставуваат предизвик за македонското земјоделство?

Муканов:Да бидам искрен ова е делот кој најмногу ме загрижува кога зборуваме за македонското земјоделство. Морам да истакнам дека македонскиот земјоделец, па и политиката во земјоделство од аспект на технички капацитет не се ни  одблизу спремни да ги задоволат ЕУ стандардите за одржливост, безбедност на храна и заштита на животната средина. И токму овој дел преставува најголема закана за македонското земјоделство имајќи предвид дека со донесување на Зелениот договор и Стратегијата „Фарма до вилушка“ на ниво на ЕУ, овие стандарди стануваат сѐ повисоки, а регулативата сѐ построга. Ефектите на овие политики на ЕУ веќе почнуваме да ги чувствуваме. Примери како оној на вратената пратка со вино кој се случи минатата година ќе бидат сѐ почести доколку не се преземат сериозни мерки во делот на примена на стандарди за безбедноста на храна во земјоделското производство. Овде посебно сакам да истакнам дека алармантна е ситуацијата со неконтролираното користење на пестициди кои преставуваат сериозна закана врз здравјето на луѓето и на земјоделците и финално врз губење на европските пазари. Информирам сум дека Законот за фитомедицина е во завршна фаза и дека треба наскоро да се донесе. Овој е клучен закон за регулирање на користењето на хемиските препарати во земјоделството. Но, носењето на законот е само прв чекор. Истот така имам информации дека истиот тој закон ни одблизу не е прилагоден на реалната ситуација и голем број на релевантни актери во индустријата предупредуваат дека сериозно може да го попречи процесот на нормално фунционирање на вредносниот синџир на храна.

Државата паралелно треба да работи на јакнење на клучните кадри во спроведување на правилата поставени во овој закон во институциите кои се надлежни за овој домен, а тоа е Државниот земјоделски инспекторат, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за храна и ветеринарство. Во овој дел не смееме да го заборавиме и академскиот сектор кој е клучен за развојот на кадри кои ќе бидат неопходни во системот на спроведување на Законот за фитомедицина.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости