Земјоделска инспиративна приказна – Марија од „Еко фарма“ споделува совети за еко-производство, придобивки и ризици

Земјоделска инспиративна приказна – Марија од „Еко фарма“ споделува совети за еко-производство, придобивки и ризици

 

Набавката од малите фармери со локално одгледувани плодови е одличен начин да се осигурате во квалитетот на овошјето и зеленчукот, а со тоа и да влијаете врз намалување на јаглеродниот отпечаток во земјоделството, како и да ги поддржите локалните фармери. По тој принцип функционира малата „Еко Фарма“ од Битола која ја води семејството на Марија Кочовска.

eko farma (2)

„Еко фарма е семејна традиционална фарма која постои долги години. На фармата зеленчуци одгледуваа моите баба и дедо, а последните 30-тина години мојот татко ја продолжува традицијата. Производството е мало и е наменето за домашна употреба, но она што ќе ни остане го споделуваме со најблиските, пријателите и лицата кои се заинтересирани за домашни, локални производи, “ вели Кочовска.

eko farma (4)

Главната определба на „Еко фарма“ е во еколошкото и традиционално производство кое носи повеќе бенефиции, бидејќи зеленчуците и овошките се здрави и корисни, но исто така има и голем број на ризици, особено за тие кои имаат мал обем на производство.

„Како што споменав, производството е мало и повеќе би го нарекла како хоби, а не и како примарна дејност.  Се трудиме да ги зачуваме старите семиња и да производуваме зеленчуци на еколошки начин. Тоа значи без користење на генетски модифицирани семиња, без употреба на пестици, хемиски ѓубрива. На фармата чуваме и мал број на кокошки, а и од блиските фарми набавуваме природно арско ѓубре. Сѐ да е во склоп со природата!“ потенцира Кочовска.

На фармата може да се најдат различни зеленчуци и овошја, но за жал оваа година поради пролетниот мраз речиси сите овошни насади немаат плодови. Од зеленчуците на „Еко Фарма“ се наоѓаат повеќе сезонски производи: домати, краставици, пиперки, бамја, кромид, тиквички, моркови, цвекло, блитва…

eko farma (1)

Што значи еко-производство и каков е интересот на купувачите, како и совети кои би ги споделиле од „Еко фарма“ за останатите земјоделци или тие кои планираат да се занимаваат со земјоделство?

„Мислам дека кога луѓето би имале желба и можност да ги дегустираат зеленчуците и овошја, веднаш би ја препознале разликата и би пројавиле поголем интерес за еколошката храна. Е сега да преминеме и на вториот дел од прашањето. Наместо совет за идните земјоделци би сакале да го споделиме нашето искуство. Многумина нѐ прашуваат и за исплатливоста на еколошкото производство, па и тоа би сакале да го споменеме. Секогаш исплатливоста ја гледаме во здравјето. Секоја година се случува да губиме големи количини на зеленчук и овошје кои биле нападнати од штетници. Минатата година целото производството на црни сливи, и речиси 2/3 од јаболката беа нападнати од црв, но тоа е природата. Сепак, ние сме мала, домашна фарма и можеме да си го дозволиме тоа, затоа што не ни е примарна дејност. Но, ако станува збор за главна дејност на семејството, треба добро да се размисли и да се биде подготовен на ризик, затоа што загубите се значително поголеми, а и еколошките, домашни производи не се како од каталог, имаат различни големини и форми, кои за некои потрошувачи не се баш привлечни. А, да ги земеме во предвид и реалните цени на овие зеленчуци, кои треба да бидат значително повисоки во споредба со класично произведените зеленчуци. Искрено, мал е бројот на лица кои можат да си ја дозволат органската или еколошката храна, па на еден начин сме приморани да ги продаваме по цени на класично произведените зеленчуци. А со состојбата на корона вирусот, куповната моќ на народот е значително помала“, вели Кочовска.

Но, сепак ако некој има слободно време и желба да произведува храна за своето семејство на еколошки начин, вреди да се потруди. Тоа нуди три придобивки: релаксација, рекерација и здравје сервирани во чинија преку шаренилата и вкусот на домашната храна, заклучува Кочовска која ги промовира производите на „Еко фарма“ преку социјалните мрежи и го поддржува малиот семеен агро бизнис.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Категории: Успешни приказни

Слични Новости