Интервју со д-р Катерина Банџо Орешковиќ: Само со сеопфатна заштита може да се справиме со лисниот минер на доматот

Интервју со д-р Катерина Банџо Орешковиќ: Само со сеопфатна заштита може да се справиме со лисниот минер на доматот

 

Катерина Банџо Орешковиќ е Доктор по земјоделски науки од областа на фитопатологијата. Докторирала на тема Молекуларна карактеризација на CMV, AMV и PVY кај пиперката одгледувана на отворено во Р. Македонија на УКИМ, Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Во моментов работи како виш научен соработник на УКИМ Земјоделскиот институт во Скопје, експертиза за вирусни заболувања кај културните растенија, биологија и екологија на растителни болести и штетници и интегрална заштита од истите.

Штетниците во земјоделското производство можат значително да придонесат кон уништување на лисната маса, намалување на приносот и намалување на естетскиот изглед на производот кој е директно поврзан со цената на пазарот. Покрај трошоците за заштита против инсекти кои се зголемуваат од година во година,  тука се и причинетите индиректни штети кои настануваат преку пренесување на патогени микроорганизми од страна на инсектите кои исто така придонесуваат кон намалување на приносот и цената на градинарските продукти. Едукацијата за механизмот на дејствување на одредени штетници претставува прва линија на одбрана во процесот на заштита на растенијата. За таа цел денеска разговаравме со д-р Катерина која со својата стручност ќе ни помогне за правилно сузбивање на лисниот минер на доматот.

Разговараше: Марио Петковски

МојаФарма:  Дали може накратко да ни ги опишете клучните информации за природата на овој штетник?

Банџо Орешковиќ: Минерот на доматот или Tuta absoluta потекнува од Јужна Америка и за прв пат е забележана надвор од матичниот континент во 2006 година во Шпанија. Поради неговата исклучителна прилагодливост и способност за размножување за само 15 години стана еден од економски најзначајните штетници во производството на домат во Европа, Африка и Источна Азија. Во Македонија е за прв пат забележан во 2011 година во Гевгелиско, за во последниве три до четири години да стане најзначаен штетник на доматот кој се јавува како ограничувачки фактор во неговото производство. Иако примарен домаќин е доматот, животниот циклус може да го комплетира и на модар патлиџан, компир, но и на некои диви претставници од фамилијата Solanaceae, како кучешко грозје (Solanum nigrum), татула (Datura stramonium). Во заштитени простори (оранжерии, пластеници) може да се развијат 10 до 12 генерации годишно, а една женка може да положи 250 до 300 јајца во текот на животот. Иако во литературата како домаќин на тутата се наведува и пиперката, во наши услови и при мошне висока популација од тута не се забележани знаци од напад од тута на пиперот. Штетите ги причинуваат ларвите кои се вбушуваат во листовите на доматот. Кога популацијата е мошне бројна ларвите ги напуштаат пренаселените листови и често се вбушуваат и во плодовите од доматот поради што се намалува пазарната вредност на плодовите. Возрасните единки (пеперутките) се активни ноќе, а во текот на денот се кријат под листовите на растенијата.

МојаФарма: Која е сериозноста од штетите кои се настанати од овој инсект во Македонија и на глобално ниво? 

Банџо Орешковиќ: Македонските производители на домати од овој штетник во изминативе години имаат претрпено огромни штети. Тутата штетите ги причинува на повеќе начини, прво со уништување на лисната маса ги намалува приносите, имаме видено повеќе случаи, особено при есенското производство, кога поради екстрмно силен напад од тута посевот со домат мора да се преора без да се набере ниту еден плод. Второ, кога ќе се пренамножи се вбушува во плодовите со што значително им ја намалува пазарната вредност. Трето за некои од земјите во кои извезуваме домати тутата е карантински штетник па извозот е значително отежнат, има повеќе случаи кога поради откривање на само еден плод во кој имаат откриено ларва од тута фитосанитарните служби на земјата увозник ни враќа цел камион со домати. На глобално ниво штетите кои ги предизвикува овој штетник се огромни. Колку што е поблага климата толку се поголеми штетите кои ги предизвикува овој штетник. Со глобалното затоплување штетите од овој штетник ќе се зголемуваат.

МојаФарма: Кои се превентивни методи постојат за сузбивање на штетникот?

Банџо Орешковиќ: Бидејки хемискиот пристап во справување со овој штетник не дава добри резултати задолжителна е примена на комбинирани мерки за заштита, со акцент на превенцијата и мониторингот и примена на интегрална заштита. Особено е важно да се користи здрав расаден материјал, бидејки еден од основните начини на внес на овој штетник во производството е преку заразен саден материјал. Потоа неопходно е редовно следење на појавата на пеперутки, а тоа се врши со поставување на мамци (водни и феромонски) или сина светлина, внатре во оранжеријата, и препорачливо е мамците да се постават уште пред расадувањето. По расадување треба да се вршат и редовни прегледи на растенијата за појава на мини на листовите, а оштетените делови да се отстранат и уништат. Задолжителна е примената на плодоред, односно по одгледување на домат, модар патлиџан, компир, да се одгледуваат култури на кои овој штетник не може да преживее. По завршување на сезоната треба веднаш да се отстранат растителните остатоци и доколку е можно да се изврши соларизација на почвата. Просторот околку оранжериите треба да се одржува чист од плевели, особено од плевели кои можат да бидат алтернативни домаќини на овој штетник. Од механичките мерки за заштита потребно е да се користат квалитетни мрежи за покривање на отворите на оранжериите и спречување на влез на Tuta absoluta. Доколку почнат да се појавуваат по 3-4 молци по стапица секоја недела, потребно е да се изврши масовно ловење со поставување на поголем број феромонски стапици (30-40 сада на ha), поставување на црни лепливи ленти во насадите на 20 до 30 сантиметри над земјата и покрај страните на заштитените простори.

МојаФарма: Какви се праксите по светот и дали постои целосна солуција на овој проблем?

Банџо Орешковиќ: Едноставно и брзо решение не постои. Процентот на успешност во справување со тутата ќе зависи од навремена примена на сеопфатни мерки за заштита, односно интегрален пристап во заштитата. Тоа ги вклучува сите погоре наведени мерки, во однос на превенција и мониторинг, но и употреба на биолошки мерки, предаторски инсекти како Macrolophus pygmaeus, инсективорни нематоди како Steinernema carpocapsae био-инсектициди како спори од Bacilus thurigiensis. Плодоредот е мошне значајна мерка за намалување на популацијата на овој штетник, никако не требе да се сади домат, модар патлиџан и компир едно по друго на иста површина.

Инсектицидните третмани требе да се употребуваат само за корекција во текот на одгледувањето, а никако не требе да бидат основна мерка за контрола на овој штетник, бидејќи овој штетник брзо развива резистентност и тоа ја прави хемиската заштита многу комплицирана. Посебен проблем при хемиската заштита претставуваат и зголемените барања на здруженијата за заштита на потрошувачите во однос на резидуите на плодовите за свежа консумација. Големиот број на хемиски третмани зад себе оставаат резидуи од пестициди поради што ваквите производи тешко се пласираат, а посебно е отежнат пласманот во земјите од Европската унија каде што контролата на резидуи на прехрамбените производи е задолжителна.

МојаФарма: Дали мислите дека ќе се изнајде конечно и ефективно решение за искоренување на овој конкретен проблем во иднина?

Банџо Орешковиќ: Искоренувањето на овој штетник, откако ќе се одомаќи во некој регион со поволна клима е невозможно, или поточно, економски неисплатливо. Затоа во светски рамки, земјите во кои тутата сеуште не е присутна се трудат преку ригорозни карантински мерки да оневозможат нејзино влегување на нивна територија. Земјите во кои е веќе одомаќена работат на откривање и примена на мерки кои ја намалуваат популацијата на овој штетник под праговите на штетност. Како пример ќе ја земам Шпанија, една од десетте најголеми производители на домати во светот и земја каде што овој штетник беше за прв пат утврден во Европа. Министерството за земјоделство на Шпанија, заедно со регионалните Министерства на регионите Екстремадура и Андалузија финансирале повеќе проекти за примена на биолошки мерки за сузбивање на овој штетник, но и за едукација на производителите за примена на интегрална заштита при одгледување на доматот и други градинарски култури. Овој пристап довел до зголемување на квалитетот и приносите кај доматот и другите градинарски култури.

МојаФарма: Какви совети би им дале на македонските произведувачи на домат со обзир на моменталната технолошка развиеност при производство на домат? 

Банџо Орешковиќ: Да ги користат сите можности за намалување на популацијата на штетникот.

  • Да се применува плодоред во кој културите домаќини на Тута не се одгледуваат една по друга на иста површина.
  • Просторот околку оранжериите треба да се одржува чист од плевели, особено од плевели кои можат да бидат алтернативи домаќини на овој штетник.
  • Секогаш да користат здрав посадочен материјал.
  • Да вршат постојан мониторинг на засеаните површини со помош на феромони, црни ловни мамци поставени на 20 до 30 сантиметри над почвата и со прегледување на листовите на доматите (тутата секогаш почнува да се храни на листовите од доматот)
  • На почетокот од вегетацијата механички да ги отстрануваат нападнатите делови од растението и веднаш да ги уништуваат.
  • Да почнат да користат природни непријатели за намалување на популацијата на тутата уште од почетокот на вегетацијата.
  • Да користат биолошки препарати како Bacillus thuringiensis, препарти врз база на растителни масла како портокалово масло или масло од растението Ним (веќе се регистрирани во нашата земја).
  • Кога се користат класични пестициди, да се обрати внимание да не се користи иста активна материја повеќе од два пати во вегетацијата.
  • По завршување на вегетацијата што е можно побрзо да се отстранат остатоците од растенијата од површината и безбедно да се уништат.
  • Доколку во текот на вегетацијата била забележана побројна популација од тута, да се изврши стерилизација на почвата (најдобро и најевтино е да се изврши соларизација на почвата).

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости