Интервју со Мато Мркаљ, менаџер за бизнис развој во групацијата НУТРИС: Сега е вистински момент за влез на пазарот на протеини од растително потекло

Интервју со Мато Мркаљ, менаџер за бизнис развој во групацијата НУТРИС: Сега е вистински момент за влез на пазарот на протеини од растително потекло

 

Годишно, глобалната побарувачка за протеини од растително потекло бележи двоцифрен раст, а само во Европа порасна за речиси 50% во текот на последните две години. Современото земјоделство бара отвореност кон иновации во  земјоделското производство, а притоа сè поважен императив станува одржливото земјоделство и грижата за заштита на животната средина. Токму препознавањето на потенцијалот на пазарот за производи од растително потекло, како и развојот на иновативен пристап во искористувањето на овој потенцијал на одржлив начин, е тема на разговор во денешното интервју со Мато Мркаљ, менаџер за бизнис развој во хрватската групација НУТРИС.

Моја Фарма: Која е приказната позади НУТРИС? Како започна сè, која е главната визија на компанијата? Кои беа главните предизвици на почетокот (персонал, финансии, снабдувачи, регулативи, политики, итн.)?

Мато Мркаљ: НУТРИС (NUTRIS) постои од 2019 година, како резултат на јасната определба да го направи светот подобро место. Ние веруваме дека нутритивниот, иновативниот и одржлив концепт, кој се спроведува во секој сегмент од нашиот бизнис, може да направи револуција за иднината на земјоделството.

Идејата и визијата за започнување на производство на растителни протеини се родија пред неколку години, како резултат на тоа што Хрватска се соочуваше со вишок во производството на скоро сите поледелски култури што се извезуваат како квалитетна суровина за странските пазари и нивната индустрија за храна. При истражувањето на постоечките технологии за преработка на растителни суровини, беше воспоставен контакт со данската компанија Сика Даниа (SiccaDania), една од водечките компании во светот денес, која обезбедува готови решенија за процеси во индустријата со храна од растително потекло, вклучувајќи уникатен патентиран метод наречен “One-In-All-Out”, односно процес за фракционирање на бакла, или попозната како фава грав, развиен во соработка помеѓу SiccaDania и Универзитетот во Копенхаген.

Баклата е во тренд на светскиот пазар на храна, што беше доволна причина за дански и хрватски инвеститор да одлучат заеднички да изградат фабрика за бакла и преработка на индустриски компири, како и производство на растителни протеини во Хрватска, која што е прва од ваков вид во Европа. Се работи за сосема нова технологија, а инвестицијата е вредна 29,3 милиони евра.

Моја Фарма: Која е главната технологија на која компанијата НУТРИС е фокусирана?

Мато Мркаљ: Уникатната хибридна фабрика за производство на протеини, скроб и растителни влакна од бакла и компир претставува темел за сосема нова индустрија и е резултат на добрата соработка, која се карактеризира со хрватска иновативност и истрајност и дански инженерски пристап. Споменатиот патентиран “One-In-All-Out” технолошки процес ги одделува растителните состојки како што се протеини, скроб и растителни влакна, на начин кој не предизвикува последици врз животната средина и ги претвора во производи со висок квалитет наменети за прехранбената индустрија.

Моја Фарма:  Каква е Вашата соработка со фармерите при иновативниот процес и при развојот на Вашиот производ?

Мато Мркаљ: Една од подружниците на групацијата НУТРИС, НУТРИС.фарм™, е водечка организација за одржливо производство на култури со висок принос и одржлив семенски материјал, каде што главниот фокус е искористување на целиот потенцијал на растенијата кои што се одгледуваат. Компанијата работи на принципот на класична задруга, но со комплетно сменет пристап. Ние ги обезбедуваме условите за производство и договорот за откуп на производите по однапред договорена цена, што на фармерите им гарантира сигурност за остварување на профит. За да се прошири производството на легуминозни култури, ние исто така обезбедуваме семенски материјал, целосна бизнис поддршка и мониторинг на производството кај кооперантите. Со производството за потребите на НУТРИС.фарм™, земјоделците можат директно да учествуваат во синџирот на снабдување на светските компании од прехранбената индустрија.

Моја Фарма:  Освен договорениот откуп и дефинираната цена, кој е вашиот модел на соработка со земјоделците за да можете да гарантирате висок квалитет, максимален принос и да ги извлечете најголемите придобивки за двете страни? 

Мато Мркаљ: НУТРИС.фарм ги снабдува земјоделците со семенски материјал од контролирано потекло и сертифициран од ЕУ, со што се гарантира најдобар квалитет и најголеми придобивки за двете страни.

Моја Фарма:  До кој степен иновативниот пристап и технологија што ги применувате се во насока на одржливост и заштита на животната средина (почва, вода, биодиверзитет итн.)?

Мато Мркаљ: НУТРИС е целосно посветен на нутритивниот, иновативниот и одржлив концепт кој се заснова на принципите на циркуларна економија и зелените технологии. Ние имаме подобро и почисто производство кое што го намалува негативното влијание врз животната средина и се стремиме кон производство со нула јаглероден отпечаток за да помогнеме да се зачува планетата. Одржливост во самото производство се постигнува преку намалена потрошувачка на вода и енергија, употреба на обновливи извори на енергија, целосна валоризација и искористување на секој дел од растенијата и намален јаглероден отпечаток.

Моја Фарма:  До кој степен Вашиот бизнис модел е поддржан од стимулативната регулатива на национално, регионално и ЕУ ниво? Како Вашиот бизнис модел  е позициониран во однос на целите на Европскиот Зелен Договор и поврзаната стратегија “Од фарма до вилушка”?

Мато Мркаљ: Во 2021 година, НУТРИС.тех™ беше прифатена како членка на Глобалниот пакт на ОН, најголемата иницијатива за корпоративна одржливост во светот, приклучувајќи се на заедница од 10.000 компании + 4.000 други организации  кои го поддржуваат постигнувањето на целите за одржлив развој до 2030 година.

НУТРИС групацијата не само што доследно е усогласена со стратегијата „Од фарма до вилушка“, туку истовремено придонесува кон исполнување на целите од Зелениот договор преку истражување и иновации, во соработка со Универзитетот во Копенхаген, Универзитетот во Загреб и Универзитетот Вагенинген. Ни претставува голема чест да кажеме дека нашиот бизнис модел досега е признат од стимулативните политики на национално, регионално и ЕУ ниво.

НУТРИС.фарм™ од друга страна има тековна соработка со Платежната агенција на Европската мрежа за рурален развој и Министерството за земјоделство, со цел да им се помогне на производителите да преминат кон поодржливи практики и да постигнат хармонија со животната средина. Баклата има важен придонес за одржливоста на земјоделскиот систем – при одгледувањето на баклата не се употребуваат азотни ѓубрива (Н46), таа го фиксира азотот во почвата, ја растресува почвата и подобрува нејзината структура за други растенија.

Моја Фарма: Како ја замислувате иднината на НУТРИС во контекст на глобалните предизвици поврзани со одржливоста на системите за храна? 

Мато Мркаљ: Со нашите НутриСмарт протеински изолати и скроб од бакла, веќе сме позиционирани како еден од водечките снабдувачи на пазарот во Европа. Градиме конкурентен и профитабилен систем во кој нашите инвеститори ќе имаат одржлив поврат на капитал. На долг рок, сакаме да станеме играч со најголема вредност на глобалниот пазар за производи од растително потекло и градиме систем каде што НУТРИС групацијата ќе ги преобрази старите модели во земјоделството, ќе ја поддржи револуција во системите на храна и ќе гарантира одржлив и високо ефикасен синџир на снабдување во индустријата на производи од растително потекло.

Моја Фарма: Каков е потенцијалот на производите и генерално досегашните постигнувања на НУТРИС во контекст на поддршка на земјоделско-прехранбениот сектор во Западен Балкан?

Мато Мркаљ: Во модерното земјоделство се става акцент пред сè на отвореноста за нови работи и прилагодувањето на постојано променливиот пристап кон земјоделските иновации и земјоделски практики, кој е насочен кон поголема ефикасност и намалување на обемот на природни ресурси потребни за задоволување на растечката побарувачка за храна во светот.

Фактот што производството на земјоделските површини во Хрватска и во Западен Балкан генерално, било занемарено и со многу мал интензитет, денес претставува предност, бидејќи протеинските изолати се основа за здрава исхрана базирана на алтернативни извори, како што се соја и грашок. Производството на здрава храна се наоѓа во центарот на вниманието, а нашите полиња се еколошки чисти. Годишно, глобалната побарувачка за растителни протеини бележи двоцифрен раст. Во Европа, на пример, порасна за речиси 50% во текот на последните две години. А баклата е култура која штотуку се открива и станува интересна. Тоа е главната причина зошто, токму сега е вистинското време да се влезе на тој пазарен сегмент со огромен потенцијал и да се заземе водечка позиција за иднината, да се изгради платформа преку која производителите од Хрватска и Западен Балкан ќе може да станат дел од најбрзо растечката прехранбена индустрија во светот.

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости