Интервју Миневски: Тиквешката традиција од памтивек ја унапредивме со чисти и иновативни вина во винарија Бади

Интервју Миневски: Тиквешката традиција од памтивек ја унапредивме со чисти и иновативни вина во винарија Бади

 

Македонците се повеќе сакаат квалитетно вино, здрава храна и усовршување на вкусовите. Винската понуда е збогатена благодарение на посветеноста на Баже Миневски кој ја отвори малата бутик винарија Бади која нуди специфичен асортиман на вина со високи стандарди на квалитет, чистина и иновации. Миновски смета дека Кавадарци и Тиквешијата може да се развијат во врвна туристичка дестинација. Потребна е поголема поврзаност на локалната понуда на винарии, ресторани, сместувачки капацитети. Радува тоа што луѓето го ценат трудот на земјоделецот и бараат се повеќе здрави вина.

baze minovski

Моја Фарма: Што ве мотивираше да ја создадете семејната винарија Бади, колкава е традицијата на производство на грозје и вино во вашето семејство?

Миневски: Зачетоците и првото производство на вино во нашата семејна винарија започнуваат во 2005 година, кога ја набавивме првата опрема, првите цистерни, како една идеја за производство на вино за сопствените потреби и за пријателите. Традицијата во тиквешкиот регион од памтивек налагала да секоја фамилија поседува лозови насади и да произведува грозје, дел за сопствени потреби за приозводство за вино, ракија, маџун, разни слатки производи и слично, а дел го продаваат на винариите. Растејќи од година во година, успеавме целото производство на грозје да го преработиме во сопствената винарија. Тоа што е денес бутик винарија Бади го создадовме 2018 година. Винаријата се наоѓа во Кавадарци- срцето на тиквешкиот регион, моменталниот капацитет на винаријата е 7000 литри годишно, производство на црвено вино, розе и бело вино, вињак, мастика, маџун и производи од грозје.

badi vinarija

Моја Фарма: Како се усовршувате за производство на традиционалните сорти на вино од македонско поднебје, и дали внесувате свежи идеи, иновации и нови вкусови кои ве прават различни од останатите?

Миневски: Нашиот начин на производство на грозје, а со тоа и производството на виното се засноваат на користење нови технологии и опрема, но со максимално задржување на традиционалните обичаи и практики, или во западната терминологија познато како „Low intervention wine”, пред се тргнувајќи од тоа што ни го нуди природата.

При производството на грозјето се применуваат мерки за контролиран принос на грозје – екстензивно производство, во кое не се користат никакви синтетички препарати за заштита- пестициди, инсектициди, хербициди и сл., оттука потребата за заштитата од болестите на денешницата ја постигнуваме со минимално користење на бакар, вар, модар камен и сулфур- кај народот позната како Бордовска чорба. Во делот на почвата, лозјата се без систем за наводнување, не се употребуваат вештачки ѓубрива и суплементи, додека за обработка на почвата и контрола на тревите се применува т.н. зелено заорување- се чекаат тревите и билките да пораснат и пред цветањето се заоруваат (мај-јуни), така насипени со земја тие угинуваат, кои потоа со помош на бактериите и ензимите во почвата се разградуваат во био маса и од штетни и бескорисни тие стануваат „храна“ за самиот лозов насад. Нашите лозови насади се наоѓаат во атарот на село Ресава, на надморска височина од 300 до 400 м.н.в. во еколошки чиста средина, коишто со помош на нашето македонско сонце, постојаните југоисточни ветрови од Витачево и Кожуф планина даваат перфектни услови за одгледување на врвно грозје, а со тоа и природно и еколошко вино.

Во производството на виното исто така не се користат производи од синтетичко потекло, не се користат ниту производи од животинско потекло (етичко веганско производство). При производството на белите и розе вината, заради начинот на производство, единствено се додаваат квасци, додека при производството на црените вина, ферментациите се спонтани- од сопствените квасци кои ги содржи грозјето. Нашите вина и производи се нефилтрирани, како такви ги содржат сите природни и здрави нутриенти, витамини, минерали, киселини, антоцијани, полифеноли, танини и сл.. Винобранот како дежурен кривец и алерген, при производството на виното се користи во никакви или во минимални дози, за заштита и одржување на хигиена и дезинфекција.

badi vinarija

Моја Фарма: По една година од можноста за регистрирање на семејни винарии како гледате на целиот период кој измина, дали овој модел нуди можност за успех и мотивирање на малите винарии да работат подобро?

Миневски: Бутик, гаражното или уште и рачното винарство, кое што ние го одбравме и го практикуваме е едно од најценетото и најреспектабилното винарство на „западот“. Луѓето го почитуваат и сакаат да пијат чисти и здрави вина, го ценат трудот на земјоделецот кој заобиколувајќи ги сите хемикалии и отрови решил да произведе по најхазардерскиот- природен начин, сепак виното е храна, и како такво треба да се почитува! Кај македонските потрошувачи интересот за овие вина постојано се зголемува, денес се повеќе можете да прочитате поддржувачи за здрава исхрана, за менување на животните навики, што искрено мене многу ме радува и ми дава поттик уште повеќе да вложувам во нашето производство.

За конкретниот период, од нашето регистрирање јули 2020 година па се до денес, живи сведоци сме на првата глобална Ковид пандемија, во која многу од нормалните работи не функционираат онака како што беа, индустријата за вино е глобално погодена, најголем дел е од неработењето на угостителството, Хо-Ре-Ка индустријата, продажбите се намалени на половина, оттука изминатата година воопшто не е добра слика за охрабрување и мотивирање, сепак здравјето е се во животот, за тоа мораме да бидеме позитивни и да се надеваме на подобро утре.

badi vinarija

Моја Фарма: Што значи да се работи во семејна винарија, дали целото семејство е вклучено во работата, колку успевате да направите баланс помеѓу работните обврски и семејните односи?

Миневски: Моменталниот капацитет со кој располагаме дозволува тековните обврски со лозарството и продажбата да се балансираат, додека при бербата и преработката на грозјето и виното секогаш ќе биде потребна рака повеќе- целиот процес за производство на виното трае од септември до ноември, тогаш се вклучува целото семејство, како и пријателите и другарите.

Моја Фарма: Како треба да се развива Тиквешијата како посебен вински регион, самото отворање на нови винарии и капацитети за пречек на гости, организирање на вински тури се чини дека е добар старт. Што мислите вие, што треба да се преземе?

Миневски: Тиквешијата како најголем вински регион на Балканот претставува огромен потенцијал за вински туризам, оттука прво и основно е инвестирањето во бутик винарии, инвестиции коишто ќе понудат вински дегустации со ресторанска понуда и сместувачки капацитети за гостите се високо оптимистички, овие инвестиции се краткорочни до среднорочни и истите можат да се реализираат преку проектите за рурален развој и ИПАРД програмите, потоа спојувањето на винскиот туризам со другите туристички дејности како алтернативниот, руралниот, планинскиот, медицинскиот, езерскиот, транзитниот туризам и сл. нуди големи можности за здружено претставување и прераснување во топ дестинација.

Моја Фарма: На кој начин го промовирате македонското вино и сметате ли дека се унапредува винската култура во Македонија?

Миневски: Иако има уште многу за менување, во последните 5 години винската култура има многу голем напредок. Ако претходно се зборуваше за квантитет и за пластични шишиња, денес потрошувачите и гостите коишто доаѓаат зборуваат за сорти на грозје, за типови вино, спарување храна и вино, се оди кон перфекција на вкусовите… винската публика сака да учи и да се надоградува, тоа е исто така добар показател дека во индустријата има многу место за раст и развој. Консумирањето вино е дел од културата на еден народ и на една нација, тоа многу зборува за степенот на културолошко издигнување на самите. нас.

Промоцијата на нашите вина покрај рекламирањето на социјалните мрежи, оди и преку организирање на вински тури. Можете да резервирате дегустација во винаријата, дегустација и пикник на лозовите насади, дегустација со крстарење по Тиквешкото езеро, мастер клас со спарување храна и вино во соработка со локалните ресторани во Кавадарци и сето тоа по Ковид протоколите. Воедно и покрај класичната продажба, отворени сме за соработка за лични или корпоративни поклони, изработка со ваше лого, амбалажа по ваша желба и потреби и сл.

Категории: Успешни приказни

Слични Новости