Што е хидропоника и кои се потребните компоненти за создавање на еден систем?

Што е хидропоника и кои се потребните компоненти за создавање на еден систем?

 

Хидропоника претставува метод на земјоделско производство без користење на почва, каде што растенијата имаат постојано снабдување со хранливи материи.

Во последните години, овие методи се доста популарни кај различни групи луѓе, без разлика дали се работи само за аматери кои сакаат да произведуваат свежа храна во своите домови, или земјоделски професионалци кои сакаат да го искористат овој метод за да произведат храна во средини кои обично не се соодветни за вакво производство.

Иако неодамна се стекна со популарност, овој метод постои долго време, почнувајќи од висечките градини во Вавилон и пловечките градини направени од Ацтеките во Мексико, па се до 1600 -тите години, каде што се направени вистински научни откритија во врска со хидропониката од француски и белгиски научници.

Основната идеја на хидропониката е да му се овозможи на растението да ги апсорбира потребните хранливи материи растворени од водата, односно растворот со хранливите материи, со што кореновиот систем веќе нема потреба да се развива и целата енергија е насочена кон развивање на горниот дел од растенијата, со што се создава многу поголема надземна маса и повисоки приноси во споредба со конвенционалното производство што ја користи почвата како медиум.

Основи Хидропоника

“Чинампас” – вештачките острови за производство на Ацтеките

Секој систем е создаден од неколку основни компоненти што треба да се имплементираат, без разлика дали станува збор за домашно или високо-технолошко комерцијално производство.

Прво, потребна е комора за растење на растенијата. Како комора за растење може да послужи се што може да послужи за чување на вода, а притоа да има доволно простор за да се овозможи правилно развивање на кореновиот систем.

Основи Хидропоника

Комора за растење со целосно развиен коренов систем

Второ, одејќи по логичен редослед, е резервоарот каде што водата и хранливите материи се мешаат, овозможувајќи хранливиот раствор да се движи на кружен начин. Резервоарот не треба да пропушта светлина за автоматски да се спречи развивање на микроорганизми и алги кои имаат најголем потенцијал во загрозување на целото производство. Следно на листата е воздушната пумпа која ќе ја одржува водата богата со кислород, кој исто така е еден од клучните фактори дали производството ќе успее или не.

И последната суштинска работа на листата е системот за испорака на хранливиот раствор од резервоарот до комората за растење и обратно. Има широк спектар на методи и материјали кои можат да бидат употребени, а еден од најпрактичните е имплементација на систем на ПВЦ цевки.

Дополнително, за да се создаде систем кој е поавтономен и поефективен, може да се користат тајмери ​​и вештачки светла. Тајмерите ќе ви овозможат дополнително слободно време и помалку обврски оставајќи простор да се фокусирате на други работи, како што се самите растенија, додека пак вештачките светла ќе ја зголемат фотосинтетичката активност на растенијата, обезбедувајќи максимална искористеност и достигнување на максимални приноси.

 

Основи Хидропоника

Основните компоненти на хидропониката

Во следниот текст кој ќе биде дел од рубриката “Хидропоника” ќе бидат објаснети различните видови на системи и комори кои може да се искористат за растење.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури