Земјоделците незадоволни од еколошката такса: Ова е директен удар врз нас

Земјоделците незадоволни од еколошката такса: Ова е директен удар врз нас

Воведувањето на новата еколошка такса за дизел горивата предизвика незадоволство кај здруженијата на земјоделците. Велат, ова е директен удар врз нас бидејќи значително ќе се зголемат трошоците. Идејата за собирање средства за еколошки цели е добра, но таа не може да се реализира врз грбот на најзагрозените категории и обичните граѓани.

„Нашето земјоделско здружение е против воведување на зелена еколошка такса со покачување на нафтените деривати од 3,5 денари по литар. Тоа е директен удар кон земјоделците и нивните расходи ќе се зголемат поради зголемената цена. Доколку вистински се цели кон зачувување на животната средина, кога се планира треба да се стави ставка во буџетот која нема да удри кон земјоделците и обичните граѓани. Ние со нашите давачки ги плаќаме оние кои ја водат државата, и тие треба да изнајдат начин и средства. Најлесно е да се покачуваат некои цени или да се зголемуваат даноците. Значи одговорните треба да даваат идеи и предлози, впрочем за тоа и се платени“, децидни се од земјоделското здружение Агро Центар.

Според ставовите на земјоделците потребен е и преоден период во кој ќе се изгради соодветна стратегија за обнова на земјоделската механизација за самиот сектор да не биде зависен од енергенси базирани на нафта, односно на фосилни горива кои создаваат најголемо загадување и ја загрозуваат животната средина.

На европско ниво сè повеќе се вложува во иновации во земјоделската механизација со преодни системи на енергенси како што се електрични батерии кои се штедливи и не трошат многу ресурси. Користењето на механизација на електричен погон овозможува полнење на батериите на струја произведена и од обновливи извори на енергија.

Праведната транзиција како определба на Владата мора да ги земе предвид и овие трендови со цел да обезбеди вистинска зелена агенда која ќе го промени целосно начинот на кој се организира земјоделското производство. Така демотивирањето за употреба на нафтени деривати, покрај со повисоките цени, ќе се поткрепи и со соодветни мерки за зелено земјоделство кое ќе има намален јаглероден отпечаток.

Инаку, со предложениот нов данок државата планира во буџетската каса да собере 55 милиони евра на годишно ниво. Во меѓувреме во самиот предлог е наведено и дека ќе се укине дополнителната акциза воведена од поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, за да нема дополнителни ценовни шокови. Опозицијата е против предложениот данок и обвини дека власта сака да го воведе по секоја цена за што го одбра инструментот на „европско знаменце“. Така во Собранието ќе се носи по скратена процедура со намалена можност за блокирање преку амандмани и филибастеринг на предложеното законско решение.

Според анализата на Фајнанс Тинк новата давачка ќе предизвика покачување на сите производи, ефектите ќе се почуствуваат веднаш, а бидејќи станува збор за трајна ставка, долгорочните ефекти ќе бидат уште поизразени. Тие дадоа предлог воведувањето на еколошка такса да се одвива етапно, односно зголемување од 1,5% сега во јули и уште 1,5% во јули следната година.

Х. С.