Анализа: Непријавувањето на земјоделските сезонски работници носи многу ризици, секторот е неконкурентен

Анализа: Непријавувањето на земјоделските сезонски работници носи многу ризици, секторот е неконкурентен

 

Над 20 илјади работници годишно се дел од непријавениот сезонски труд во земјоделството. Станува збор за луѓе претежно од социјално ранливите категории кои извршуваат задачи во тешки услови, и ги сносат сите ризици од нерегулираните работни односи бидејќи не може да ги остварат работничките права. Сезонската работа може да трае неколку дена во сезоната, до неколку месеци и токму кратокорочноста на ангажманот создава пречки во формализација на работниот однос, а секако влијание имаат и комплицираните постапки кои им отежнуваат на работодавачите да склучат соодветни договори со „сезонците“. Со Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики ги анализираме состојбите со непријавениот земјоделски труд, ризиците за работодавачите и работниците и последиците врз пазарот на труд во земјоделството.

МојаФарма: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат сезонските работници во земјоделството?

Трајковски: Несомнено, најголем проблем за сезонските работници е непријавената работа. Наодите од бројни истражувања, вклучително и неодамнешното спроведено од страна на Центарот за истражување и креирање политики, покажуваат дека сезонската работа во земјоделството најчесто се врши во рамките на неформалната економија, односно само мал дел од сезонските работници се пријавени и ја добиваат реалната плата наведена во договорот без да им бидат исплаќани средства „на рака”. Причините се припишуваат на практиката за избегнување на: оданочување, уплаќањето на придонесите од задолжителното социјално осигурување и почитувањето на одредбите од трудовото законодавство. Така, освен што непријавената работа има влијание на владеењето на правото и нарушување на конкурентноста меѓу работодавачите, таа сериозно ја загрозува благосостојбата на работниците во дејноста, доставувањето на јавните услуги и остварувањата на правата кои се финансираат преку јавните давачки, а се врзани со пријавената работа. Сепак, треба да се напомене дека непријавениот труд често се врзува и со карактеристиките на сезонската работа која не е соодветно уредена со правната рамка, како и недоследната примена на постојниот систем за пријавување сезонски работници кој е проследен со одредени ограничувања за индивидуалните земјоделци.

МојаФарма: Кои категории се најчество вклучени во сезонското извршување на работни ангажмани во земјоделството и кои проблеми најчесто се јавуваат од непријавениот труд?

Трајковски: Сезонската работа за многумина е избор направен заради стекнување основни средства за живот па сѐ повеќе како работници во земјоделството се сретнуваат лица кои не можат или не сакаат да бидат формално пријавени, а се работоспособни пензионери, долгорочно невработени, лица со исклучително ниско ниво на стручност и социјално-ранливи категории граѓани (претежно ромско население, често без лични документи за идентификација). Оние кои можат да бидат пријавени, а одбиваат најчесто не се свесни и доволно информирани за долгорочните последици од таквата практика и тие не ги уживаат работничките права кои произлегуваат од работниот однос. Тоа значи дека тие како работници не се ниту правно заштитени доколку настане проблем при спроведување на работата или се прекршат нивните права. Дополнително, сезонската работа во земјоделството е физички напорна и честопати опасна и како работници се изложени на работа во различни временски услови, користејќи различни машини со кои се одвива процесот на земјоделско производство. За нив и за работодавачот секогаш постои стравување од евентуална повреда на сезонскиот работник додека е на работното место, бидејќи работниот однос не е евидентиран кај надлежните служби и за работникот не е покриено задолжителното здравствено осигурување или друг вид осигурување при повреда.

Проблем за сезонските работници претставува и тоа што земјоделски обработливите површини се наоѓаат во рурални области кои не се доволно добро покриени со услугите овозможени од јавниот превоз. Принудени да прифатат работа далеку од нивниот дом, тие се превезувани од страна на посредници и превозници кои ги носат во други градови и населени места за да ја вршат својата работа, притоа за таа услуга земаат дел од нивната дневница. Имајќи предвид дека и самите доаѓаат од населени места кои се „изолирани“, постои можност да се соочат со ограничувања во поглед на пристап до образование и информации за своите работнички права, а како последица на тоа да имаат тешкотија да одржат постабилен работен однос во земјоделството.

МојаФарма: Колку ваквата состојба влијае врз самиот сектор, дали и работодавачите се ставаат во ризик да бидат дел од сивата економија и колку тоа го попречува развојот на пазарот на труд во земјоделството?

Трајковски: Земјоделството во последните години не е конкурентна стопанска дејност. Сезонската работа е тешка, интересот кај невработените е низок, просечните дневници не се на ниво на оние во индустријата, а работните ангажмани се релативно кратки и несигурни. Сето тоа го попречува развојот на пазарот на труд во земјоделството кој и онака е во незавидна состојба. Имено, таквата состојба придонесе во последната декада да бележиме тренд на пренасочување на работната сила кон индустријата, особено кон претпријатијата во т.н. слободни економски зони кои се отворија во традиционално земјоделските региони во државата. Овие претпријатија веќе ја имаат повлечено стручната и квалификувана работна сила од земјоделството, овозможувајќи им на работниците услови за стабилен работен однос и солидни примања користејќи ги придобивките за ослободување од плаќање придонеси. Така, додека младите си заминуваат од државата, а невработените ја избегнуваат сезонската работа во земјоделството, слободните работни места ги пополнуваат возрасните работници и работнички кои имаат искуство да ги вршат сите операции на производство во земјоделството, но се повеќе и тие заради тежината на работата избираат да работат во услужните дејности, дури и за помала плата. Заради тоа, се јавува сериозен недостиг на сезонска работна сила во земјоделството, па работодавачите се принудени да ги ангажираат сите работници кои се подготвени да работат. Тоа подразбира и категории работници кои формално не можат да бидат пријавени, а во суштина вршат сезонска работа.

МојаФарма: Доаѓа ли до проблеми на терен со инспекции и казни, колку тоа влијае врз развојот на земјоделските компании, но и на земјоделците индивидуалци и семејни фарми?

Трајковски: Честата практика сезонската работа да не биде пријавена кај надлежните институции повлекува низа проблеми. Секогаш постои можност од инспекциска контрола и изрекување високи парични казни за сторените прекршоци уредени со трудовото законодавство кои можат да ги принудат земјоделците да се откажат од натамошна работа. Иако постои опасност, најголем дел од нив одлучуваат да ризикуваат, односно се принудени да „играат“ согласно поставените правила на пазарот на трудот во земјоделството и да ги ангажираат сите работници кои можат да работат, дури и ако не можат формално да ги пријават. Нивните искуства се различни, а се почесто се соочуваат со групи работници кои одбиваат да бидат пријавени и доколку работодавачот инсистира на тоа ќе остане без работници, а тие ќе заминат кај друг работодавач. Во услови на ниска понуда никој во земјоделството не може да си го дозволи тоа. Покрај ризикот од парични казни при инспекциски контроли, оваа состојба неповолно се одразува врз финансиската стабилност и одржливост на земјоделските стопанства. Заради недостиг од работници, дневницата за сезонскиот работник во последните години бележи значителен пораст и се поизразена е нелојалната конкуренција која настанува меѓу оние кои работат согласно прописите и оние кои ги избегнуваат.

Истражувањето кое го спроведе ЦИКП помогна да се идентификуваат слабостите во постапката за вработување на сезонски работници. Забележавме дека непријавениот труд претежно е врзан со малите работодавачи, додека претпријатијата имаат соодветни служби кои ја водат постапката за пријавување работници и имаат капацитет да ги спроведат сите чекори кои се утврдени во правната рамка. Индивидуалните земјоделци имаат ограничени човечки и административни капацитети и за нив е потребно прилагодување на системот и правната рамка бидејќи работниците ги ангажираат за кратки и привремени работни ангажмани кои често се со времетраење од неколку работни дена или се повторуваат по неколку пати во текот на сезоната. Постапката за пријавување е обемна и одзема многу време за еден земјоделец кој е работодавач, но и работник на својот посед. За користење на електронскиот систем е-Работа управуван од Агенцијата за вработување на РСМ преку кој може да се врши регистрирање на работен однос потребен е дигитален сертификат – кој е скап, а системот можат да го користат само правни лица, што оневозможува регистрирање сезонски работници од страна на индивидуалните земјоделци. Практично малите работодавачи се ставени во некоја неповолна средина меѓу ограничувањата на електронскиот систем и правната рамка која ги препознава сезонски работници кои работат подолг временски период без прекини во работниот однос (8 од 12 последователни месеци во календарската година, согласно ЗРО) и работниците од друга страна кои иако претпочитаат да бидат пријавени, истовремено не сакаат да ги загубат стекнатите придобивки за краток работен ангажман од само неколку дена.

МојаФарма: Која е разликата меѓу организирање на сезонска работа на малите семејни фарми и поголемите претпријатија, каде се наоѓаат сезонски работници и кои се ризиците од сегашните состојби во регулативата и поставеноста на сезонскиот труд во земјоделството?

Трајковски: Земјоделските претпријатија најголем дел од работниците повторно ги ангажираат и следната сезона, а тие се добро информирани кога почнува сезоната и се пријавуваат на јавните огласи. За вработување на сезонски работници претпријатијата ги користат и услугите на приватните агенции за вработување кои имаат лиценца за привремени вработувања. Како големи работодавачи се во предност на пазарот на труд во земјоделството споредено дури и со претпријатијата од другите стопански гранки бидејќи се во можност да обезбедат посигурна сезонска работа во времетраење од неколку месеци во годината, подобри услови за работа, одмор (кога колективно се прекинува производствениот процес) и секако најважното за работниците – подобра дневница.

За разлика од претпријатијата, индивидуалните земјоделци и семејните земјоделски стопанства имаат ограничени човечки ресурси, но и значително помалку финансиски средства на располагање кои можат да ги користат за ангажирање работници преку агенциите за привремени вработувања. Заради тоа, се снаоѓаат на различни начини. Сезонска работна сила ја наоѓаат преку лични контакти, соседи, пријатели или на збирните места каде што доаѓаат работниците. Во определени региони од државата за сезонски вработувања посредуваат лица кои вршат превоз на работниците од другите градови. Приморани да ги користат нивните услуги, работодавачите се соочуваат со низа ризици и непредвидени трошоци. Имено, тие немаат информација за статусот на овие посредници и дали тие се регистрирани за вршење на оваа дејност, ниту која е висината на износот кој тие го земаат од работниците, но свесни се дека на овој начин значително се зголемува цената на чинење за трудот на работникот, но и несигурноста. Имено, работодавачот не знае кои лица ќе дојдат да работат, ниту дали може сите да ги пријави. Искуствата покажуваат дека групите од работници кои доаѓаат да работат со себе носат малолетни деца, кои во суштина не работат, но мора да бидат платени со цел останатите работници да прифатат да ја вршат работата. Освен за нивната безбедност како непријавени работници тие мора да обезбедат топол оброк и да ги покријат трошоците за превоз. Работодавачите се чувствуваат уценети заради недостигот на работна сила бидејќи условите кои работниците ги поставуваат мора да ги прифатат за да ги завршат предвидените активности. Предизвик за секој од нив е кој прв ќе ги ангажира работниците, бидејќи во даден момент сите имаат потреба од нивниот труд, а ризикот од направените прекршоци во поглед на трудовото законодавство е речиси исклучиво на нивен товар.

Категории: Интервјуа

Слични Новости