За Велигден вапцајте јајца со природни бои

За Велигден вапцајте јајца со природни бои

 

За вапцување на велигденските јајца порано се користеле природни материјали. Најчесто тоа биле разни билки и зеленчуци, како и  одредени видови дрва (пр. цреша и  даб). Денес едни од  најчесто користените природни материјали се: лушпата од кромид, цвеклото, црвената зелка, морковот, куркумата, шафранот, зелениот чај, боровинки и виното.

За овој Велигден Ви препорачуваме неколку начини како на природен начин да добиете уникатни бои.

Жолта боја можете да добите од куркума. Во голема чинија се ставаат 4 лажици куркума, заедно со 2 филџани вода и 1 лажица оцет. Сите состојки убаво се промешуваат. Претходно варените јајцата се оставаат да отстојат во оваа течност,  додека  добијат убава жолта боја. Оптималното време е околу 8 часа. Потоа се вадат и се премачкуваат со масло. Вишокот на масло се брише со салфетка.

Црвена боја можете да добиете од цвекло. Бојата ја подготвуваме со 3 чаши сок од цвекло и 1 литар вода, на што додаваме и 1 лажица бел оцет. Во подготвената боја, на тивок оган ги вариме јајцата околу 15 минути и ги оставаме да отстојат во неа. Јајцата ги оставаме во течноста минимум уште 30 минути, а доколку сакаме потемна црвена боја јајцата ги оставаме и до еден час.

Виолетова боја можете да добиете од црвено вино. Јајцата ги ставаме во вино и ставаме онолку вино колку е потребно целосно да бидат прекриени. Јајцата ги вариме во течноста 15 минути и ги оставаме да се изладат во течноста во која се вареле околу 8 часа. При користење на вино, на површината на јајцето се оформуваат мали кристалчиња.

Сина боја  можете да  добиете од црвената зелка. Зелката  ситно ја рендаме и врз неа наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да ја покриеме и вариме 30 минути. Потоа ја оставаме да отстои 1 ден и прецедуваме. Во оладената течност ги оставаме претходно сварените јајца да отстојат 30 минути. Течноста за бојадисување има темно црвена боја, а јајцата се бојадисуваат сино.

Зелена боја  можете да добиете од спанаќот. Првин спанаќот ситно ќе го сецкаме и врз него наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да се покрие. Го оставаме  да отстои 4 часа, потоа спанаќот го вариме 30 минути и оставаме да се излади. Во изладената течност за бојадисување ги потопуваме јајцата и ги оставаме 30 минути. Наместо спанаќ може да употребите и коприви.

 

Автор: Александра Силјановска

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

 

Категории: Здрава храна