Интервју Коцев: Нашето ладно цедено сончогледово масло е пандан на маслиновото, Био Оил ќе соработува со земјоделците и ќе ги смени стереотипите на потрошувачите

Интервју Коцев: Нашето ладно цедено сончогледово масло е пандан на маслиновото, Био Оил ќе соработува со земјоделците и ќе ги смени стереотипите на потрошувачите

Малиот семеен агро бизнис Био Оил за прв пат пласира ледно цедено био сончогледово масло на македонскиот пазар. Со Роберт Коцев еден од основачите на Био Оил разговаравме во што лежи предноста на македонското ладно цедено масло од сончоглед во однос на маслиновото масло. Коцев вели дека полека ги рушат стереотипите дека сончогледовото масло е неквалитетно бидејќи кај нас се продава рафинирано. Исто така ни откри дека има планови за целосно органско производство и поттикнување на маслодајните култури со сертифицирани материјали во директна соработка со земјоделците. 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Моја Фарма: Сончогледот е една од најприсутните земјоделски култури во Македонија, но најчесто се произведува рафинирано масло за готвење. Што ве мотивираше да го создадете брендот Био Оил?

Коцев: Точно е дека сончогледот како маслодајна култура е најзастапен на нашето поднебје. Сончогледот ( Helianthus annuus) е едногодишно растение чие име потекнува од големите цветови со дијаметар од 15 до 45 см и облик во форма на сонце, растение со многу специфична способност да цветовите се вртат кон сонцето. Изобилството од сончеви периоди во Македонија во текот на сеидбениот циклус, овозможува одгледување на сончоглед со врвен квалитет. 

Ние забележавме дека фабриките за производство на масло го користат сончогледот како суровина за рафинирано масло за готвење, но во исто време на пазарот има дефицит од ладно цедено масло. Тоа не мотивираше да создадеме линија за производство на најквалитетно ладно цедено сончогледово масло 100% природно. Со голем ентузијам, макотрпна работа и оскудни финансиски средства, користејќи ги нашите вештини и огромната желба да ја оствариме нашата визија, успеавме да спакуваме производ кој ги оствари нашите очекувања.

Soncogledovo maslo

Моја Фарма: На кој начин ги обезбедивте сертификатите за био производство и акредитациите за квалитет на ладно цеденото сончогледово масло?

Коцев: Реализирајќи ја идејата за производство на ладно цеденото масло се консулиравме со консултантска куќа, која на наше барање изработи елаборат  за имплементација на ХАСАП стандард за производство на храна. Нормално за тој проект да го реализираме требаше да се запазат строги критериуми во производствената линија, кои повлекуваат големи финансиски побарувања. Цело време водејќи се по зацртаните норми, ние успеавме да поставиме модерна фабрика која ги исполнува ХАСАП критериумите за производство за храна. Како илустрација за нашиот успех, беше реакцијата на комисијата за имплементацијата на ХАСАП стандардот од која добивме само пофални зборови, без ниту една забелешка. Кога спакувавме готов производ, истиот го дадовме на анализа во Агенцијата за храна од каде добивме сертификат, дека нашиот производ има врвни нутритивни вредности кои одговараат на биолошка чиста храна.  

Моја Фарма: Вообичаено се мисли за маслиновото ладно цедено масло дека е најкорисно и најпрестижно за употреба, но вие понудивте за прв пат ладно цедено сончогледово масло и тоа целосно природно од македонско производство. Кои се предностите на вашиот производ?

Коцев: Постојат стереотипи кај нашиот народ дека маслиновото ладно цедено масло е најкорисно и најдобро за употреба. Причина за тоа е дека на нашиот пазар не постои ладно цедено сончогледово масло, кое е пандан на маслиновото за конзументите да направат споредба. Голем дел од нашите испитаници рекоа дека користат само маслиново а сончогледовото е неквалитетно и рафинирано. 

На неколку јавни настани во Јавна соба, ние преку промоција и дегустација ги запознавме нашите потенцијални конзументи каков кавалитет на масло е под нашиот бренд. Реакциите на дегустаторите беа повеќе од фасцинирачки и што е најважно скоро сите рекоа дека нашето масло би го користеле пред маслиновото. На еден настан имавме чест шеф Марк Де Јонг со нашето масло да презентира бројни превкусни специјалитети а и тој да го оцени со врвна оценка, што за нас е огромна сатисфакција. 

Предностите на нашето масло е ниската цена зашто маслиновото масло пандан на нашето е два до три пати поскапо. Следно вкусот на природното маслиново ладно цедено масло е горчлив, така да ако се користи за потпивнување или во некои оброци тоа може да биде непријатно. Нашето масло има слаткаст вкус со арома на сончоглед, кое му дава магија на секој еден оброк и што е најинтересно многу е пријатно за утринско користење на празен стомак. Едноставно приметивме дека се случува магија секаде каде ќе се користи  оваа наша благородна течност. Се употребува за: готвење, пржење, преливи за свежи јадење, преливи за салата, јадења од овошје и зеленчук, готвење месо, десерти, топли и ладни јадења.

Една појава што ја увидовме во малопродажната мрежа е дека се прават многу манипулации и тоа со сите видови масла. Имено во малопродажбата се присутни масла, кои се декларирани како ладно цедени или екстра вирџин а за многу ниска цена што речиси е невозможно, бидејќи суровината е поскапа и од самото масло.

Mark de Jong

Моја Фарма: Какви се плановите за дистрибуција и продажба на Био Оил маслото низ маркетите и воопшто на кој начин вашиот производ може да стигне до корисниците?

Коцев: Откако ги решивме сите предизвици во процесот на производството, остана последниот предизвик а тоа е дистрибуцијата, односно да овозможиме нашиот производ да биде достапен на потрошувачите. Во овој дел имавме доза на разочарување од сознанието дека трговците нашето масло го поистоветија со неквалитетните сончогледови масла на пазарот. 

Поради оваа причина бевме приморани да поставиме сопствена дистрибуција до малопродажната мрежа. Досега нашето масло е дистрибуирано и достапно во сите маркети на Веро, во Црвена Ружа во Струмица, Органик шпајз, Добра земја, Бренд маркет, Вива фреш во многу маркети за здрава храна а деновиве преговараме со Тинекс и Кам. Имаме поставено цел, дека нашето масло треба да го има во сите маркети во нашата држава, достапно за сите наши сограѓани. Сметаме дека со самото тоа што нашето масло е и домашен производ, би требало да има предност во однос на сите останати масла увезени од странство. Преку маркетинг и информативни флаери сакаме да допреме до сите потрошувачи и да им објасниме, дека нашето масло треба да го има секое домаќинство. Ние сме отворени за соработка, така да секој еден предлог од нашите соработници, односно конзументи каде ќе биде побарано маслото ќе се потрудиме тоа максимално да го испочитуваме. За нашите потрошувачи достапни сме во секое време за било какво прашање,  консултација и нарачка. Имаме ФБ страница  „Био Оил Вкусот на Сонцето“ и таму може нашите фанови да се информираат за нашите активности.

Моја Фарма: Како мал семеен бизнис кој воведува иновативно производство дали досега добивте поддршка од соодветните институции и што е потребно за развој на ваков вид на агро бизнис?

Коцев: Во овој мал семеен бизнис како партнери се наоѓаме Александар Димитриевски и јас, кои сме во кумство родство. Од самиот момент кога ја имавме бизнис идејата и финансиската конструкција на бизнис проектот, бевме свесни дека не можеме истата да ја реализираме без одредена помош од државата. Разочарувањето беше неизбежно, кога ни беше одговорено дека не постои фонд за поддршка на ваков вид на стартап бизниси, па моравме да се снаоѓаме со неповолни потрошувачки кредити.

Актуелно, деновиве очекуваме резултати од ФИТР, проект за помош на мали бизниси во делот на маркетинг. Во понатамошната работа ќе бидеме активни во сите проекти, кои се во интерес на развој на ваков вид на бизнис. Имаме идеја да организираме договорно производство на маслодајни култури, на целата територија на државата. На тој начин, сакаме да ја вратиме довербата кај земјоделците и да ги стимулираме, да ги зголемат насадите со маслодајни култури. Во преговори сме да ја сертифицираме фабриката за органско производство, како и да обезбедиме семенски материјал и органски ѓубрива за потенцијалните наши соработници. Од друга страна пак, како производ од екструдирањето на маслото се издвојува висококвалитетно ќуспе и масен талог, кои претставуваат висококалорична сточна храна и истите ги понудивме на сточарите. 

Во перспектива на развој на нашиот бизнис, планираме да произведуваме ладно цедено масло од скоро сите маслодајни култури присутни на нашето поднебје (лен, соја,  маслодајна репка, семки од тиква, лешници, ореви, семки од грозје). Веќе наскоро, договорени сме да произведеме одредена количина на афионово ладно цедено масло. Секако дека нашиот бизнис нималку не е лесен, поготово кога си прв во нешто, каде не може да се консултираш за одредени проблеми а пазарот со машини и опрема е толку мал, така да секое едно побарување е предизвик. 

Најважно од се е дека ние имаме многу енергија, многу визии, убави и чесни намери, ентузијазмот ни е мотивирачка сила а на крај задоволството и комплиментите од нашите потрошувачи се главниот фидбек да продолжиме и да ги истражуваме сите тајни на маслото. Нашите сограѓани заслужуваат да користат масло во кое ќе уживаат а и ќе им го сочува и подобри здравјето.

Категории: Успешни приказни