Егзотично патување со здрави состојки – Што е виолетова пченка, од каде потекнува и кои се нејзините карактеристики?

Егзотично патување со здрави состојки – Што е виолетова пченка, од каде потекнува и кои се нејзините карактеристики?

 

Денес тимот на Моја Фарма ве носи на егзотично патување со вкусни и хранливи состојки кои се карактеристични за перуанската кујна и можеби најспецифичната храна, а тоа е виолетовата пченка која освен што изгледа невообичаено, има и многу здравствени бенефити.

Пурпурната или виолетова пченка домородното население ја користи уште од цивилизацијата на Инките. И денес, таа е една од најчесто консумираните прехранбени состојки во перуанската кујна. Оваа култура е главна состојка во приготвувањето на разни пијалаци, шербети, слатки, леб и тортиљи.

Извор: Pixabay

Интензивната виолетова боја на оваа пченка е карактеристична само за Перу. Тоа е можеби и поради специфичните услови каде расте во околината на  перуанските Анди.

Виолетова нијанса се должи на видот на антиоксиданти што ги содржи – антоцијани. Растенијата  кои се обоени со виолетовата боја, вклучувајки ја и оваа пченка, содржат големи количини на антоцијан. Колку поинтензивна е виолетовата боја во храната, толку поголеми количини на антоцијан се содржат во неа. Поради овие соединенија пурпурната пченка е многу поздрава во однос на жолтата пченка. Моќните антиоксиданти имаат антивоспалително дејство и ги штитат клетките во организмот и го зајакнуваат целокупниот имунитет.

Според некои истражувања  големата количина на антоцијани помага во спречување на појава на дијабетис и во намалувањето на вишокот килограми. Позитивно влијаат на здравјето на срцето, ја подобруваат циркулацијата и  го регулираат крвниот притисок. Овие хранливи материи помагаат во забавувањето на процесот на стареење, го промовираат производството на колаген, ги регенерираат ткивата и ја спречуваат појавата на брчки.

Исто така содржат и два моќни антиоксиданти лутеин и зеаксатинин. Високото ниво на овие антиоксиданти е поврзано со намалените шанси на развој на болести на очите, како катаракта (заматување на природната леќа на окото) или дегенерација на макулата (главната причина за слепило).

Еден од најпопуларните пијалоци од виолетова пченка е „чика морада“ – традиционален пијалок кој се прави од виолетова пченка,  разни овошја и зачини. Овој сладок пијалок важи за хранлива „бомба“ поради големата количина на антиоксиданти, витамини и минерали.

чика морада

Извор: fmdos.cl

Се надеваме дека успешно ви го доловивме уникатниот производ од Перу, а главната цел ни е да ја истакнеме важноста на локалните производи за секоја кујна и специфично географско подрачје. Следете ги содржините на Моја Фарма со редовни совети за здрава храна, и бидете дел од нашите заложби за промовирање на здрави навики и прилагодување на дневното мени со сезонско овошје и зеленчук. До следното „здраво патување“.

 

Насловна слика извор:Pixabay

 

Категории: Здрава храна