По природа сме љубопитни и авантуристи – Храбро и одлучно ја отворивме рибарницата во Скопје

По природа сме љубопитни и авантуристи – Храбро и одлучно ја отворивме рибарницата во Скопје

 

Добриот глас знае надалеку да одекне, а тоа ни потврди нашиот соговорник Фанис, сопственик на рибарница во Скопје. Иако во Грција имаат фамилијарен, добро разработен бизнис – тој и неговиот брат сепак решаваат да ги послушаат мислењата на своите пријатели од Македонија и да отворат дуќан во Скопје. Секојдневието им е исполнето со многу љубов кон тоа што го работат, клиентот е секогаш пречекан со љубезна насмевка, па едноставно се препуштаат и уживаат во работата.

Моја Фарма, како дигитален портал кој се занимава со прашања од областа на земјоделството и храната, на чии страни можат да се прочитаат интересни статии за здравата исхрана – по пријатна препорака од многу наши пријатели, реши да го посети ова убаво катче во Скопско Тафталиџе. Првиот впечаток е прекрасен – нема неподнослива миризба на класична рибарница, подот е блескаво чист, производите наредени како на изложба.

МФ: Здраво Фанис, вашата рибарница „Платамонас Фиш“ доби на популарност последниов период, на што се должи тоа?

Не би знаел со точност да кажам, најверојатно тоа се должи на фактот што секојдневно имаме висококвалитетна свежа морска риба. Најверојатно луѓето го препознаваат она што им го нудиме, па не препорачуваат и на други.

МФ: Кој е историјатот на вашите бизнис – знаеме дека и во Грција имате добро разработен бизнис со риба, па би сакале да ве запрашаме колку години сте во бизнисот и на кој начин дојдовте до ова што го имате денес?

Основоположници на нашиот бизнис се всушност нашите баба и дедо. Во далечната 1948 година, тие ја отвараат првата рибарница во Платамонас, место близу до Катерини, Република Грција. По нив, бизнисот го превземаат нашиот татко и неговиот брат. После долги години успешна работа, дојде време бизнисот да го превземеме јас и брат ми. Ние сме трета генерација од семејството која се занимава со ова. Дуќанот во Грција сѐ уште функционира, а паралелно го менаџираме и овој дуќан во Скопје. Посебно ни е драго што уште од самиот почеток бевме добро прифатени од локалното население. Рибарницата во Скопје е наш проект, мој и на брат ми – авантура во која храбро се втурнавме.

МФ: Која е приказната позади името Платамонас, има ли некакво значење?

Нема некое посебно значење. Платамонас е едно убаво место кај Катерини, обиколено со природни убавини – планини  од една страна, а од другата страна е морето. Во Платамонас е лоцирана и последната рибарница, пред да ја отвориме оваа во Скопје.

МФ: Што ве мотивираше да инвестирате во Македониа?

Пред сѐ, нашиот карактер е таков што секогаш сакаме да истражуваме и да откриваме нови нешта. Видете – во Платамонас секое лето имавме многу работа, а работејќи се среќаваш со многу луѓе од различни места. Како туристичко место, Платамонас секое лето привлекуваше и голем број на посетители од Македонија кои со задоволство доаѓаа во нашиот дуќан, бидејќи знаеја дека кај нас секогаш ќе најдат свежа морска риба со совршен квалитет. Со тек на време, се спријателуваш со луѓето, пиете кафе заедно разговарате… и така, во неколку наврати, во неврзан разговор – некои од нашите пријатели од Скопје, кои патем речено се големи љубители на риба, почнаа да инсистираат јас и мојот брат да отвориме рибарница и во Скопје. Како добри познавачи на недоволно добрата понуда на свежа морска риба во Скопје, тие не убедија и поттикнаа да пробаме да започнеме сопствен бизнис, и еве нѐ денес. Веќе една и пол година како е отворена рибарницата во Скопје. Го прифативме предизвикот, храбро влеговме во оваа авантура – а дека добриот глас далеку се слуша, може да поткрепиме и со даденото интервју и за АлЏезира, па и денешново интервју со вас“, скромно и на шега ни одговори Фанис.

МФ: Покрај основната цел да остварите профит, која е пошироката перспектива на вашето работење?

Освен што гледаме на ова како работа која ни носи приход, ние пред сѐ гледаме со многу љубов и уживање на ова што го правиме. Рибарницата во Скопје ја сметаме за една заедничка авантура. Нашето семејство нѐ научи на едно од најважните нешта во животот, а тоа е да го сакаш она што го работиш. Тоа е тајната состојка на секој успешен бизнис. Да се биде присутен секој ден на работното место, да споделиш љубезен збор и насмевка на купувачот, да му понудиш квалитетен производ и да му дадеш некој корисен совет – тоа е тоа што нѐ прави среќни и нѐ исполнува.“

МФ: Дали имате некое мото кое се проткајува како лајтмотив низ целава приказна?

Да, имаме. Всушност тоа и не е некоја тајна, го има и на нашето лого, и на нашата Фејсбук страна. Мотото гласи – КВАЛИТЕТОТ Е НАША СЕКОЈДНЕВНА РАБОТА.“

МФ: Како сте задоволни од работата на вашата компанија во Македонија? Дали Скопјани се отворени да пробаат нешто ново? Каков е вкусот на Скопјани кога станува збор за морската риба?

Се трудиме многу, работиме многу… а тоа на крајот секогаш се исплати. Мора да се трудиш, секој ден мораш да снабдиш свежа риба за луѓето, императив е да ги пречекаш со насмевка – а тие знаат сето тоа да го препознаат. Што се однесува на изборот на морска риба – Скопјани не сакаат многу да експериментираат, секогаш играат на сигурно. Во принцип, најголема е побарувачката на бранцин, орада, ослич, можеби и по некоја лигња… Не се осмелуваат да пробаат нешто ново и поинакво.

Интересен е тој феномен. Можеби самиот факт што Македонија нема најдобри предиспозиции за рибарство, посебно е болен и фактот што земјава нема излез на море, па можеби затоа обичниот Македонски граѓанин опкружен со изобилието на месо кое го има на дофат – повеќе консумира месо, со мала доза на ентузијазам за дегустирање на добра морска риба. Самото непознавање на она што им се нуди, како да предизвикува некаква одбивност“, вели Фанис, и продолжува шегувајќи се „Би сакале да имаме бар половина од муштериите кои ги има соседната месарница“.

МФ: Ќе ни кажете ли нешто повеќе за асортиманот на производи, или ќе оставиме на читателите сами да дојдат да дознаат?

Имаме секаков вид свежа морска риба, имаме секогаш свеж октопод – риби какви што само може да замисли вашата фантазија. Сето тоа го имаме, и е секогаш свежо и квалитетно! Исто така имаме голем асортиман на зачини и сосови кои совршено добро одат со свежо приготвената риба. Засега ќе откриеме само толку, тоа нека биде доволен поттик за читателите да дојдат и да нѐ посетат.“

МФ: Кои се вашите цели? Што би сакале да постигнете? Како ја оценувате свесноста на нашите сограѓани за асортиманот на вашите производи?

Па не целиме многу високо, како примарна цел која ја имаме поставено и се трудиме да ја постигнеме е тоа да ја пренесеме културата и традицијата на јадење риба повеќе од 2-3 пати неделно и на овие простори. Бенефитите се несогледливи! Храната од морето, дали тоа било риба или нешто друго, изобилува со хранливи состојки здрави за човекот. Во Македонија консумацијата на риба главно се сведува на конзервирана риба, можеби понекогаш смрзната риба или по некоја пастрмка од некој рибник… Морската риба е сеуште енигма за повеќето наши сограѓани. Ова е територија на која сеуште „владее“ месото. Доколку земјава имаше излез на море, можеби навиките во исхраната ќе беа сосема поинакви.“

МФ: Кои се вашите планови за во иднина?

Моментално разработуваме една бизнис идеја, во план ни е да отвориме кујна во која би се подготвувала рибата.“

МФ: Дали можеби планирате да отворите угостителски објект?

Па не, напротив! Планот засега се ограничува на тоа да отвориме кујна во која рибата само би се подготвувала, без ресторанска варијанта, без капацитети за седење и консумирање на храната на лице место. Едноставен концепт – купувачот одбира риба, бара од нас да му ја приготвиме, ние ја приготвуваме, доаѓа да си ја подигне нарачката.“

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Успешни приказни

Слични Новости