Фармер на денот: Саше Китановски големата љубов кон животните ја претвори во фармерски бизнис

Фармер на денот: Саше Китановски големата љубов кон животните ја претвори во фармерски бизнис

Саше Китановски од Кичево од преголемата љубов кон животните се решава да стане фармер и тоа да биде негова главна преокупација. Неговата фарма се наоѓа во селото Дупјани на 17 километри од градот, но како што вели иако е доста далеку тој секој ден е покрај животните кои ги одгледува.

Типичниот поглед на фармата на Китановски се многуте животни кои се пуштени на слобода. За Моја Фарма вели дека младите кои размислуваат за ваков бизнис воопшто да не се двоумат бидејќи ќе бидат многу среќни.

„По професија сум цвеќар – аранжер на свежо цвеќе и организатор на свечености. Главна мотивација е љубовта кон животните. Плановите во иднина се во средината на октомври да почнам да градам нов објект со површина од 150 м2, со кафези и други боксови. Планирано е да има езерце за птиците пловки и убава цветна градина. Површината на која ќе биде фармата изнесува 10.000 м2. Во план е да купам уште земја каде ќе засадам и ќе произведувам и мал дел храна за животните“, вели Китановски.

Засега не добива поддршка од ниту еден фонд, а се надева дека ќе ги исполни условите. Затоа секоја поддршка за него ќе биде добредојдена, како финансиска, така и стручна.

Кои се најголемите предизвици за вашето работење и што би им порачале на сите млади фармери?

„Главен предизвик ми е што многу си ја сакам и Македонија, а посебно моето златно гратче Кичево. Во Македонија имаме одлични услови за одгледување на голем број животни.

Исто така, дружењето со животните ме прави многу среќен, а главната заработка од мојата фарма е размената на енергии. На мојата фарма животните живеат пуштени и се многу друштвени, што е доказ дека тие може да се навикнат едни на други. Се разбира во периодот на размножување и одгледување на младите секое животно си има свој бокс каде ужива со подмладокот. Се уште ова за мене е хоби ама во план ми е да биде мое занимање. Млади, бидете фармери, а воедно ќе бидете и среќни луѓе”, порачува Китановски.

Категории: Успешни приказни