Завршен настан по повод затворање на проектот  „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

Завршен настан по повод затворање на проектот  „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

 

 

Завршен настан по повод затворање на проектот  „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ се реализираше во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.

Проектот е од исклучителна важност за развој на задругарството во Р. С. Македонија. Финансиски е поддржан од Европската Унија, имплементиран од страна на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија. Краен корисник е МЗШВ и сите земјоделци.

На овој настан свои поздравни обраќања имаа министерот Арјанит Хоџа, г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, г -ѓа Сумка Бучан – Регионална директорка на CARE, г -дин Лазар Неданоски – Извршен директор на МРФП и г-ѓа Сузана Димитриевска – Претседателка на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.

„Во изминатиот период Министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит кој го имаат од членството во задруги. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодувањето за финансиска поддршка и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, наскоро ќе стартува и ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање“ изјави Хоџа.

Г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, изјави дека е многу задоволен за завршување на на уште еден проект, реализиран со поддршка од Европската Унија. Тој се заблагодари на сите учесници кои беа директно вклучени во процесот и кои заеднички ги постигнаа проектираните цели на проектот.

Претставниците на CAREInternational и Македонската развојна фондација за претпријатија, ги претставија конечните достигнувања на проектот. Меѓу друго резултатите вклучуваат: подобрување на правната рамка која го регулира формирањето и функционирањето на земјоделските задруги; зајакнување на улогата на чадор –организацијата на земјоделските задруги; подобрување на улогата на МЗШВ за следење на перформансите на земјоделските задруги преку креирање на посебен софтвер; подготовка на Стратегија за МЗШВ за развој на земјоделските задруги (2022-2028) и последно, но не и најмалку важно, презентирање на инвестициите од проектот во рамките на грантовата шема за 18 земјоделски задруги низ целата земја.

Вкупниот износ на проектот е 1,98 милиони евра и има за цел да се зголеми конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги.

 

Категории: Вести