Како витаминот А влијае врз развојот на животните во сточарското производство

Како витаминот А влијае врз развојот на животните во сточарското производство

  

Ако сте сточар кој одгледува поголем број на говеда особено во периодот кога има и млади единки треба да внимавате на нивната исхрана за да не дојде до недостиг на витамин А. Овој витамин може лесно да се надомести со многу природни состојки во исхраната на говедата. Не ретко се случува животните што се одгледуваат во сточарското производство да имаат недостаток на витамин А кој особено има огромно значење кај животните со сложен систем за варење како што се говедата.

Недостатокот на витамин А пред сè се темели на неизбалансирана исхрана каде што во голем дел од годината говедата се хранат со смеси кои што имаат големи количини на концентрат, пасишта кои што имаат малку зеленило или пак со пресушено сено (сено што долго време било изложено на сонце и високи температури). Во растителната исхрана не постои форма на витамин А која што веднаш има дејство врз здравјето на животните, туку постојат т.н. провитамини (алфа, бета и гама каротен) кои по внесувањето се претвораат во искористлива форма на витамин А. Од друга страна, внесувањето на поголеми количини на нитрати или нитрити преку исхраната може негативно да влијае врз процесот на трансформација од провитамин во витамин и на тој начин да се јават симптоми од недостаток на овој витамин.

Симптомите  најчесто се изразени кај младите единки во вид на успорен раст и општо слабеење. Возрасните единки се прилично отпорни при краткорочни недостатоци од овој витамин поради тоа што во нивните црни дробови веќе имаат складирано одредени количини.

Недостаток од витамин А може да предизвика неправилно работење на нервниот систем кој резултира со некоординираност во движење, грчеви и парализа. Исто така, може да предизвика и ноќно слепило, односно намалена видливост во текот на ноќта. Кај машките единки влијае врз плодноста и предизвикува дегенерација на клетките во спермата.

Внесувањето на доволни количини од витамин А позитивно влијае врз благосостојбата на животните и на општиот имунитет на стадото. Најголемо ниво на витамин А може да се најде во рибино масло, млеко и морков. Од крмните растенија најмногу е застапен во детелината и луцерката.

 

Категории: Сточарство