Заврши откупот на винското грозје – Откупени над 100, а извезени 3,4 милиони килограми грозје

Заврши откупот на винското грозје – Откупени над 100, а извезени 3,4 милиони килограми грозје

 

Вкупниот род на винското грозје годинава е во рамките на просечните годишни количества и тежи 104,4 милиони килограми. До 20. октомври од лозарите се откупени 79,2 – а винарниците од сопствените насади собрале 21,8 милиони килограми винско грозје. Според Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) на странските пазари се извезени 3,4 милиони килограми.

Откупени се нешто повеќе од 100 милиони килограми и тоа поголем дел од црвените сорти. Според ДИЗ, смедеревката достигнала цена од 10, а вранецот од 12 денари за килограм. Поголемиот дел од вкупното количество преземено винско грозје е од сортата Вранец со 42,2, а од смедеревката се откупени 31,5 милиони килограми.

Останува мал дел од таканаречената доцна берба за која се проценува дека ќе тежи најмногу до 400 илјади килограми, со што оваа сезона, вкупната евидентирана реколта ќе биде околу 105 милиони килограми грозје.

Лозарите велат дека откупот на грозјето поминал мирно со исклучок на неколку инциденти на почетокот на откупот. Тие велат дека во текот на откупот некои винарниците ги уценувале и не сакале да им го откупуваат Вранецот под 19 шеќерни единици и смедеревката под 18 шеќерни единици, но не ги пријавиле за да не им остане грозјето неоткупено.

-Некои откупни пунктови и покрај тоа што го откупуваа грозјето по договорените откупни цени манипулираа шеќерните единици. Тие за време на откупот не сакаа да го откупуваат Вранецот под 19 и смедеревката под 18 шеќерни единици и покрај тоа што беше договорено шеќерноста за вранецот да биде 18, а за смедеревката од 16 малигани па нагоре, изјави, Дане Јошев, претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари“.

 

Извор: Вечер