Жолта `рѓа на пченицата

Жолта `рѓа на пченицата

 

Меката пченица (Triticum aestivum L.) е најодгледувана житарица во Република Македонија на површина од околу 80.000 хектари. Производството на пченица во Македонија во претходните неколку години константно претрпува сериозни штети и намалување на приносот како резултат на фолијарни болести, односно болести кои што ја напаѓаат лисната маса. Една од овие болести е и жолтата ‘рѓа кај пченицата  (Puccinia striformis). Историски гледано, за сериозноста на потенцијалните штети што може да ги направи оваа болест, старите Римјани приредувале ритуали (‘Robigalia’) за спас на посевите што докажува дека болеста била најголема закана за житните култури уште во дамнешни времиња.

Жолтата ‘рѓа претставува закана во глобални рамки и најважна болест кај одредени поледелски култури. Штетите од оваа болестсе одразуваат во намалениот квалитет на зрната и силажа, особено во региони со пониски температури. Температура до 15°C придружена со голема количина на роса и влага  е оптимална за развој на жолтата ‘рѓа кај пченицата.  Меѓутоа, во поново време, поагресивна форма на оваа болест почнува  да се јавува и во области каде што преовладува потопла клима, области слични на Македонија, каде што претходно е констатирано дека не постојат погодни услови за развој на епидемија од Puccinia striiformis. Појавата на болеста во  земјите со потопла клима најверојатно се должи на нови вариетети што поднесуваат повисоки температури и одгледување на сензитивни сорти на пченица. Во периодот од 2009-2015 година во Европа се детектирани дури 17 различни видови на Puccinia striiformis.

zolta rga

Жолта `рѓа на лист на пченица

Главните карактеристики на деструктивниот потенцијал на жолтата ‘рѓа се пролиферација на спорите, односно производство на голем број на спори за ефикасно понатамошно распространување на болеста и генетската варијабилност. Изразените симптоми по нерватурата на листот, како жолто-портокалови линии, најчесто се јавуваат недела или две по инфекцијата.

spori

Микроскопски приказ на спори

Од жетвата до никнењето на пченицата таа се одржува во вид на уредоспори, на остатоците на пченицата или на самоникнатите растенија.

Одгледување на сорти на пченица отпорни на оваа болест е најдобар избор за превенција од зараза. При напад на ваквите отпорни сорти од страна на Puccinia striiformis, симптомите најчесто не се јавуваат или пак се во форма на хиперсензибилна реакција. Хиперсензибилната реакција е изразена сензитивност на клетките и ткивата кон патогените. При ваквата реакција клетката продуцира супстанци со кои самата се убива и патогенот останува заробен во мртвото ткиво. Доколку сортата не е отпорна и настане инфекција се препорачуваат системични фунгициди  врз основа на: триадимефон, триадименол и пропиконазол.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Култури