ИНТЕРВЈУ ХОЏА: Секогаш сум на страната на земјоделецот, посветени сме на дигитални решенија, едукација и усогласување со европската регулатива

ИНТЕРВЈУ ХОЏА: Секогаш сум на страната на земјоделецот, посветени сме на дигитални решенија, едукација и усогласување со европската регулатива

 

Информиран земјоделец е клуч за развој на агробизнисот, додека пак едукацијата и иновациите може да гарантираат подобрување на продуктивноста и зголемена компетитивност. Земјоделството е сектор кој постојано треба да се подобрува и да се реагира брзо кога има проблеми и неизвесни ситуации. Со министерот за земјоделство Аријанит Хоџа разговаравме токму за тековните предизвици, но и за стратешките определби во менаџирање на земјоделските реформи.

Земјоделскиот сектор ќе има многу позитивни влијанија од усогласување со Заедничката земјоделска политика на Европа штом ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, вели Хоџа во интервјуто за Моја Фарма. 

Вреднувањето на македонскиот земјоделец мора да се подобрува бидејќи и во текот на пандемијата со КОВИД-19 уште повеќе сфативме колку е важно производството на храна. Оваа и уште многу други теми за одржливоста, агро пазарот и стратешките планови во продолжение од интервјуто со министерот Хоџа.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Кои се приоритетите во поглед на усогласување на домашното законодавство со европското за подготовка на Р. Македонија за Заедничката земјоделска политика на ЕУ и како овие промени ќе влијаат врз македонското земјоделство? 

Хоџа: Адаптирањето и исполнувањето на условите за хармонизација на нашиот  земјоделски сектор со европскиот се на високо ниво. 

Воспоставени се и ставени во функција системите кои се предуслов за влезот во Европската унија, како што се: составен дел на Интегрираниот административен контролен систем – Единствениот регистар на земјоделски стопанства, Системот за идентификација на земјишни парцели, Земјоделски пазарен информативен систем и Мрежа на сметководствени податоци од земјоделски стопанства.

Во однос на законската регулатива таа е делумно усогласена со легислативата на Европската унија. Имајќи во предвид дека секојдневно во Европската унија се носат нови регулативи, треба да се работи на доусогласувањето на домашното законодавство.

Имајќи го предвид сето ова и капацитетот во институциите, доколку добиеме дата за отпочнување на преговорите за влез во Европската Унија, за неколку месеци може да се екипираме за отпочнување на преговорите.

Заедничката земјоделска политика – ЗЗП ќе има силни позитивни влијание врз земјоделскиот сектор, бидејќи со станување земја членка се добива пристап до кохезионите и структурни фондови и земјоделскиот буџет предвиден за поддршка на Заедничката земјоделска политика- ЗЗП. 

Генерално, може да се каже дека во периодот на претпристапни преговори и со станување на земја членка, во земјоделството ќе се случуваат следниве промени: Зголемување на искористено земјоделско земјиште, зголемување на просечна големина на земјоделско стопанство, зголемување на продуктивноста, зголемување на приходите на земјоделските стопанства и зголемување на земјоделското производство на ниво на земја.

Моја Фарма: Кои се плановите на МЗШВ во насока на прилагодување на македонското земјоделство на политиките на ЕУ во однос на климатските промени, заштита на животната средина и строгите стандарди за безбедност на храна кои произлегуваат од Зелениот договор?

Хоџа: Подобрувањето на конкурентноста и одржливоста на земјоделските стопанства, примената на еколошки практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување на одржлив развој на руралните средини во согласност со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој, се клучните цели кон кои ќе се стреми Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во новиот стратешки период согласно Стратегија за земјоделство и рурален развој за 2021-2027 година, со поддршка од Владата и нашите меѓународни партнери.

Моја Фарма: Досега како министер ги менаџиравте проблемите со кои се соочуваат земјоделците од различни потсектори (лозари,  тутунари, оризопроизводители). Кој е вашиот став за моменталното вреднување на трудот на македонскиот земјоделец?

Хоџа: Мојот став за ова прашање, кој јас секогаш јавно го кажувам е дека нема единица мерка ниту пак паричен надоместок со кој може реално да се вреднува трудот на земјоделецот. Едноставно, тоа е немерливо. Нивната работа е многу макотрпна но и благородна, бидејќи тие произведуваат храна. Јас само можам да ветам, дека како и до сега, секогаш сум тука за нив, секогаш сум на нивна страна и правам сѐ што е во моја моќ тие да бидат задоволни.

Моја Фарма: Неодамна заедно со ФИТР го објавивте новиот повик за дигитализација во земјоделството. Што очекувате од овој повик вреден 6 милиони денари и дали планирате во иднина да го зголемите буџетот? Дополнително, како понатаму би ги поддржале иновациите во земјоделството? 

Хоџа: Дигитализацијата е брзорастечка област која неминовно мора да се имплементира и во современото земјоделство. Пред сè, затоа што многу иновативни решенија значително го олеснуваат земјоделското производство. На пример, софтверите со индикатори за контрола на влага, температура, светлина го олеснуваат земјоделското производство кое се одвива во контролирани услови. Употребата на дронови, наоѓа широка примена во земјоделското производство на отворен простор. Според податоците од развиените земји, дроновите се користат за набљудување и контрола на стадата, за набљудување на посевите на големи површини, со кои може да се следи дури и здравствената состојба на растенијата. Овие практични примери од земјите каде дигитализацијата има голема примена во земјоделскиот сектор, беа и нашиот мотив, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, да ги повикаме сите заинтерсирани да аплицираат и да понудат свои идеи за паметни решенија кои ќе најдат широка примена во нашето земјоделско производство и соодветно на нашите услови. На наше големо задоволство, за овој повик до ФИТР пристигнаа 39 предлог иновативни решенија за Дигитализација на земјоделството. Главните критериуми за оценување на предлог проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал на пазарот и влијанието кое иновативното решение го нуди. 

Технологијата ги подобрува сите сегменти на земјоделското производство, следествено на ова, ние и во иднина ќе останеме на линија на стимулација на дигиталните решенија. 

Моја Фарма: Министре, колку сметате дека едукативните содржини и материјали за современо земјоделство се достапни до земјоделецот во Р. Македонија? Дали сметате дека македонскиот земјоделец е доволно едуциран за да се справи со современтите трендови во земјоделстовто? 

Хоџа: Лично мислам дека нашите земјоделци имаат пристап до едукативните содржини и материјали за современо земјоделство, но секогаш може и подобро. Ние сме отворени за соработка и комуникација со сите и со земјоделците но, и со научните институции кои ги пренесуваат сите знаења и новитети. Неодамна потпишавме меморандуми за соработка со неколку универзитети и факултети од различни делови на државава. Планирани се и едукативни трибини во соработка со научните институции и Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Секторот ИПАРД при МЗШВ, како и кампањи за промоција на мерките на МЗШВ. Тоа се активности кои и досега сме ги реализирале на терен, а  таквата пракса ќе продолжи и во иднина. Особено охрабрува фактот што во земјоделството се вклучуваат сè повеќе млади луѓе, а тие знаат да ги користат и модерните алатки, да користат интернет и на тој начин полесно да стигнат до потребните информации.

Моја Фарма: Базите на податоци кои се однесуваат на земјоделското производство, пазарните цени и трговијата се неопходни за полесно носење на инвестициски одлуки, како и за креирање на земјоделски политики.  Дали се планираат соодветни мерки за развој на овие бази на податоци за да бидат достапни до сите интересни групи во секторот?

Хоџа: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги следи трендовите за дигитализација на земјоделското производство и достапноста со податоци кои се во овој сектор. Земјоделскиот пазарен информативен систем е единствен извор на податоците за земјоделски производи на ниво на цела држава . Во соработка со ФАО изработена е почвена карта на Р. Македонија од каде што може да се види со каква почва располага нашата држава (линк ). Можностите за производство се претставени на веб страната agroekologija.mk каде може да се најдат различни видови на податоци и тоа клима, производство, вода итн. Во наредниот период и понатаму ќе се работи на дигитализација на податоците кои се во секторот земјоделство преку сопствени средства и преку проекти.

Моја Фарма: Со оглед на изразената миграција и слабата популарност на секторот кај младата популација, дали планирате посилни структурни мерки во насока на зголемување на интересот помеѓу младите за земјоделското образование како и за земјоделската дејност како професија?

Хоџа: Не би се согласил дека кај младите има слаб интерес за секторот земјоделство. Напротив, последниве години со мерките на Владата на РМ, тој интерес постојано се зголемува, а ќе биде и уште поголем бидејќи од оваа година ќе стартува кампања за промоција на сите мерки од Програмата за рурален развој, со посебен акцент на младите. Освен тоа, планирано е од оваа учебна година да се стипендираат младите кои ќе одберат да се запишат во некое од средните земјоделски училишта.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости