Интервју со нутриционист Фани Гулевска: За отпорен и балансиран организам неопходен е план за здрава исхрана

Интервју со нутриционист Фани Гулевска: За отпорен и балансиран организам неопходен е план за здрава исхрана

 

Пандемијата со КОВИД-19 значително го насочи фокусот кон потребата од здрава исхрана. Неизвесноста за здравствената состојба и грижата за зајакнување на имунитетот сè повеќе се решаваат со суплементи, витамини и различни додатоци во исхраната. Исто така седењето дома и ограничените можности за физичка активност ги зголемија ризиците од прекумерна тежина која може штетно да влијае на здравјето, при што неопходно е воспоставување на балансирана и здрава исхрана. За овие теми разговараме со Фани Гулевска, Магистер по нутриционизам, управител на компанијата Здрави Навики и истражувач со два научни труда во делот на исхраната и влијанието на нутритивните вредности на храната.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Колку се промени фокусот на здравата исхрана за време на пандемијата со КОВИД-19?

Гулевска: Здравата исхрана стана примарна во овој период на пандемија, свеста кај луѓето се зголемува со тоа што оние кои се веќе со дијагностицирани болести бараат стручна помош во делот на исхраната за подобрување на здравјето. Исто така и здебеленоста како ризик фактор во оваа пандемија го зголеми фокусот кон здравата исхрана. Воопшто сите оние кои практикуваат или сакаат да практикуваат здрав начин на исхрана и да внимаваат на своето здравје и животен стил, сè повеќе посетуваат нутриционист кој ги води кон остварување на своите цели и градење на имунитетот.

Моја Фарма: Како да се направи план за здрава и избалансирана исхрана?

Гулевска: Планот за здрав начин на исхрана претставува балансирана исхрана со совети и правила што, кога и во која количина да се консумира, секој според индивидуалните карактеристики. Во Здрави навики плановите се изготвуваат преку анализата на холистичката анамнеза и мерењата на функционалната вага каде се согледуваат сите метаболитички параметри.

Моја Фарма: Што значи холистички пристап на прочистување на организмот и холистичките методи?

Гулевска: Холистика e филозофска доктрина која гледа на еден систем – оргaнизам како збир на елементи кои се меѓусебно поврзани и кои создаваат нови особини и откритија, конкретно за личноста како целина – комплетна психо-физичка слика. Холистичката исхрана цели кон баланс на целиот организам. Во овој современ свет со голема побарувачка и пласман на најразлични производи, за жал фокусот е на брзата храна, а сè што треба да се направи е да се подготви свеж оброк.

Холистичката исхрана претставува консумирање на здрава храна што е можно поблиску до природната состојба за оптимално здравје и благосостојба. Холистичката исхрана вклучува нерафинирана, непреработена, органска и локално растена храна. Тоа е пристап каде исхраната претставува свесно консумирање на намирниците и размислување за веќе консумираната храна како и главен фокус на мислата „Исхрана за здравје“.

10 холистични принципи за здрави навики и здрав начин на исхрана

  1. Јадете цела храна: Цело овошје и зеленук- свежо и необработено во потполност како што го добиваме од природата, жита од цело зрно, идеата е јадеме во целост.
  2. Консумирајте органска храна: Избегнувајте пестициди, хербициди, антибиотици и хормони во вашата храна со избирање на органски намирници кога и да сте во можност, органската храна има подобар вкус и содржи повеќе хранливи материи.
  3. Избегнувајте ги шеќерите:Отфрлање на рафинирани и вештачките засладувачи со природна замена.
  4. Пијте повеќе вода.
  5. Намалување на внесот на натриум: Намалете го внесот на сол со избегнување на преработената храна.
  6. Купувајте од локалните производители и јадете сезонски намирници.
  7. Елиминирајте го белото брашно.
  8. Јадете здрави масти:Здравите масти се важни за добро здравје, умерени количини на органски ладни масла. За готвење со висока температура, одберете масла што можат да се користат  на висока топлина, како што се органски канола или кокосово масло. Сепак, избегнувајте транс масти од хидрогенизирани масла и заситени животински масти од црвено месо и млечни производи.
  9. Гледајте што и колку консумирате:Дури и кога јадете здрава храна, сепак е важно да се потсетите на количината на оброкот.
  10.  Мисија и цел: ЗДРАВ, ОПТИМАЛЕН И ИЗБАЛАНСИРАН ОРГАНИЗАМ

Анализа на најразлични елементи од начинот на живот, исхрана и здравје на клиентот преку Холистичка анализа, која претставува сеопфатна и систематична анализа како на личноста така и на секојдневието и на начинот на живот.

Сите сме склони кон навики – некои свесно ги правиме, но главно несвесно. Да се успее свесно да се делува и да се променат т.н. лоши навики кои ги имаме и несвесно ни влијаат преку процесот на самоконтрола и умереност, како и самодоверба во себе дека сè е возможно –буквално сè што ќе замислиме и решиме може да постигнеме, ние делуваме и сме плод на нашите мисли и чувства.

Сè што е умерено е здраво: Јадете умерено, но редовно. Оброкот консумирајте го мирно и позитивно. Имајте на ум дека добро соџваканата храна е половина сварена, и додека јадете имајте убави мисли.

Моја Фарма: Колку е важна локално произведената храна како и храната од органско производство од локални фармери?

Гулевска: Од огромна важност е да се купува од локалните произведувачи, сезонско овошје и зеленчук како и да се конзумира органски произведена храна за потполно здравје.

Моја Фарма: Постојат ли „модни“ трендови со препорачани состојки во различни период и колку тоа влијае на цените на здравата храна?

Гулевска: Секогаш има модни трендови кои доаѓаат, но најважно е да не се водиме според трендовите бидејќи не секогаш се правилниот избор, главно е потребно да го слушаме нашето тело, да се храниме здраво, да имаме физичка активност и да бидеме во баланс со својот организам во целост.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости