Пчеларка на денот: Запознајте ја Снежана која ги спојува пчеларството и физиотерапијата

Пчеларка на денот: Запознајте ја Снежана која ги спојува пчеларството и физиотерапијата

 

Снежана Илиевска веќе трета година се бави со пчеларство по поминатата основна обука за млади пчелари на Програмата за зачувување на природата. Таа инаку е фудбалски судија, како и сертифициран физиотерапевт, па вели дека и за двете професии потребна е голема кондиција. Чувањето на пчелите и грижата за нив понекаш бара и сила и вложување на напор, исто како и на фудбалските терени.

Илиевска успешно ги руши стереотипите за одредени професии за кои традиционално се смета дека се резервирани за мажите.

За Моја Фарма вели дека планира да воведе апи комора со инхалатори кои може да помогнат во здравствени третмани, а природата во Дуилица е понекогаш искористена и за физиотерапевтски мазажи.

Како и останатите членови на „Меден Исток“, Снежана пчелари на одржлив начин и со голема одговорност кон природата и здравјето на луѓето, без да користи штетни хемиски средства во производниот процес. Околината на нејзините пчеларници во с. Дулица изобилува со прекрасна природа со багрем, драка, мајчина душица, ливади и шуми.

Поседува околу 70 пчелни семејства и веќе има добиено сертификат за органско производство по изминување на преодниот период.

Популарноста на филмот „Медена земја“ вели дека го зголемил интересот за пчеларската професија. Таа имала уникатна можност филмот номиниран за два Оскара да го погледне пред другите на затворена проекција со останатите учесници на Програмата на Швајцарската агенција за развој. Смета дека е многу поучна приказна, од која може да се извлечат многу поуки како за пчеларите, така и за земјоделците кои уште од деца се ангажирани од семејството.

Снежана важи и за поборник на урбаното пчеларење и затоа има неколку пчелни семејства на својата тераса, за што вели: „Чувството кога пиејќи кафе меѓу кошниците, на терасата, ги гледам пчелите како работат рано наутро, како влегуваат во кошницата со полен на нозете, ме охрабрува и понатаму да продолжам да чувам пчели во мојот дом“.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Успешни приказни

Слични Новости