Здравствениот ризик од микробите отпорни на антибиотици присутни во пилешкото месо

Здравствениот ризик од микробите отпорни на антибиотици присутни во пилешкото месо

Отпорноста на антибиотици важи за голем здравствен ризик за луѓето. Овие сознанија беа причина German Watch, организација за животна средина, да покрене иницијатива за студија при Рур Универзитетот од Бохум. Во рамки на студијата биле купени 165 примероци од месо од ефтиниот асортиман на познати маркети како Лидл и Алди, односно директно од индустриската продажба на големите производствени концерни. Сите примероци потекнувале од производствените капацитети на трите најголеми концерни за пилешко месо на ниво на ЕУ, од Германија, Франција и Холандија.

Резултатите од тестовите покажале дека повеќе од секој втор примерок од испитаното пилешко месо (51 %) содржи микроби кои се отпорни на еден или неколку антибиотици истовремено. Во една третина од испитаните примероци биле пронајдени микроби кои се отпорни на кинолон. Станува збор за т.н. резервни односно антибиотици за итни случаи, кои се применуваат кај луѓето во случаи кога вообичаените антибиотици немаат дејство. Колку повеќе такво месо е присутно во исхраната на луѓето, толку е поголем ризикот овие лекови да го изгубат дејството.

Поради малиот број на примероци оваа студија не важи за репрезентативна. German Watch објаснува дека целта на студијата е да се укаже на можните последици од употребата на антибиотици во индустриското одгледување на животни.

Употребата на фармацевтски производи при одгледувањето на животни за исхрана е актуелна тема во тековните напори за реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП). Во согласност со стратегијата „Фарма до вилушка“ продажбата на овие фармацевтски производи треба да се намали за 50 % до 2030 година.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.