Интервју Парцански: Љубовта кон природата ни ја продолжува традицијата во пчеларството
Пчеларството е атрактивен бизнис, не само поради се поголемата побарувачка на квалитетен мед, туку и на поврзаноста со природата и заштита на пчелите кои се клучни за нашиот еко баланс. Таквата љубов кон природата била пресудна за Парцански да ја продолжат семејната традиција на одгледување пчели и производство на мед со уникатен вкус од беровскиот крај. Ова е сторијата на пчеларство Парцански.
МојаФарма: Како започнавте да се занимавате со пчеларство, што ве привлече во оваа гранка и како денес гледате на пчеларството во Македонија?
Парцански: Пчеларството во нашата фамилија има традиција уште од 1965 г. кога нашиот дедо и татко имале околу 30 семејства за свои потреби и потребите на своите најблиски. Денес врз основа на пренесеното знаење и љубов кои секојдневно се надоградуваат имаме регистрирано 6 пчеларници со околу 700 пчелни семејства. За да продолжиме со пчеларството пресудна беше љубовта кон пчелата и природата. Токму таа ни дава сила да продолжиме да се дружиме со овој благороден инсект од кој зависи целиот екосистем. Иако голем проблем се климатските промени кои бараат дополнително знаење и искуство.
МојаФарма: Беровскиот крај беше делумно погоден од страшните пожари кои предизвикаа и големи штети. Колку пожарите имаат влијание врз пчеларите?
Парцански: Како можеме да го опишеме пожарот освен како голема катастрофа непогодна врз целиот жив свет. Доколку не е директно зафатен пчеларникот што би било вистинска катастрофа, би предизвикал и индиректни последици во наредните неколку години. Никогаш да не се повтори!
МојаФарма: Сметате ли дека човечкиот фактор може да биде многу деструктивен. Вашата професија бара да сте често во природа, да го цените богатството на животната средина. Потребна ли е поголема едукацијана на народот што значи да се има шума и дрвја, да се спречат вакви трагедии и подметнувања на пожари?
Парцански: Ние пчеларите сме директно поврзани со природата и звисиме од неа. Пожарите се наша ноќна мора која не треба да се случува. Секако дека едукацијата секогаш е добредојдена, која според мене треба да биде агресивна. Но треба да има и соодветни казни кај сторителите како и забрана за сечење на опожарени шуми со што би се намалиле намерните палења.
МојаФарма: Колку самата природа, растенијата уникатноста и зачуваноста на животната средина е важна во квалитетот и вкусот на произведениот мед?
Парцански: Местоположбата на пчеларникот е многу важна за благосостојбата на пчелите и за производство на квалитетни пчелни производи. Токму затоа најголем дел од нашите пчели се стационирани во Малешевските планини локалитет Бариица, атар на с.Владимирово-Беровско, 25 км оддалечени од селото и човековата активност.
МојаФарма: Како потрошувачите да се уверат во квалитетот на медот, со оглед на тоа што има често измами со неквалитетен мед, како вие се истакнувате во однос на препознатлив и проверен квалитет на вашите производи?
Парцански: За поздравување е одлуката на примарните произведувачи да им се дозволи да ги пакуваат и продават своите производи од куќен праг и локалните макрети, со што ќе бидат поблиску до потрошувачите. Ги охрабрувам сите пчелари да не се плашат од процедурата за регистрација на објект за пакување на мед, кој мож да биде и во скоп на семејна куќа, каде контролата на објектот и производот ја врши Агенцијата за храна и ветеринарество. Секако квалитетот го докажуваме со освоени награди на натпревари одржани во странство и дома. Најголем доказ за квалитетот се постојаните и задоволни потрошувачи.
МојаФарма: Како го развивате вашето пчеларство, има ли простор за иновации, имате ли поставена цел која сакате да ја остварите и што ве мотивира да продолжите да работите со пчелите?
Парцански: Во пчеларството секогаш има простор за иновации и за продлабочување на знаењата. Ако престанете со иновации и ако престанете да вложувате во знаења ќе бидете неуспешен пчелар.Успехот што го постигнавме не мотивира поставените цели секогаш да ги оствариме.
Х.С.