Земјите-членки на ЕУ се борат со кусиот рок за поднесување на „стратешките планови на ЗЗП“

Земјите-членки на ЕУ се борат со кусиот рок за поднесување на „стратешките планови на ЗЗП“

 

Земјите-членки на ЕУ се борат со кусиот рок за поднесување на „стратешките планови на ЗЗП“. Третина од земјите-членки на ЕУ изразија загриженост од незапазување на крајниот рок до крајот на годината за поднесување на нивните национални стратешки планови во рамките на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), вклучително и родната земја на комесарот за земјоделство Полска.

На состанокот во Луксембург одржан во октомври, министрите за земјоделство на ЕУ ја разгледаа моменталната состојба и случувањата во стратешките планови на ЗЗП.

Преку овие планови, земјите на ЕУ ќе утврдат какви планови имаат за исполнување на деветте цели ширум ЕУ додека, во исто време, одговараат на потребите на нивните земјоделци и руралните заедници.

Нацрт плановите треба да бидат доставени за одобрување до Европската комисија до крајот на годинава. Сепак, не сите земји на ЕУ се сигурни дека ќе го испочитуваат крајниот рок.

„Земјите-членки се во малку поинаква фаза“, изјавува извор од ЕУ, велејќи дека иако голем број влади имаат намера да ги достават барањата до крајниот рок, повеќето изразија загриженост за тесната временска рамка.

 

Една информација вели дека две земји-членки, вклучително и Полска, матичната земја на комесарот за земјоделство Јануш Војчеховски, заедно со Словачка, предупредиле дека може целосно да го пропуштат рокот.

Други земји-членки кои изразија тешкотии во запазувањето на крајниот рок се Ирска, Германија, Италија, Унгарија, Чешка, Португалија, Литванија, Латвија и Австрија.

Од нив, некои сугерираа дека рокот треба да се одложи, додека другите се распрашуваа дали делови од планот може да се поднесат подоцна од 1 јануари или да се ажурираат подоцна.

Извор од ЕУ изрази уверување дека повеќето земји-членки ќе го испочитуваат крајниот рок, додека друг вели дека „сите земји заостануваат со распоредот“.

Официјален претставник кој присуствуваше на министерските разговори, во изјава дадена за Euractiv, вели дека Комисијата нема да одобри продолжување по 1 јануари 2022 година, иако Брисел беше отворен да „земе во предвид одредена флексибилност при испраќањето документација подоцна“.

 

Покрај густиот распоред, земјите-членки истакнаа голем број други спорни точки што го кочат процесот.

Спорните точки, воглавно, се околу недостатокот на правна сигурност поради доцното усвојување на секундарното законодавство и потребата да се поднесат цели за водечката политика за храна на ЕУ, стратегијата „Од фарма до вилушка“ и стратегијата за биодиверзитет. Како што изгледа, овие стратегии не се правно обврзувачки за земјите-членки.

Земјите со децентрализирана администрација во кои регионите ја делат надлежноста со извршната власт во земјоделството – вклучувајќи ги Франција, Шпанија, Италија и Германија – исто така истакнаа конкретни технички проблеми при изготвувањето на нацрт-планот.

„Се чини дека поднесувањето на стратешките планови е покомплицирано за земјите со регионални планови“, изјави изворот за Euractiv.

Ова се должи на фактот што националните администрации вообичаено би делегирале одредена количина на подетално планирање на регионите, но дизајнот на националниот стратешки план не го дозволува тоа.

Четирите засегнати земји веќе напишаа писмо до Комисијата за ова прашање, додаде изворот.

Запрашан за потенцијалните блокади и одложувања, еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски рече: „Мнозинството земји-членки изјавуваат дека се подготвени да го претстават нацртот на стратешките планови до крајот на оваа година“.

 

Иако комесарот одби да ги именува земјите кои заостануваат, тој призна дека некои земји-членки биле резервирани околу датумот.

Сепак, Војчеховски истакна дека пристапот на Комисијата е „флексибилен“.

„31 декември дефинитивно нема да биде краен рок. Се остава можност, иако процесот на достава ќе се затвори, сепак да се остави минимален простор за измени. Ние сме флексибилни и можно е во текот на дијалогот со земјите-членки да додадеме нешто ново на предлогот, да смениме нешто“, објасни тој.

Комесарот не се осврна директно на загриженоста покрената од децентрализираните земји, но сугерираше дека Комисијата работи на голем број алатки за да им помогне на земјите-членки во подготовката на нивните планови.

 

Извор: EURACTIV

Категории: Вести