Зошто доматите ви пукаат пред берба?

Зошто доматите ви пукаат пред берба?

  

Доматот претставува една од главните култури во градинарството. Иако доматот како култура е доста позната и истражувана тема, сепак голем број земјоделци прашуваат зошто им пукаат доматите токму пред моментот на берба. 

Пукањето на доматите пред самата берба е непосакуван настан, бидејќи автоматски се намалува економската вредност поради неатрактивен изглед, но исто така претставува и голем проблем за понатамошна обработка, пред се поради можноста од настанување на инфекција од бактерии и габи. 

Ова се едни од најчестите причини за пукање на тукушто созреаните домати:

  • Неправилно ѓубрење – Пукањето како резултат на неправилно ѓубрење може да се појави доколку аплицираме: неправилен сооднос на хранливи материи (во фаза на берба најголема потреба има од калиум), концентрирани ѓубрива кои ќе поттикнат буен раст, ѓубрење во комбинација со слаба иригација.
  • Пинцирање на врвот за насочување на соковите кон плодот – Иако ова е корисна метода, сепак треба да се внимава до која мера се отстрануваат најгорните листови од растението. Доколку растението е во оптимален раст, отстранување на поголема количина на листови може негативно да влијае врз развојот на плодот и со тоа да настане пукање на кората. 
  • Неправилна иригација – Доколку имаме подолг период на суша и намалено ниво на вода во почвата тургорот на растението се намалува. Кога ќе видиме растение кое овенува автоматски додаваме повеќе вода за “да го подигнеме”, но во случајот на доматите е погрешно. Додавањето на поголеми количини на вода предизвикува зголемување на тургорот повеќе од вообичаеното и кората на доматот не може да го издржи притисокот и пука. 
  • Неповолна клима – Сите температури надвор од оптималните (22-25 степени Целзиусови) може да предизвикаат неправилен раст кај доматот. Особено високите температури во текот на летото и влијанието на сончевата светлина може да ја направи кората помалку еластична и како резултат на ова, секое следно зголемување на обемот на плодот ќе предизвика пукање.
Категории: Култури